Тетката од Германија и македонскиот „Ден на мрмотот“

Немам намера да ја навредам претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, споредувајќи ја со тетка од Германија, но нејзината завчерашна посета на Скопје наликува на ваквата типична роднинска приказна, која речиси секое семејство на Балканот во одредена мера ја искусило и со која може да се идентификува. Овој пат „тетката“ дојде со ветувања дека ќе даде големи пари, но не пропушти ниту да ги потсети своите домаќини на наметнатите обврски, чие исполнување го бара во име на други. Ги испофали Балканците дека работат вредно и се усогласени со нејзините очекувања, за потоа да ги „боцне“ со коментари за кои знае оти тие не сакаат да ги слушнат

Кога тетката од Германија доаѓа во посета на Балканот, се очекува да им тутне некое евро на домаќините, покрај чоколадите и можеби неколкуте парчиња облека донесени на подарок. Тој адет се подразбира, особено бидејќи таа постојано се фали за убавините и богатството што ги има на Запад, додека упорно ги уверува Балканците дека и тие самите некогаш ќе успеат да ја видат таа ветена земја, ако ја слушаат неа. На домаќините им е здодеано од нејзините забелешки и ветувања, но веќе се отрпнати бидејќи ги слушаат секогаш кога ќе ја видат. Овој пат тетката дојде со ветувања дека ќе даде големи пари, но не пропушти ниту да ги потсети своите домаќини на наметнатите обврски, чие исполнување го бара во име на други. Ги испофали Балканците дека работат вредно и се усогласени со нејзините очекувања, за потоа да ги „боцне“ со коментари за кои знае оти тие не сакаат да ги слушнат.
Немам намера да ја навредам претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, споредувајќи ја со тетка од Германија, но нејзината завчерашна посета на Скопје наликува на ваквата типична роднинска приказна, која речиси секое семејство на Балканот во одредена мера ја искусило и со која може да се идентификува. Таа ја испофали Македонија, најавувајќи дека земјава би можела да добие над 750 милиони евра од Планот за раст на ЕУ, понуди помош при евроинтеграциите, убедуваше дека проширувањето на Унијата останува приоритет, но во неколку наврати го нагласи спроведувањето на уставните измени како обврска на патот кон европскиот блок.
И при претходната посета на Скопје пред нешто повеќе од една година, претседателката на Европската комисија имаше пофалби за Македонија, уверувајќи дека земјава е на добар пат, како и оти таа со нетрпение очекува да ја „пречека“ во ЕУ. Во однос на очекувањата за уставни измени, Германката тогаш ни спакува „посебен идентитет“, при што се запрашавме дали така се изразила оти ни самата не знае како веќе да го нарече овој народ тука, кој со години е предмет на идентитетски инженеринг од сите страни.

Сагата на Македонија со повторувањето на истите пораки при посетите на Фон дер Лајен на извесен начин потсетува на познатиот филм „Денот на мрмотот“ од 1993 година, во кој метеорологот Фил Конорс (го глуми Бил Мареј) го доживува истиот ден одново и одново, бескрајно повторувајќи го 2 февруари. Неговиот свет секојдневно е исполнет со исти луѓе, но тие не знаат (или во случајот на Фон дер Лајен, можеби не сфаќаат) дека „Денот на мрмотот“ постојано се повторува.
Брисел покажува непринципиелност при проширувањето, додека бара отстапки, компромиси и поднесување жртви од земјите кандидати, без да ги исполни сопствените дадени ветувања. Таквата нефер практика ја увидоа и ја искусија сите заглавени во чекалницата на ЕУ, меѓу кои е и Македонија. Еве и сега Брисел си доделува право на донесување одлуки според слободна процена при давањето на парите од Планот за раст, со што останува нејасно што треба да се сработи за да може земјата да ги добие предвидените средства.

Сагата на Македонија со повторувањето на истите пораки при посетите на Фон дер Лајен на извесен начин потсетува на познатиот филм „Денот на мрмотот“ од 1993 година, во кој метеорологот Фил Конорс (го глуми Бил Мареј) го доживува истиот ден одново и одново, бескрајно повторувајќи го 2 февруари. Неговиот свет секојдневно е исполнет со исти луѓе, но тие не знаат (или во случајот на Фон дер Лајен, можеби не сфаќаат) дека „Денот на мрмотот“ постојано се повторува

Пораките упатени до Македонија не влијаат охрабрувачки, со што се чини дека ЕУ не се ни труди да го зачува својот кредибилитет во регионот. Дури ни во ситуација кога е ставен на тест и со важните политички процеси со уште два аспиранта за влез во европскиот блок – Молдавија и Грузија. Тесниот референдумски резултат во Молдавија во полза на членството на земјата во ЕУ укажува на недоверба во европските политики, а следниот предизвик за проширувањето на Унијата ќе биде на парламентарните избори во Грузија што ќе се одржат денеска.
ЕУ со години, можеби и без реално покритие, беше уверена дека нејзината агенда ќе ги привлече Кишинев и Тбилиси кон Западот, но резултатот од референдумот во Молдавија и анкетите за претстојните избори во Грузија ги разбиваат таквите оптимистички погледи на Брисел, што го признаваат и западните медиуми. Актуелната ситуација треба да претставува повод за Унијата да ги преиспита своите методи, процеси и реторика, за да се обиде да ја врати загубената доверба меѓу земјите кандидати за членство.