- НАТО е како холивудска мелодрама што може да се заврши со една позната реченица: се разведуваат поради непремостливи разлики. Тоа е денес Алијансата и затоа Трамп најавува излегување од воениот сојуз. Можно ли е тоа? Можно е, а за нас тоа ги отвора прашањето и старата жива рана – зошто го сменивме името? Старите велеа кај ти беа очите?
- Она што се случува со НАТО е предупредување за Македонија што може да се случи, но и што може да ја снајде и со ЕУ. Дали треба да се распродава тоа што остана како национално или треба да си го враќаме нашето, тоа што ни го раскрчмија и продадоа? Да си ја вратиме нашата Македонија со која се гордеевме. За да најдеме одговори и решенија на овие дилеми, а мораме брзо да го направиме тоа, затоа што тркалото на времето може немилосрдно да нѐ прегази, ни треба стратегиско партнерство дома
Насловот можеби е збунувачки, но е модерен. Денес сите зборуваат за геополитика и за стратегиски партнерства, што е нормално кога живееме во свет каде што владеат законите на џунглата. Ова го смислија и го наметнаа големите, затоа што им се може, бее! Бидејќи некој рече: меѓународно право не постои, а знаеме дека тоа го кажа Трамп, тогаш не треба да се имаат дилеми дека во таков свет без правни рамки и НАТО, значи Северноатлантската алијанса, може да го снема. САД ќе излезат од НАТО, порача американскиот претседател, и тој не е првиот претставник на Белата куќа што имал ваква идеја, но и намера. Филмот му беше пукнал и на демократот Бил Клинтон пред 30 години кога се подготвуваше да го обликува светот како глобален полицаец. Не ја извади Америка од Алијансата, но го смени балансот на силите во светот, па и ја бомбардираше СР Југославија од „морални причини“ и им беше лут на Европејците затоа што не придонесуваат во буџетот на НАТО. А од основањето на тој воен сојуз во 1949 година, па до ден-денешен многу нешта се сменија и се покажа дека Европа и САД не се компатибилни по многу прашања, не им се поклопуваат ниту интересите и јасно е дека апетитите на Американците растат и растат, а Европа нема желудник да го свари тоа. Дали е нужен развод меѓу САД и Европа во НАТО? Многу веројатно, а еден индикатор е и тоа што Америка лека полека излегува и од некои структури на ОН. Ова можно сценарио, пак, за Македонија отвора многу прашања, дилеми, но и стари рани при што се наметнува кошаркарскиот восклик: „Леле што направивме“! Во кошарката тоа беше победнички восклик на Влатко, во политиката ова е реченица на еден епски пораз на Македонија, во секој поглед. По реченицата леле што направивме треба да следува и народната – кај ни беа очите! Некој шаман рекол дека ако гледаш, не значи и дека можеш да видиш. Ова се однесува за политичарите, затоа што народот виде и тоа го потврди на неуспешниот референдум за смена на името при што станавме нова сурогат-држава. Простете ми на тешките зборови.
Лидерот на опозициската СДСМ, еве повторно на прес-конференции на глас ја истакнува „северна, та северна“, додека неговиот хрватски колега неодамна во Скопје зборуваше за Македонија и Македонците. Лекција по патриотизам.
Вашингтонската спогодба во членот 13 одредува дека по 20 години од основачкиот акт една членка може да ја напушти Алијансата и гледај сега колку станува интересно, па за тоа ќе треба да ја извести Америка како депозитар на договорот. Америка ќе ги извести САД дека излегува од НАТО, и тоа официјално ќе се заврши за една година (узус од Виенската конвенција за договорно право). Во Европа велат дека ова нема да се случи, дека Трамп ги менува ставовите прекуноќ (ова не е точно) и дека НАТО ќе продолжи да живее и оти Конгресот ќе го блокира тоа затоа што во 2023 г., гледај колку демократите биле антиципативни, донеле законска забрана претседателот да донесе унилатерално таква одлука. Но Трамп во интервју за британски „Телеграф“ потврди дека размислува сериозно за таа опција и дека тоа е од причини што е изгубена смислата на членот 5 од договорот, според кој, напад на една членка е напад врз сите. Во Европа велат дека во конкретниот случај, со војната против Иран, не може да се активира тој член, но јасно е дека некои членки, како Шпанија или Италија, им контрираат на Американците, па дури не им ги отстапуваат ниту базите. Холивудската реченица за ова гласи: се разведоа поради ненадминливи разлики. Потоа се дели имотот. Најболната фаза.
