Судска „ферија“ – „ферија“ и за корупцијата?!

„Прифатливоста“ на стекнатата навика кај граѓаните и општеството да се приспособуваат на аномалиите во функционирањето на правната држава, во услови на т.н. хронична недоверба, само по себе е неприфатлива состојба. Неприфатлива за државата, за граѓаните, но и за евроинтегративните процеси на Македонија, кои иако се блокирани од порано со билатерални политички уцени, токму слабостите во правосудниот систем (како корупцијата и организираниот институционален криминал) можат да бидат употребени како алиби-аргументи за секаков непринципиелен однос и апсурдни уценувања во текот на пристапувањето на земјата во ЕУ

Традиционално, но и законски, од 15 јули започнува судската ферија. Многу веројатно, тој момент во правосудната практика е „најнеприкосновениот доказ“ за независноста на судството. Без оглед на каква било промена на власта, обиди за какви било влијанија (надворешни или внатрешни) – судската ферија најдоследно се спроведува. Имено, според закон, годишните одмори во судовите траат од 15 јули до 15 август. Правото на годишен одмор на судските службеници е уреден со Законот за судска служба и Законот за судовите. Во согласност со одредбите од чл. 72 ст. 2 од Законот за судовите, за време на годишните одмори во судовите од прв степен се извршуваат само нужни работи, и тоа: истраги и судења во кривични предмети кога обвинетиот е во притвор и во кривични предмети на странките што не живеат во Република Македонија; предмети за примена на привремени мерки; менична тужба; спорови за објавување исправка на објавена информација; прекршочни предмети од итна природа…

Со почетокот на судската ферија, се чини дека некако стивнуваат и оние дебати, препораки и најави за сериозни зафати во борбата против корупцијата, како неопходна инвестиција за владеење на правото и етаблирање на правната држава. Дури и сите оние што се дел од правосудниот систем како да чувствуваат дека можат да здивнат од сите оние најави за реформи во судството, кои најблаго кажано ги чувствуваат како притисок, од каква и да е природа. А најголемиот „притисок“ дека нешто треба да се менува во правосудството е фактот веќе со години (три-четири најмалку), довербата на јавноста во оваа трета (теоретски независна) власт не се поместува од, за некаде скандалозни, 2-3 отсто, но во Македонија се чини како да се навикнавме таквата состојба да ја сметаме за „прифатлива“.

„Прифатливоста“ на стекнатата навика кај граѓаните и општеството да се приспособуваат на аномалиите во функционирањето на правната држава, во услови на т.н. хронична недоверба, само по себе е неприфатлива состојба. Неприфатлива за државата, за граѓаните, но и за евроинтегративните процеси на Македонија, кои иако се блокирани од порано со билатерални политички уцени, токму слабостите во правосудниот систем (како корупцијата и организираниот институционален криминал) можат да бидат употребени како алиби-аргументи за секаков непринципиелен однос и апсурдни уценувања во текот на пристапувањето на земјата во ЕУ. Затоа, реформите во судството, како трет столб на власта, во смисла на воспоставување доследност и принципиелност во борбата против корупцијата мораат секогаш да бидат приоритет и да имаат континуитет во секојдневното функционирање на институциите на државата.

Токму во пресрет на почетокот на судската ферија во Македонија беа отворени барем две дебати за потребата од реформи во правосудниот систем – една во контекст на потребата за (не)радикален пристап при реформирањето на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, а другата околу справувањето со последиците од последните измени на Кривичниот закон, кој практично овозможува неказнивост, односно побрзо застарување на кривичните дела поврзани со институционална корупција.

По низата негативни и недостоинствени случувања при избори и во работата на највисоките правосудни тела, како Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, на што реагираа дисциплински и претставниците на дипломатскиот кор во земјава, во новоформираната македонска влада се размислува за своевидно радикално расчистување со таквото функционирање на овие тела (на работ на правната етика) – со нивно првично расформирање и повторно воспоставување според нов закон. И покрај претходно искажаните критики, преземените „дисциплински“ мерки (запирање средства за проекти) и поставени препораки од Оценската мисија на ЕУ токму за овие тела во судскиот систем, претставниците на дипломатскиот кор во Македонија сега сметаат дека нивното распуштање сепак е прерадикален чекор, што би можело да доведе до загрозување на независноста на судската од страна на извршната власт. Па дури и евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир, нагласи дека доколку тоа се случи – „може да предизвика сериозна загриженост кај Европската Унија“. Сепак, истовремено се нагласува и потребата да се продолжи со брзи внатрешни реформи во судството, без мешање од страна на политичките структури, но пред сѐ и да се врати довербата на граѓаните во судскиот систем. Како и да е, сложена е равенката за правосудството и извршната власт, но и за оние помагатели „однадвор“ во задачата за враќање на довербата кај македонските граѓани во правниот систем и владеењето на правото. Задачата изгледа сложена, со оглед дека сите актери вклучени во процесот на враќање на довербата и независноста на третиот столб на власта (правосудството) веќе имаат одредена историја со неуспешни проекти веќе спроведени со таква цел.

Веројатно, најнеуспешниот проект, кој создава најголеми резерви кај македонските граѓани во искреноста на намерите за борба против корупцијата е оној на специјалното јавно обвинителство, кој заврши како целосна негација на декларираните заложби и верба во неговата целисходност. Последните измени на Кривичниот законик, донесени минатата година, неколку месеци пред парламентарните и претседателски избори, одржани во мај годинава, прават почетната позиција на борбата против корупцијата во Македонија да биде уште едно ниво пониско од некоја замислена „нулта позиција“ на правдата.

Предизвикот за сите чинители што влегуваат во процес на враќање на довербата во правосудните институции изгледа навистина сложен, иако решението изгледа едноставно – почитување на законите и еднаквост на сите пред законот! Сложеноста се чини произлегува од појавата – дека за разлика од судските власти, корупцијата никогаш не оди на „ферија“ (на распуст)!