Штом НАТО ја нагласува својата посветеност кон независноста и суверенитетот (овој пат на Украина), дали е невозможно за НАТО со својот нов „политички компас до 2030 година“ да искаже посветеност кон истите перемпторни (јус когенс) вредности (врховни норми) на меѓународното право и за својата членка – Македонија, не за „Северна Македонија“? Дипломатската офанзива и лоби-активностите за враќање на своето вистински уставно и генеричко име Македонија меѓу НАТО, напоредно со своето доследно извршување на обврските на членка на Алијансата, државно-политичкото раководство на македонската држава (треба да) ги потпира, значи, врз новиот „Стратегиски концепт до 2030 година“, како и врз самиот Основачки договор на НАТО. Барајќи принципиелност, еднаквост и во обврските и во правата како за сите 32 држави членки на Алијансата така и за нашата држава
Согласни се меѓу себе и Вашингтон и Брисел дека е потребна ревизија на трансатлантскиот пакт, на НАТО. Ова заедничко сознание и согласност од концептуално ниво, од ниво на концепции за периодот, што следува, веќе се преточуваат во конкретни нови стратегиски концепти и за самата улога, поставеност и дејствување на НАТО, и за самата нова европска безбедносна архитектура, која практично веќе е скроена во бриселската централа на ЕУ од нејзините политички, безбедносни и воени експерти. Колку и да звучи неверојатно, токму започнатата ревизија на трансатлантскиот пакт, на НАТО, отвора сериозен простор, по пет години членство на нашата држава во НАТО, немерливо скапо платено со промената на нејзиното име, за отпочнување дипломатска офанзива за враќање назад на името Македонија! „Нова Македонија“ во вчерашниот број поопширно информираше каква своја „стратегиска безбедносна автономија“ си осмислува ЕУ во однос на САД и на НАТО: дали да конституира свое „европско НАТО“ или „европска одбранбена унија“ или да преземе улога како „столб на НАТО“, ако Трампова Америка се реши да го напушти НАТО, односно ако се повлече од европскиот континент. НАТО, пак, уште од 2021 година започна да го изготвува својот нов „Стратегиски концепт 2030“, кој ги дефинира политичкиот компас и деталното воено планирање на Алијансата во следните пет години.
Во својата анализа со наслов „Стратегискиот концепт на НАТО за седумдесет и петтиот роденден“, објавена во бројот за јули-август 2024 година на стручното списание на Армијата на САД, „Милитари ривју“, д-р Џон Р. Дени, истражувач-професор по безбедносни студии во Институтот за стратегиски студии на Воениот колеџ на САД, и д-р Стен Рининг, директор на Данскиот институт за напредни студии и професор по воени студии на Универзитетот во Јужна Данска, донесуваат констатации што се од директно значење за нашата земја и можностите за нејзини активности не само на воен туку и на политички план, во контекстот на започнатата трансформација на НАТО за ефективно водење и можно успешно завршување на споменатата дипломатска офанзива за бришење на „северна“ од името на македонската држава.
„Основачкиот договор на НАТО е фокусиран на определбата на сојузниците ‘да ги зачуваат слободата, заедничкото наследство и цивилизацијата на нивните народи, засновани врз принципите на демократијата, индивидуалната слобода и владеењето на правото’. Новиот рамковен документ во овој поглед е ‘Стратегискиот концепт на алијансата’, кој го поставува политичкиот компас на НАТО и кој го води деталното воено планирање на Алијансата“, нагласуваат овие два воено-безбедносни експерта во својата спомената аналитичка статија.
Според нив, „НАТО мора критички да ги разгледа политичко-воените основи на својот стратегиски концепт“. „Конечно, војната покажа дека универзалните вредности на Западот, вклучувајќи ги и фундаменталните концепти како државниот суверенитет и човековите права, не се универзално споделени…“, заклучуваат д-р Џон Р. Дени и д-р Стен Рининг.
