Откако минатата недела ги преживеа двете гласања за недоверба, претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, утре треба да пристигне во земјава во рамките на нејзината западнобалканска турнеја, при што на сите им е јасно дека уште еднаш ќе ги повтори истите мантри – реформи, исполнување на договореното и вашата иднина е во ЕУ.
Тоа е сѐ што од неа слушавме уште од времето на нејзиниот прв мандат, а нема зошто истото тоа да не важи и сега, бидејќи во суштина не се сменил европскиот пристап кон земјите кандидати, млатење празна слама и подзалажување со финансиски трошки колку да се задржи европското влијание тука.
Една работа е тоа што претседателката на ЕК доаѓа во земјава на четири дена пред одржувањето на првиот круг од локалните избори, што некој може да го сфати и како испраќање некаква порака и влијание, но друга работа е што таа и тука настапува исклучиво од позиција на заштита на интересите на земјите членки, без оглед колку овие интереси се спротивни на европските вредности. Во ред е, секако треба да ги штити интересите на земјите што се дел од ЕУ и тоа се очекува од неа, но само ако тие интереси генерално се поврзани со промовирање на европската идеја, а не со проблемот што некоја земја членка го има со идентитетот, јазикот, историјата и културата на еден народ што тежнее да стане дел од ЕУ. Бранењето на таквата позиција е неевропска политика и затоа посетата на Фон дер Лајен сигурен сум дека ќе биде обична, протоколарна, колку да се рече дека не нѐ одминала.
А токму поради напуштањето на таквите европски позиции еден по еден почнаа да паѓаат несудените европски лидери. Најпрво оној што себеси се сметаше за легитимен наследник на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон, ја загуби сета можна поддршка што ја имаше и дома, а не, пак, надвор. Според некои анкети, неговата популарност паднала на најниските можни нивоа, така што изгласувањето на новата скрпена француска влада со истиот премиер што пред некој ден поднесе оставка е обично купување време од страна на Макрон, да не мора да распишува избори за кои е сигурен дека катастрофално ќе ги загуби. Ако неговата политика е оценета од Французите, но и од Европејците како целосно погрешна, тогаш повеќе од извесно е дека е погрешен и неговиот „француски предлог“ бидејќи не само што не ги реши македонско-бугарските недоразбирања туку уште повеќе ги продлабочи. Прво, откако ги убедуваше македонските граѓани дека по смената на името веќе нема да имаат пречки на патот кон ЕУ, за кратко се премисли и му текна да крои некаква нова пристапна методологија. За некој да биде лидер, основна работа е да држи до својот збор.
Кога веќе ѝ вети на Македонија почеток на преговорите, тогаш требаше да биде доследен и да каже: да, нова методологија, но Македонија ќе ги почне преговорите веднаш бидејќи јас им ветив преговори на македонските граѓани и си стојам на својот збор. Ама не си достоја, како што не достоја ниту на ветувањата дадени на Французите за една силна Франција, која ќе ја предводи Европа. Од тоа ништо не испадна, па дури и една Ангела Меркел реши да ја батали пензијата и да се врати во политиката оти гледа како европскиве либерални елити го насукуваат европскиот брод, кој, вака како што тргнало, нема да остане само насукан туку брзо ќе потоне како „Титаник“, скршен на два дела, старото богато раскошно јадро на една страна, а машинскиот посиромашен дел на друга страна. Како и да е, сите ќе бидат на дното.
Но кога некој ќе се појави на хоризонтот како можен нов европски лидер, веднаш се наоѓаат центри што вложуваат максимални напори и ресурси истиот тој да го дискредитираат. Да, говорам за италијанската премиерка Џорџа Мелони, која потенцијално би можела да се вклучи како олеснувач за надминување на бугарската блокада на македонските евроинтеграции. Евентуалната нејзина медијација за некого е крајно непосакувана имајќи го предвид нејзиниот суверенистички пристап, односно правото на секоја држава да гради сопствен идентитетски наратив, да ги брани своите интереси и да ги темели евроинтегративните процеси исклучиво на исполнувањето на Копенхашките критериуми. Затоа за некого Мелони е непосакувана бидејќи јасно кажува дека Европа застранува од сопствените вредности и принципи, непотребно се милитаризира, си ја уништува сопствената економија и затоа ја нема никаде во глобалните процеси на одлучување. Дури и онаму каде што ја има, само куртоазно е поканета да гледа и да слуша, без право на глас. Или, народски кажано, има слика, нема тон.
