- Сега сме сведоци на актуелни расправии, првенствено за ризиците и опасностите што можат да се јават од тековниот развој на технологијата, наспроти придобивките, конкретно од појавата на вештачка интелигенција (ВИ). Но, ако пребараме во минатото, секако ќе најдеме сведоштва за слични такви појави во различни периоди. Во доцниот 18 век, во 19 век и во почетокот на 20 век човештвото се соочи со индустријализација и урбанизација. Низ историјата, одредени периоди во кои кулминира напредокот во некоја област се сметаат за револуционерни или прогресивни, како што е случај со индустријализацијата, а веројатно и со вештачката интелигенција
Човекот има иманентна и насушна потреба за напредок, ама секогаш кога ќе се најде пред некоја голема трансформација, кај него веднаш како да се активираат механизми на самоодбрана и на скепса, па дури и на параноја од евентуалниот напредок и од тоа што го носи тој со себе. Некогаш таквото однесување е оправдано, иако речиси секогаш е придружено со драматизација. Но, луѓето изгледа отсекогаш се плашеле од новото и со недоверба гледале на промените што ги носи напредокот.
Сега сме сведоци на актуелни расправии, првенствено за ризиците и опасностите што можат да се јават од тековниот развој на технологијата, наспроти придобивките, конкретно од појавата на вештачка интелигенција (ВИ). Но, ако погледнеме во минатото, секако ќе најдеме сведоштва за слични такви појави во различни периоди. Во доцниот 18 век, во 19 век и на почетокот на 20 век човештвото се соочи со индустријализација и урбанизација. Низ историјата одредени периоди во кои кулминира напредокот во некоја област се сметаат за револуционерни или прогресивни, како што е случај со индустријализацијата, а веројатно и со вештачката интелигенција.
Стравот дека ВИ ќе му ги „земе“ работните места на човекот потсетува на сцените од Америка од крајот на 19 век, каде што со појавата на возот, луѓето од транспортниот сектор се плашеле дека ќе ги загубат работните места. Сепак, придобивките од промените се очигледни и многукратно поголеми и корисни.
Уметниците и писателите во своите стравувања од вештачката интелигенција се плашат за нивната судбина, а не за судбината на книжевноста или на уметноста. И тие ги споделуваат стравувањата на другите професии, од тоа дали ќе бидат заменети од ВИ, но самоутешно тврдат дека ВИ не може да ги замени, бидејќи новата технологија може да твори, но нема емоции. Тоа веројатно е точно бидејќи на писателите им се потребни животни искуства, предизвици, подеми, падови, им требаат внатрешна борба и реална приказна, им треба душа… Но, ако ВИ успее да создаде дела што публиката ќе ги чита и гледа и ќе ја воодушеват, тогаш уметноста ќе биде во изобилство, што не е така лошо. А ако некоја уметност исчезне, тоа само би значело дека е надрасната, дека за неа е најдена замена или е интегрирана во други уметности. Гледаме дека и сликарството наоѓа примена во визуелните уметности, во филмот, телевизијата итн.
Развојот и напредокот се карактеристични за целокупното постоење на човештвото, па според некои историчари на мислата, ниту средниот век не е толку мрачен период како што се стекнува впечаток од одредени генерализации, туку и тогаш биле забележани голем број новитети. Еве, ВИ веќе се покажува како корисна и во археологијата, каде што преку пронајдено парче од артефакт може да го реконструира целиот предмет.
Хегел смета дека текот на историјата секогаш победува, оти е невозможно да се запре и им се „појавува зад грб“ на оние што мислат дека им се испречуваат на промените. Модернизмот во значителна мера е резултат на стравот од промените. Пред сто години, кубизмот најексплицитно ги изразуваше отуѓеноста, кршењето и фрагментираноста на човекот и на животот. Тогаш тоа му се припишуваше на новото време. Дел од тоа веројатно и се исполни, а индустријализацијата и забрзаната урбанизација што ги создадоа големите градови на извесен начин донесоа отуѓување на човекот, кој дотогаш живееше во помали природни средини. Индивидуата барем првично ја изгуби вредноста во големите градови, природниот човек се отуѓи, се скрши и се фрагментира условен од новата реалност, ама на крајот, парадоксално, монструозноста што му се припишуваше на новото време ја произведе уметноста. Дури и во физичката стварност архитектурните дела, преку брутализмот во архитектурата, сѐ уште сведочат за една „параноја“ што ги произведе сите последици од кои се плашеа и за кои тврдеа дека ги носи новото време.
Ние допрва се запознаваме со вештачката интелигенција, согледувајќи ги нејзините квалитети и недостатоци, како и придобивките и штетите што ги носи, впрочем како и секоја друга модерна технологија, но не треба да носиме конечен суд и со страв да гледаме кон промените што се случуваат пред нашите очи. Тие се само континуитет на историските текови и на постојаната желба на човештвото за напредок и подобро утре.
Сотир Ристо