Имајќи ги предвид укажувањата на овие два високопозиционирани експерта, што треба да направи Република Македонија, лобирајќи меѓу сите 32 членки на НАТО, но посебно кај својот стратегиски партнер САД, но и кај Унгарија и Турција поодделно? Штом Основачкиот договор на НАТО е фокусиран на определбата на „да ги зачуваат слободата и цивилизацијата на нивните народи, засновани врз принципите на демократијата, индивидуалната слобода и владеењето на правото“, нели ова важи за слободата и цивилизацијата на македонскиот народ и сите други граѓани на Македонија, на нивната индивидуална слобода, а што е сега-засега толку брутално згазено со Преспанскиот договор? Штом НАТО ја нагласува својата посветеност кон независноста и суверенитетот (овој пат на Украина), дали е невозможно за НАТО со својот нов „политички компас до 2030 година“ да искаже посветеност кон истите перемпторни (јус когенс) вредности (врховни норми) на меѓународното право и за својата членка – Македонија, не за „Северна Македонија“? Дипломатската офанзива и лоби-активностите за враќање на своето вистинско уставно и генеричко име Македонија меѓу НАТО, напоредно со своето доследно извршување на обврските на членка на Алијансата, државно-политичкото раководство на македонската држава (треба да) ги потпира, значи, врз новиот „Стратегиски концепт до 2030 година“, како и врз самиот Основачки договор на НАТО. Барајќи принципиелност, еднаквост и во обврските и во правата како за сите 32 држави членки на Алијансата така и за нашата држава.
„Нова Македонија“ се осврнува и на научната студија со наслов „НАТО 2030 – кон нов стратегиски концепт и понатаму“, издадена од Школата за напредни меѓународни студии на Универзитетот „Џон Хопкинс“ од САД во 2021 година, која содржи исто така важни насоки, зацртани во новиот стратегиски концепт за дејствувањето на НАТО во следните пет години, не само на воен туку и на политички план.
– НАТО мора да обрне внимание на интегрирањето на идеите на новите генерации за заеднички вредности, за заедничките интереси и заедничката судбина – нагласува во оваа студија д-р Рејчел Ризо, експерт за европска безбедност и за НАТО во аналитичкиот центар „Атлантски совет“ од САД.
„НАТО се разви не само во робустен одбранбен сојуз туку и во заедница на вредности. Но одбранбените сојузи умираат кога ќе го изгубат заедничкиот непријател или нивната способност да се одбранат од него – вредните заедници умираат кога нивните вредности повеќе не се истакнати или споделени“, предупредува д-р Трине Флокхарт, професор по безбедносни студии во Школата за транснационално владеење на Европскиот универзитетски институт во Фиренца, во Италија, која е и кодиректорка на Центарот за воени студии на Данскиот институт за напредни студии.
Појасно кажано, овие експерти посочуваат дека НАТО е заедница на вредности, а тоа најдиректно значи дека во следните години ќе треба и ќе може да се инсистира и македонските вредности (што се темелат на универзалните вредности и норми, што се по дефиниција највисоки („перемпторни“) обичајни норми, правила и принципи посилни од диспозитивното т.е. пишано право (jus dispositivum), вклучувајќи ги и нормите содржани во уставите (на држави) и меѓународните договори и конвенции и што не се подложни на дерогирање, а тоа се: правото на самоопределување и интегритетот, правото на државен и територијален суверенитет и интегритет, правото на политичка назависност, правото на државна и народна самоодбрана, правото на недискриминација на државите, правото на заштитата на основните човекови поединечни и колективни права, и слични егзистенцијални права… Овде спаѓаат и вродените права, од кои држава и да сака не може да се откаже со пишан документ, односно закон, устав или меѓународен договор, бидејќи мора да ги поседува како држава (основните елементи на државност, односно права поврзани со правната должност држава да ги поседува и да не ги дерогира).
Е, токму тие конечно да дојдат до израз во новата реформирана трансатлантска заедница. А главната македонска вредност е токму името Македонија! Со споменатата дипломатска офанзива и дипломатски активности за враќање на името Македонија ќе мора да се бара и да се инсистира да се истакнуваат и да се споделуваат и вредностите на Република Македонија, меѓу кои дел од најважните се и толеранцијата, коегзистенцијата и стремежот за заеднички просперитет на сите граѓани на нашата држава.
„НАТО почива на значајна политичка кохезија меѓу сојузниците, што е чинител од клучно значење, фактор кон кој веќе се привлече Групата за размислување НАТО 2030 година“, се заклучува во студијата „НАТО 2030 – кон нов стратегиски концепт и понатаму“. Мора и Република Македонија да се повикува на таа политичка кохезија, не само со своите сојузници туку и на ниво на сите држави членки на НАТО и во своите напори да заземе достоинствено место и позиција во системот на Алијансата.
Свето Тоевски