И таа наскоро би можела да почне, со тоа што учеството на САД во НАТО значително би се намалило и финансиски и во опрема и сила, а тоа ќе значи дека Трамп ќе ја продолжи политиката на МАГА, односно суверенизмот ќе го пренесе сериозно на европска почва и ќе се грижи исклучиво и само за своите национални интереси. Тогаш може да се очекува создавање регионални коалиции, еден нов безбедносен систем што ќе ја стресе Европа и по хоризонтала и по вертикала. Тоа што француските десничари, кои ја имаат локалната власт, сега ги вадат од општинските згради знамињата на ЕУ, е само почеток на еден процес во најава – повеќе национално, а помалку ЕУ-изам. Во политиката сè има цена, а особено висока ќе биде таа за оставање бришан простор на создателот на НАТО, токму таа Америка, со една цинична реченица: војната против Иран не е наша војна. И сега Европа ќе биде миротворецот и ќе преговара со Техеран за отворање на Ормуз. Со среќа. Велам со среќа затоа што ги знаеме какви преговарачи се преку војните при распадот на Југославија, и секако Украина, а ги знаеме какви се и со преговорите на Македонија за членство во ЕУ.
Кај нас уште нема критична маса за да ги тргне знамињата на ЕУ, кои станаа официјален декор (зошто, зошто?), но има погоден терен за да ги продолжи пожестоко суверенистичките политики. Ако еден ден, а тој ден ќе дојде, НАТО се распадне, кој ќе одговара тогаш што сме го смениле името? Дали никој?! Некој, сепак, треба да одговара за кабаетот сторен против својата нација. Брзо ќе се заврти тркалото на времето и на таа точка и треба да бидеме подготвени. Да потсетиме дека ЦИА не залудно токму сега ни ги даде документите за коруптивните и насилни обиди кон поранешниот претседател Киро Глигоров, кој по устав ја претставува државата, да го смениме името.
Дали ЕУ ќе се распадне? Има различни мислења, но повеќето се дека тоа нема да се случи, туку дека таа ќе се реформира. Како? Како ќе изгледа новата ЕУ? ЕУ без чадорот на НАТО? Анализите велат дека ова никој не го знае, но ако читаме меѓу редови од она што беше кажано, дека Брисел не сака тројански коњи, јасен е стравот во ЕУ. Темелите им се тресат и тоа ќе станува сè поизразено, а крајната точка да се случи тоа се наближува, 2030 година е многу блиску. Дали Македонија е тројанскиот коњ? Можеби токму како такви нè гледаат, а можеби мислат на други, но за нас тоа не е најважно. Нашиот концепт треба да биде – да ја зачуваме Македонија и да ја вратиме на своите основи. Да го запреме, па и да го спречиме овој наметнат тек, кој нè води кон еден блок што можеби уште утре ќе се затвори и за нас за да ги зачува своите вредности и својот пазар, а ние да ги изгубиме ушите, како што е во приказната за камилата.
Можно ли е ова? Секако, но ни треба стратегиско партнерство дома. Тоа ќе биде тешко да се постигне, затоа што веќе се работи и јавно, дека наш национален интерес е да изгубиме сè што има национален предзнак (концептот на СДСМ/ДУИ) и како безлични и национално распродадени да почнеме преговори со ЕУ. Па тие таму ќе нè сметаат за улави, бидете сигурни во тоа. Затоа, стратегиското партнерство ќе треба да се прави со тие што сакаат Македонија да успее, а не да пропадне и да влезе во нова фаза на федерализација, кантонизација или што ли не. Еден од начините за да се постигне тој стратегиски договор на домашна маса е строго почитување на законите, бескомпромисна борба со корупцијата, градење општествен морален систем на национални и традиционални вредности, департизација. Да се слуша народот додека сè уште има народ, затоа што ќе можеме и без НАТО, ќе можеме и без ЕУ, но без Македонија? Да си одговориме самите, лесно е.
































