Се вели дека непочитувањето на Уставот и законите што се во спротивност со уставниот поредок доведуваат до неизвесност и правен хаос. Секоја пресуда или закон што се неуставни, сами по себе, се ништовни од самиот почеток, односно немаат правна сила, како што беше донесувањето на Законот за примена на јазиците, закон што по автоматизам доведе до забуна кај македонските граѓани, но и кај пониските судови и институциите што се обидоа да го применат овој закон. Ова е совршен пример дека непочитувањето на Уставот, односно донесувањето закони што немаат правна сила доведува до одредено кочење и нефункционирање на македонската држава. Доколку сакаме нормално функционирање на уставниот предок на Македонија, сите досегашни неуставни законски решенија треба да бидат поништени
За старите мудреци законите и правдата не биле само технички правила туку напротив – тие биле ткаенина што го обединувала општеството. За нив, законите и правдата во суштина биле отелотворување на мирот и поредокот, со други зборови спречувале да се распадне државата. Платон ја воздигнал правдата од обична општествена корист до највисока морална доблест, а за Аристотел правдата била доблест што се манифестира како почитување на законите и обединувач на сите морални достигнувања во општеството, но и механизам дека граѓаните ќе работат за општото добро.
Во таа смисла можеме да го разбере и македонскиот Устав, бидејќи тој е највисокиот извор на македонското право и го воспоставува македонскиот уставен поредок, поредок што ги обврзува сите други закони и ги води начините на кои македонската јавна власт може легитимно да се врши. Со други зборови, македонскиот устав е многу повеќе од збир на закони, тој ги заштитува правата и ја распределува моќта, но и јасно нотира дека никој во Македонија не може да биде над законот, без разлика дали станува збор за претседателот на државата или обичниот граѓанин. Од друга страна, македонскиот Устав може да се разбере и како „сопирачка“, бидејќи политичките одлуки треба да поминат низ повеќе пречки, како што се ветото или судската ревизија. На тој начин македонскиот Устав им обезбедува на македонските граѓани правна основа за спротивставување на злоупотребите. Оттука, не смееме да заборавиме дека македонската правда и македонската уставност се неразделни бидејќи македонскиот устав не само што утврдува кој владее и како туку ги опфаќа и правата, должностите и ограничувањата што се осмислени да гарантираат праведност и заштита на индивидуалното достоинство, но и да ја ограничат произволната моќ.
Но македонските граѓани досега неколкупати беа сведоци на произволни политички одлуки, кои доведоа до незаконски и неуставни одлуки, како што беше Законот за територијална поделба, закон што беше нетранспарентен и спротивен на волјата на македонските граѓаните, или неуспешниот референдум од 2018 година, бидејќи повеќе од половина од вкупниот број граѓани запишани во избирачкиот список не гласаа, но сепак беше променето уставното име на Македонија. Во тој правец беше и Законот за употреба на јазиците бидејќи македонскиот Устав јасно вели дека македонскиот јазик е службен јазик во македонската држава, а службена употреба може да има и јазик на другите националности, но во единиците на локалната самоуправа, а не на целата територија на македонската држава, нешто што беше нарушено со споменатото законско решение.
Прекршување на Уставот и уставниот поредок се направи и со пописот, нешто што беше нотирано и од самиот македонски Уставен суд, кој во својата одлука, меѓу другото, вели дека „означените делови од методологијата не се во согласност со темелната вредност на нашиот уставен поредок – владеењето на правото, кое е уредено со членот 8 став 1 алинеја 3 и уставната обврска сите прописи да се усогласат со законите и Уставот, уредена со членот 51 од Уставот, потоа членовите 6, 7 и 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите“, како и дека „директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт (методологијата) извршил категоризирање на резидентно и нерезидентно население, за што нема законско овластување“.
Тука ќе направиме мала дигресија бидејќи одлуката на македонскиот Уставен суд е правно оперативен акт, а не форум за отворена дебата (особено не за политички набиени коментари), и ќе се насочиме кон нешто друго.
Се вели дека непочитувањето на Уставот и законите што се во спротивност со уставниот поредок доведуваат во неизвесност и правен хаос. Секоја пресуда или закон што се неуставни, сами по себе, се ништовни од самиот почеток, односно немаат правна сила, како што беше донесувањето на Законот за примена на јазиците, закон што по автоматизам доведе до забуна кај македонските граѓани, но и кај пониските судови и институциите што се обидоа да го применат овој закон. Ова е совршен пример дека непочитувањето на Уставот, односно донесувањето закони што немаат правна сила доведува до одредено кочење и не функционирање на македонската држава. Доколку сакаме нормално функционирање на уставниот предок на Македонија, сите досегашни неуставни законски решенија треба да бидат поништени.
На самиот крај, последната одлука на македонскиот уставен суд можеби е шанса за започнување процес што ќе доведе до делегитимирање и делегализирање на сите досега донесени погрешни, противуставни и противзаконски одлуки, одлуки што беа политички мотивирани. Ова е потребно бидејќи доколку сакаме Македонија да биде држава во вистинска смисла на зборот, мора да се делегитимира сѐ што е незаконско и неуставно!