И додека уште од ноември се најавува долгоочекуваниот снег, тој никако да падне. Нè заборави одамна. Еве и сега се најавуваат можни снежни врнежи околу Нова година, можеби и на првиот новогодишен ден кога ќе се вие орото пред „Идадија“ или кога јавноста со нетрпение ќе ја очекува веста дали првото бебе било машко или женско. Ова последново никогаш не го разбрав, оти само во Скопје има неколку болници, што државни што приватни, во кои се раѓаат и машки и женски бебиња. Што е со другите градови? И таму се раѓаат бебиња по полноќ, па кој е тој што ќе одреди какво било првото бебе во оваа држава? Впрочем, на крајот од краиштата и не е важно дали е машко или женско, туку да е само здраво и живо, тоа е најважно од сè.
Со таква надеж ја очекуваме 2026 година, да има здравје, живот и бериќет, испраќајќи ја оваа 2025 година со една длабока тегоба што ни ја нанесе, толку длабока за да посакаме никогаш никаде да не се повтори.
А годината 2025 почна со големи надежи. Граѓаните по изборната 2024 година очекуваа политичка стабилизација на земјата, достоинствена надворешна политика и фокус на економијата. Надежите растеа и дотолку повеќе што во САД повторно на претседателската функција се врати Доналд Трамп, па како наши стратешки партнери очекувањата беа Американците да не нè заборават и во тие нови политички околности.
Веќе во февруари стана јасно дека македонските евроинтеграции остануваат закочени исклучиво поради европските непринципиелни политики, кои наместо да се фокусираат на Копенхашките критериуми, се насочија исклучиво кон билатерални прашања од кои произлезе барањето за уставни измени, кое за македонските граѓани под условите што е упатено едноставно е неприфатливо. Таа европска непринципиелност кулминираше со отворениот американско-европски судир, во кој Американците ставија јасно до знаење дека ваква Европа не е кредибилен партнер и дека ако продолжи да ги погазува сопствените принципи и вредности, нема ни да ја има во скоро време.
Март нè уби како општество колективно. Трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која згаснаа 63 млади животи ќе остане вечно врежана во нашата колективна меморија како опомена за децениската институционална неажурност и корупција. Луѓето што ги загубија своите најмили во оваа трагедија се само сенки од она што некогаш биле, ним ништо не може да им ја надомести загубата, но она што како општество и како држава треба да го направиме е да инсистираме на одговорност и правда, сите оние што на кој било начин придонеле да се случи овој траурен настан, да ја добијат заслужената казна. Дополнително, државата не смее да заборави на семејствата на настраданите, оти на тој начин барем малку ќе ја притаи болката во нивните срца, колку да почувствуваат дека некој се грижи за нив, дека не ги заборавил.
Месеците што потоа следуваа, април, мај, минаа во туробна атмосфера, на преиспитување кој каде погрешил, дали можело да се спречи, што да се преземе за понатаму.
Во јули, во Скопје и во Куманово се случи „Европскиот младински олимписки фестивал Скопје 2025“, најголемиот меѓународен настан во земјата по долго време. Ова беше некакво мало залекување на раните, еден вид европска младинска поддршка за општеството што во една ноќ изгуби толку многу млади пред кои допрва беше животот. Убаво беше да се гледаат насмеани младинци од цела Европа како ги исполнуваат спортските арени во земјава, натпреварувајќи се меѓу себе и негувајќи го пред сè спортскиот дух. А летото 2025 беше прогласено за глобално најтопло, па капак на сè беше кризата со водата, кога големи делови на Скопје остануваа без вода по цели денови. Да не биде само проблемот со водата, се погрижија и пироманите. Гореа многу шуми, имаше опасност и по населени места, а во август беше прогласена дури и вонредна состојба. Штом ќе се изгаснеше еден пожар, букнуваше нов, што јасно го потврдуваше сомнежот дека се работи за класични диверзии. Ниту во септември пожарите не стивнаа, туку подметнувачите сега се фокусираа на депониите во близината на урбаните средини, свесни дека тоа ќе предизвика ефект на несигурност кај населението. Беа запалени многу депонии, особено критични беа пожарите на депонијата „Дрисла“, како и пожарот во магацинот за електронски отпад во близината на Трубарево, при што се ослободи огромен токсичен облак што се распосла над половина Скопје, а скопјани уште долго дишеа загаден воздух. Вербалните пресметки за пожарите меѓу политичките субјекти не стивнуваа, па дури се појавија и граѓански протести на кои се бараше од надлежните да се справат со ситуацијата и да обезбедат чист воздух.
Во октомври во земјава се одржаа локални избори, кои, според меѓународните набљудувачи, беа фер и демократски, а актуелната власт освои и мнозинство градоначалнички места.
Во ноември имаше обиди за наоѓање некакво решение за блокадата на македонските евроинтеграции, но ЕУ остана на својот став дека без уставни измени не може да има напредок. Ни ја префрли топката во нашиот двор, но не одговара на нашите пасови. Истата констатација беше изнесена и на декемврискиот самит на ЕУ.
Како и да е, за Македонија оваа измината 2025 година беше година на болно будење за институционалната одговорност, додека за светот година на геополитичко престројување и климатска алармантност.
Пред нас е 2026 година, која само Господ може да знае што ќе ни донесе. Да посакаме да ги држи подалеку од нас сите зла и несреќи, а ние да бараме од политичарите да почнат да работат вистински за интересите на државата и граѓаните. Тоа значи да ги закопаат личните суети и да погледнат малку подалеку, да видат што им е потребно на обичните луѓе и такви политики да кројат. Ако народот сака во ЕУ, такви треба да бидат и политиките, решителни, упорни, аргументирани, да им досадуваме на Европејците, што се вели да не ги оставаме да дишат. Едно, второ, трето, петто решение ако треба, да се залагаме постојано, оти ако чекаме други да ни ги решаваат работите, тогаш нема потреба да гласаме на избори. Значи 2026-та нека биде година на помирување, партиите нека престанат со инфантилните партиски соопштенија и нека почне натпревар на идеи и проекти, граѓаните сакаат да го слушаат тоа, а не да сведочат за меѓусебните обвинувања, кои веќе надминаа секаква пристојност, па дури и ја навредуваат граѓанската интелигенција. Човек да се зачуди на што сè одат народните пари. Ни треба сплотеност на целото општество, така да ги водиме нашите битки, заеднички. Ни треба и поголема свест за она што го имаме, да ги чуваме водата, природната средина, ресурсите што ги имаме, да градиме инфраструктура во наша сопственост што ќе значи економски развој на целата држава. Да си го чуваме суверенитетот во сите сфери, оти не знаеме што носи утрешнината. Се разбира, многу можеме да посакуваме во 2026 година, но еве да почнеме со малку, некогаш и малите чекори водат кон големи работи. Нека е среќна 2026 година.
