Затоа и никого не треба да го зачудуваат резултатите на секои избори низ Европа каде што победуваат луѓето што на прво место ги ставаат сопствените земји наместо политиките на Брисел. Тоа не е од инает, туку затоа што веќе никој не ги препознава оние европски политики поради кои нивните земји влегоа во ЕУ, а кои подразбираа почитување на суверенитетот и интересите на секоја земја, но и почитување на европските критериуми за кои се обврзале при пристапувањето. Сега нема ништо од тоа, Брисел се однесува како еден центар што на сите ќе им наредува што да прават, надвор од она што се европски рамки, туку само во согласност со плановите и сценаријата на некои либерални кругови.
И одеднаш тоа не поминува, а не поминува затоа што никој не сака команданти. Никој не сака некој да му кажува што да прави, односно да прави нешто свесен дека поради тоа ќе страдаат неговиот народ и земја. Поминаа децении, луѓето сега не се толку наивни, никој не сака да си го турка народот во туѓи војни само за некој друг да заработува од тоа.
Затоа убаво е што Фон дер Лајен ќе дојде утре, како добри домаќини ќе ја дочекаме и ќе ја сослушаме, но таа како човек што е на најмоќната функција во Европа треба да почне да нуди решенија за проблемите, без да зазема страна. Ако во ЕУ веќе почна сѐ погласно да циркулира иницијативата за укинување на консензусот, тогаш нека се работи на модалитети како да се направи тоа. Има паметни луѓе што можат да најдат решение и за противењето на некои земји членки, односно да се утврдат точни правила што ќе се гласа со консензус, а што не. Па, и секое македонско семејство дома заеднички одлучува на пример за купување куќа или стан, но не мора сите да одлучуваат дали да се купат две кила или три кила леб. Така е и со проширувањето. Не мора консензус за тоа дали ќе почнеме да отвораме поглавја, но нека го има за глобалните европски надворешни политики, за европската економија, односно за најкрупните прашања. Нека разработат некој таков модел на крајот од краиштата.
Редно е работите да почнат да се менуваат и можеби такви пораки одовде треба да бидат испратени и до Фон дер Лајен, дека сѐ додека ЕУ не се врати на своите изворни принципи, ѝ се заканува истата судбина на „Титаник“. Можеби и европските елити во Брисел треба малку подобро да погледнат дека одбивањето на уставните измени не е поради некаков македонски инает, туку поради европската непринципиелност што толку пати ја почувствувавме врз својот грб. Како и да е, ние секако ќе бидеме дел од Европа бидејќи и онака географски сме тука, а тоа го покажуваме и со дела.
Ги градиме европските коридори 10 и 8 со наши пари, влеговме во европскиот платежен систем, одамна сме дел од европската енергетска мрежа, надворешната политика и законите ни се целосно усогласени, така што претседателката на ЕК утре може без никаква грижа на совеста да каже дека земјава е подготвена од 1 јануари 2026 година да стане полноправна членка, поподготвена дури и од некои актуелни земји членки. Секако нема да го каже тоа, но убаво е и да се помисли на такво нешто бидејќи реално ние со ЕУ под радарот преговараме веќе 25 години.
На крајот, ние сме отворени за сите посети, на разговори, на размена на аргументи затоа што сакаме да најдеме решение што ќе биде во духот на вистинските европски вредности, а не под притисок на оние што наметнуваат билатерални проблеми во ЕУ. Кога Фон дер Лајен, Макрон, Мерц и другите претенденти на европскиот трон ќе го увидат тоа, можеби и европскиот „Титаник“ навреме ќе ја забележи сантата мраз кон која забрзано плови.