- Кога законите се почитуваат, тогаш и ефектите се видливи. Тоа е кога зборуваме Европа да ја донесеме дома, не да измислуваме топла вода, туку сите закони што веќе сме ги препишале од ЕУ, да почнеме доследно да ги спроведуваме во пракса. Не ни требаат за тоа камшикари, туку народот треба да биде тој „камшикар“ што ќе ја притиска секоја власт да го спроведува доследно законот. На пример, ако пред десетина години беше донесен одличен европски закон против пушењето, не може заради каприците на некој политичар што дошол на власт и притоа бил страстен пушач тој закон да биде укинат, односно состојбите да бидат вратени од европско на балканско ниво. Изговорите дека се бунеле угостителите, те немало муштерии во кафеана оти по оброкот не можеле да зачурат некоја, едноставно не држат вода. Како што ова прашање го решиле европските угостители, така треба да го решат и нашите, со истите стандарди
Фрапантен пад на бројките на сообраќајни прекршоци се бележи уште на првиот ден откако официјално стапи во функција системот „Безбеден град“, односно откако почнаа да титкаат на мобилните телефони првите казни за сторени прекршоци. Имено, министерот за внатрешни работи на вонредна прес-конференција обелодени дека на 1 февруари биле регистрирани само 500 прекршоци, иако на почетокот за време на тест-периодот на системот беа забележани неверојатни 120 илјади прекршоци.
Ова потврдува само една работа, дека ниту Европејците се нешто посебно дисциплинирани, туку секогаш кога ќе ги удрат по џебот, уште во истиот момент ќе се замислат како ќе возат, каде ќе фрлаат смет, каде ќе плукаат, каде ќе пушат, ќе минуваат улица, ќе градат објекти на диво и слично.
Е така и ние прекуноќ станавме „Европејци“ само затоа што почна удирањето по џебот, па на првиот ден можеби се 500 прекршоци, ама за еден месец ќе паднат и под 300 оти никој не сака да фрла пари во бунар (освен оние што посакуваат желби).
Се разбира, веднаш има и незадоволни со констатации од типот „демек сме ги средиле другите работи во државата, па дошло од сообраќајот сега“. Да, дошло до сообраќајот зашто секој ден гинат луѓе, а гинат исклучиво поради неодговорноста на возачите. Во принцип, од нешто мора да почнеме. Системот секако не е совршен, но во од ќе се решаваат некои работи, како на пример да се следи контекстот на ситуацијата што довела до минување на црвено и слично. Ова го велам затоа што на овие блокирани скопски улици, секако ќе се случи да мора да се навлезе на црвено светло за да се ослободи пат за возилото на Итна помош, на пожарна или некои други слични итни ситуации. Други, пак, поднесоа претставки во Уставниот суд оти пораките не стигале двојазично, небаре ако стигнела на друг јазик, човекот што ја прима казната ќе бил премногу среќен. Казна си е казна, исто онака како што казни или предупредувања ни пристигнуваат во Грција на грчки, во Албанија на албански, на Јадран на српско-хрватски, во Бугарија на бугарски. И сите ги разбираме, особено кога ќе биде напишана со бројки дополнети со една или две нули.
Нејсе, муабетот ми е дека кога законите се почитуваат, тогаш и ефектите се видливи. Тоа е кога зборуваме Европа да ја донесеме дома, не да измислуваме топла вода, туку сите закони што веќе сме ги препишале од ЕУ да почнеме доследно да ги спроведуваме во пракса. Не ни требаат за тоа камшикари, туку народот треба да биде тој „камшикар“ што ќе ја притиска секоја власт да го спроведува доследно законот. На пример, ако пред десетина години беше донесен одличен европски закон против пушењето, не може заради каприците на некој политичар што дошол на власт и притоа бил страстен пушач тој закон да биде укинат, односно состојбите да бидат вратени од европско на балканско ниво. Изговорите дека се бунеле угостителите, те немало муштерии во кафеана оти по оброкот не можеле да зачурат некоја, едноставно не држат вода. Како што ова прашање го решиле европските угостители, така треба да го решат и нашите, со истите стандарди. Е сега, ќе треба да инвестираат некоја пара во подобри вентилации, полуотворени тераси, но сакаме во Европа, тогаш ќе се однесуваме европски сите. Да се држеше до стандардите, можеби и немаше да се случат трагедиите што ја погодија нашата земја изминатите години. Сè е поради јавашлак.
Истиот пристап треба да го имаат и политичарите. Наместо да зборуваат само за Европа, да почнат да инсистираат на примена на европските закони што веќе ги имаме донесено. И не само тоа, да почнат и самите европски да се однесуваат, наместо себеси да се ослободуваат од одговорност, вината секогаш да ја лоцираат кај некој друг, а на прес-конференции да се однесуваат како мали деца што не ги поканиле на роденден.
Од друга страна, граѓаните колку и да се бунат или да не се задоволни, порано или подоцна ќе ги прифатат промените, бидејќи на крајот секогаш надвладува разумот, секој сака кога ќе излезе надвор да биде безбеден, да знае дека неговите блиски се безбедни, дека интеракцијата меѓу луѓето станува културна и пристојна, без нервози, гестикулации, дофрлања „знаеш ли кој сум јас“ и слично. Па, немаше билтен во црната хроника на МВР без да помине со некој конфликт во сообраќајот, те за паркинг-место, те за непропуштање предимство. Некои дури и со пиштоли мавтаа од автомобилите, како Мед Макс…
Токму вчера прошетав низ центарот на градот и бев толку пријатно изненаден, што за момент помислив дека ова не е нашиот град. Возачи запираат на пешачки без никаков проблем, чекаат, не свират, никој не се нервира. Дури и ми беше непријатно да поминам на пешачки оти во еден момент наидоа две-три коли и за да не застануваат и самиот им гестикулирав да продолжат, па веднаш по нив да ја поминам празната улица. Џабе, застанаа. Ништо, им кренав рака во знак на благодарност, тие исто отпоздравија. Можеби тоа му е потребно на ова македонско општество, едно меѓусебно отпоздравување, повеќе срдечност, повеќе човечност меѓу луѓето за да се смират тензиите што непотребно им се наметнуваат.
Затоа уште многу други изгласани закони ја чекаат својата примена и таа мора да почне веднаш и сега. Оние што се земени како обврска да се донесат и изгласаат оваа година, треба да се донесат оти само на таков начин ќе се подобрува животот на граѓаните.
Сакавме во Европа, тогаш ќе си ја живееме Европа и дома, за да не коментираме подоцна кога ќе се вратиме од некоја европска метропола дека „тоа било друга димензија“. Ништо не е друга димензија, само закон, ред и дисциплина.
И да, сега почна примената на системот „Безбеден град“, утре ќе почне примената на Законот против пушење, потоа каде и да е ќе дојдат и нови еколошки правила и закони, па нов пристап во владеењето на правото, па поголема одговорност и за судиите и политичарите и така натаму. Од нешто мора да се почне и добро е што почна со сообраќајот. Сега натаму само нека се шири, на сите области, како стихија. Тогаш некој нека каже дека не нè бивало…
































