Можеби помладите генерации насловот воопшто нема да ги асоцира на ништо, веројатно и дел од постарата генерација ќе се подзапраша што беше ова, но некои и ќе се сетат дека станува збор за два лика од култното „Мапет шоу“, односно оние двајца старци сместени на балконот во театарската сала, кои постојано нешто критикуваат само колку да критикуваат.
Така и во нашево македонско општество со години сме сведоци на разни Статлери и Волдорфи, на кои буквално сѐ им пречи, ако не се направи нешто, зошто не е направено, ако се направи, зошто се направило и така во недоглед.
Повод ми е одлуката што од вчера стапи во сила, а со која се забранува фрлањето смет од 22 до 6 часот наутро за да може барем во некој пристоен временски рок да се стабилизира состојбата со сметот низ градот.
До вчера сите, и со право, реагираа колку е валкан градот, се појавија глодачи, валканици насекаде, се бараше да се преземе нешто, а сега, кога се прави некаков чекор во насока на стабилизирање на состојбите, зошто баш од тоа се тргнало.
Но да почнеме со ред, не е воопшто до мерките, до луѓето е. Имено, мнозинството македонски граѓани се за членство на земјата во Европската Унија и тоа мислење продолжува и натаму да биде доминантно, без оглед што истата таа ЕУ ни приреди редица разочарувања. Но, нејсе, сме го одредиле стратешкиот пат уште одамна и натаму стремиме. Ама, патот кон Европа бара промена и на нашиот ментален склоп, односно ред, почитување на правилата, дисциплина, преземање одговорност. Ако сакаме да сме дел од ЕУ, дури и тоа никогаш и да не се случи, треба дома да стекнеме европски манири на однесување. Како може истите граѓани кога се во земјава да се однесуваат на еден начин, а кога ќе отидат некаде во странство, тогаш да се културни, да почитуваат ред, чиниш не се истите луѓе.
Затоа нема зошто она што е правило, ред, закон, да не се почитува и тука, бидејќи нашиве не измислуваат топла вода, туку го применуваат истото она што успешно функционира на секое друго место. Значи, нема европски град во кој смет се исфрла по 22 или 23 часот, некаде има и смарт контејнери, кои автоматски се затворени по тој период, а граѓаните добиваат електронски картички со кои можат да фрлаат смет исклучиво во нивниот реон на живеење. Некаде и се мери количеството на произведен смет по домаќинство, па оние што фрлаат повеќе ѓубре, повеќе и плаќаат. Ние сме далеку од тоа, доволно е во прво време барем базично да ги почитуваме правилата да не го фрламе сметот по 22 часот.
Така се гради успешна приказна во едно општество, кога се почитува Мерит-системот, кога партиите работат во полза на државата, а не во своја, кога судиите судат по словото на законот, а не според дебелината на ковертот со евра што го добиваат под рака, кога функционерите преземаат одговорност, кога криминалците завршуваат зад решетки, наместо да шетаат слободно.
И не е само тоа, само што стапи во сила одлуката за зимска опрема во возилата, стапи во сила и згадувањето на градовите. Сега повторно секој ден ќе бидеме бомбардирани со вестите дека Скопје, Битола, Тетово и другите се меѓу најзагадените градови во светот. Статлер и Волдорф ќе се јават и за ова, но забораваат дека добар дел за вината за ова со загадувањето лежи во граѓаните, како и во институциите што го толерираат тоа поради зачувување на партиските гласови и купување општествен мир. Да, да не се бранува многу, па нека ни се трујат децата. Ќе праша некој зошто вината ја лоцирам кај граѓаните? Прво, сите гледаат како да ги заобиколат правилата што постојат. Затоа и ни се случуваат трагедии. Ако воздухот е загаден, а студиите покажуваат дека голем придонес, покрај индустријата, имаат и домаќинствата и возилата, тогаш зошто самите придонесуваме за дополнително влошување? И покрај сега пристапните цени на инверторите и топлинските пумпи и сите субвенции што се делат, пак во урбани и ексклузивни делови на градот луѓето се греат на дрва иако огревното дрво веќе не е воопшто евтин енергент. И, што е најтрагично, не е само огревно дрво, се гори стар мебел, штици од градилишта, прегорено масло, кој до што ќе дојде. Оџаците ретко да исполнуваат какви било стандарди, а уште поретко некој ги чисти.
