Последното искуство со препуштање на судбината на Македонија и Македонците на нечија „туѓа мудрост и милост“ за побрзо европско и евроатлантско интегрирање во голема мера се покажа како „неверодостојно ветување“ или дури и измама, но и вовед во нови уцени. Таквото болно искуство за Македонците во овој миг бара неизбежно да се преточи во мудрост и зрелост за носење одлуки и одговорност првенство за одржување на државниот интегритет на Македонија и нејзините национални интереси, дури и кога станува збор за евроинтеграциите. Македонија не се откажува од амбицијата за усвојување на европските вредности и стандарди, но и ЕУ не смее повеќе да ги модифицира и погазува своите принципи и вредности кога ги применува
врз Македонија!
По речиси тринеделна битка со огнената стихија, според последните информации на Центарот за управување со кризи, на територијата на Македонија активни пожари на отворен простор има седум, а под контрола се четири. Пожарот на планината Серта, кој секојдневно поставуваше најголеми предизвици за пожарникарските екипи, е ставен под контрола… Всушност, иако извештаите за пожарите, кои летово започнаа уште на почетокот на јули (вообичаено, почетокот на август се смета за најкритичен период за огнената опасност) се очекуваат со внимание и претпазливост во македонската јавност, некако се создаде впечаток дека и покрај сите предизвици и променлива димензионираност на опасноста – работите околу гаснењето организациски се држат под контрола. Поради пожарите сѐ уште е актуелна прогласената кризна состојба, ангажирани се и армијата и сите цивилни капацитети за гаснење, се реагираше соодветно со барање и добивање помош од соседните земји (за што беше изразена и благодарност од државниот врв) – но контролата на кризата и управувањето со капацитетите беа во рацете на македонските институции со намена за справување токму со вакви кризни, стихијни ситуации, кои се чини дека го надминаа синдромот на „изненаденост од ризиците на жештината во лето и снег во зима“.
Секоја криза носи ново искуство, нови сознанија, кои ако мудро се прифатат и анализираат, претставуваат влог во зрелоста како на човекот како личност, така и на општеството, нацијата, државата. Навистина постојат некои „хит“ мудрости и поговорки, од видот „умниот учи од туѓото искуство, а неумните – од сопственото“. Но има и поговорки како „сто стапа по туѓ грб не болат“ или „ситиот на гладниот не му верува“…, кои на одреден начин ја побиваат таа „теорија“ за носење одлуки исклучиво засновани на учење од туѓото искуство. Едноставно, додека не се дојде во (кризна) ситуација кога сам треба да преземеш одредени одлуки и одговорност за да се реши одредена состојба со најмалку можни последици – наученото туѓо искуство не може само да се „копира и залепи“ како сопствено. Сопственото искуство произлегува од сопствените одлуки и преземени одговорности! Дури кога сам ја преземаш одговорноста за себе и за својата судбина, тогаш и туѓото искуство и туѓата помош ја имаат вистинската вредност.
Од искуствата во справувањето со годинашната огнена стихија во Македонија веќе се конципирани идеи за целосна трансформација на системот за управување со кризи, се најавува нов закон за пожарникари, а хеликоптерите што ги очекува Министерството за одбрана треба да бидат опремени и со систем за гаснење пожари…
Како што сопственото искуство е секогаш повредно (веројатно дека поболно) во справување со (не)предвидливи природни стихии, исто така (а можеби и повеќе) е вредно во општествените и политичките односи и предизвици што постојано како некаква стапица ѝ се поставуваат на Македонија од воспоставувањето на нејзината независност како држава. Таквите предизвици, наизменично, а сѐ почесто и истовремено, ѝ се поставуваат и на внатрешен и на надворешен план. Предизвиците на внатрешен план речиси континуирано се „инспирирани“ од една идеја за уставно и територијално предефинирање на државата со цел да се оспори суверенитетот, идентитетот, па и постоењето на македонскиот народ. „Адутот“ на ваквите политички провокации што го носат потенцијалот на закани и за посегнување по оружје е затегнување на жицата на меѓуетничките односи, особено од субјекти од албанскиот политички фактор. За надворешните искушенија за стабилноста на Македонија се „грижат“ соседите како Грција и Бугарија, кои членството во ЕУ го користат за да ја вовлечат и Унијата во остварување на нивните анахрони и непринципиелни национални амбиции, целосно спротивни на демократијата и современите универзални вредности на човековите права. Манипулирајќи ги институциите на Европската Унија, грчките и бугарските политичари вообичаено настапуваат со реториката дека се „главни поддржувачи на политиката за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан“, вклучувајќи ја и Македонија, за во наредната реченица веќе да се закануваат со вето и уцени за македонските евроинтеграции.
Без воздржување се закануваат дури и со економски опструкции за Македонија (засега само грчките политичари), еднаш веќе применети со непристојна и отворено декларирана намера за уништување на (тогаш) новата самостојна држава и негирање на постоењето на македонскиот народ. Таквиот наратив за непостоење на македонскиот народ е традиционален лајтмотив на бугарската политика, кој сега ѝ е наметнат практично и на Европската Унија, која го вгради во предложената преговарачка рамка за Македонија.
За релативно кратко историско време, во независното државно постоење на Македонија, акумулирано е преголемо искуство на „сопствена кожа“ во справувањето со апсурдните предизвици за самостојното постоење на државата. Последното искуство со препуштање на судбината на Македонија и Македонците на нечија „туѓа мудрост и милост“ за побрзо европско и евроатланско интегрирање се покажа во голема мера како „неверодостојно ветување“ или дури и измама, но и вовед во нови уцени. Таквото болно искуство за Македонците во овој миг бара неизбежно да се преточи во мудрост и зрелост за носење одлуки и одговорност првенство за одржување на државниот интегритет на Македонија и нејзините национални интереси, дури и кога станува збор за евроинтеграциите. Македонија не се откажува од амбицијата за усвојување на европските вредности и стандарди, но и ЕУ не смее повеќе да ги модифицира и погазува своите принципи и вредности кога ги применува врз Македонија!