Понатаму, автомобилите. Над 70 отсто од нив имаат зголемен број штетни честички од издувите затоа што на регистрација никој не го контролира тоа, или ако ја пикне сондата во ауспух, тоа го прави чисто онака, без да го исклучи неисправното возило од сообраќај оти знае дека истиот муштерија ќе им побегне во друга станица за технички преглед. Затоа низ град повеќето возила се без катализатори, без дпф-филтри, со дотраени мотори, затоа улиците се преплавени со стари камиончиња од чии издуви човек може да помисли дека во Ватикан се бира папа, па дури дотука прочадело…
Ако имаше ред и почитување на правилата, немаше стари ормани, кревети и тоалетни школки да се одлагаат покрај контејнерите во време кога ниту има акции за собирање кабаст отпад, а уште помалку некој ќе брцне во сопствениот џеб да плати некој да му го однесе она што не му е потребно. Нема да изградиме европски навики ако пакувањето од малото чоколатце или бар-штанглата додека џогираме по кеј го фрламе каде што ќе стигнеме, ако пепелникот од автомобилот го истресеме директно на улица, ако во автобусите младите не им отстапуваат место на постарите, ако бесплатниот превоз не се злоупотребува за непотребни тури низ градот, ако во сообраќајот не се вози како на несудената ни Ф1-патека, ако му свират на секој што вози со нормални 50 километри на час, застанува пред пешачките премини и намалува брзина пред училиштата. На нашите Статлер и Волдорф сигурно ќе им пречи и ако камионите од градилиштата излегуваат чисти, ако кучињата скитници наместо на улица се сместени во стационари со сите услови, ако престане пушењето во затворени простори и на јавни места, ако навивачите на спортските натпревари одат да уживаат во спортот, наместо да се тепаат и навредуваат меѓу себе, ако редот во амбулантите значи ред за сите, а не да се нарушува со „само да прашам“ типови, ако тинејџерите и партиските наредбопримачи не ги демолираат детските игралишта, ако инвеститорите сфатат дека не може да изградат објект без сопствен паркинг-простор и уште милион вакви и слични примери што ќе значат живеење по воспоставен ред. По Нова година ќе почнат да сликаат и камерите по улиците и ќе почнат да фрштат казни. И тоа ќе им пречи, иако до вчера бараа камери за да се спречи дивеењето по улиците. Со оглед на возачката недисциплина што владее, за три месеца добар дел возачи ќе ги остават автомобилите и ќе бараат јавен превоз оти не се исплатува цели плати да одат само на казни. Тоа од нас ќе направи подобри луѓе, а не неаргументирани критики само колку да се каже нешто или како што северниот сосед има една безобразна: „на ’рѓавиот… сѐ му пречи“.
Бунтувањето против ваквиот ред не значи покажување фраерлак, нешто како Џејмс Дин фазон или Че Гевара магуплак, туку обична демонстрација на малограѓанштината што некој и натаму не може да ја тргне од себе, па на тој начин сака да покаже дека тој е бунтовниот и затоа ќе фрла ѓубре кога сака, ќе плука и ќе го празни носот по улица, ќе уринира каде што ќе стигне, ќе вклучува шмишајбна во 23 часот навечер, ќе паркира автомобил на велосипедски и пешачки патеки, нема да го собира изметот по својот миленик, ќе чува крволочни ротвајлери, булдози, питбули и шарпланинци среде град… Не, бунтот и авангардата секогаш се истакнувале со нови прогресивни идеи, со нивно промовирање, а не со тоа што некој ќе го фрли ѓубрето по 22 часот и на секој начин ќе ги прекршува правилата на пристојно однесување. Тој нивен „бунт“ во секоја нормална земја се нарекува некултура.
Едно треба секому да му е јасно, дека нашиот пат кон Европа треба да го започнеме од нашиот сопствен куќен праг, преку целото наше однесување во општеството и почитувањето на правилата што тоа ги наметнува. Да, правилата треба да се менуваат ако не се добри и секој треба да се бори и бунтува против нив, но истовремено бунтовниците треба да излезат со реални идеи како да се подобрат нештата. Секој бунт бил за подобрување на состојбите. А бунт само поради бунт и коментирање само колку да се каже нешто е типично за Статлер и Волдорф. Дури и никогаш да не стигнеме на тој пат кон Европа, барем патем да бидеме достоинствени. Ако направиме сите овие работи да функционираат како што треба, тогаш и како општество ќе созрееме и ќе сфатиме дека треба да функционираме по нормалните правила на пристојно однесување. Такви ќе станат новите генерации, кои ако не ги научат лошите манири од затруената околина, ќе функционираат како Скандинавци. Никој да нема никакви илузии дека Скандинавците се такви какви што се оти се на некакво повисоко ниво од нас, не, туку само правилата и казните ги направиле дисциплинирани. Ќе ги удрат еднаш, двапати, трипати по џебот, па потоа ќе се замислат дали им се исплатува да ги прекршуваат правилата. Така е и со нас, ако продолжиме да слушаме сѐ што имаат да кажуваат нашите Статлер и Волдорф, тогаш ќе си останеме само едно големо Мапет шоу.


































