Досегашниот успех на ракометарите со нивната пожртвуваност, како и оној што во иднина ќе надоаѓа, треба да претставува патоказ и потврда за силината на македонскиот спорт, но и вовед во национално обединување. Онака како што нацијата се обедини зад ракометарите, да се обединува во иднина и за клучните прашања што се однесуваат на нашата држава. Ракометарите го докажаа тоа во Вараждин – играа со сето срце за Македонија. А тоа ќе пулсира и во иднина заедно со ехото од ударите на ракометната топка во рацете на овие млади македонски репрезентативци
кога ќе се соочат со идните спортски предизвици
Деветти пат во својата спортска историја македонските ракометари ја претставија својата држава на планетарен спортски самит. Со подмладен состав, нова играчка структура, но храбро, гордо, со висока доза оптимизам, обединети и предводени од најдобриот македонски ракометар на сите времиња, а сега во улога на селектор, Кирил Лазаров, успешно го положија зацртаниот испит. Ги исполнија и душата и срцата на македонскиот народ со она што го демонстрираа на врелиот терен во хрватскиот град Вараждин, за кој нѐ врзуваат убави спомени во минатото, и повторно, по слабото издание на претходниот мундијал, сега да напредуваат 12 места и да го освојат 15-то место на Светското првенство 2025. Успех што никого не остава рамнодушен, особено кога сите сме сведоци дека имаме смена на ракометни генерации.
Но она што треба најмногу да радува е фактот што репрезентативците во Вараждин покажаа една нова димензија на теренот, особено на тешките натпревари, а тоа ако сакате да го претворите во зборови значи: гордост, психолошка стабилност, соработка, љубов кон татковината, обединетост, дружељубивост, но и верба во сопствените можности. Дури и тогаш кога многумина не веруваа во она што го работи селекторот Лазаров, откако го презеде кормилото на репрезентацијата, иако тој постојано повторуваше дека верува во квалитетите на македонски ракометни херои чие време доаѓа. И успеа, иако има уште многу да се работи ако се сака уште поголем скок на светското ракометно скалило.
Една спортска крилатица вели: спортот е огледало на една нација, а токму капитенот Филип Кузмановски, Марко Митев, Иван Џонов, Ненад Костески, Мечка Лазаревски, Игор Ѓоргиев, Марко Кизиќ и другите другари, едноставно „гинеа“ на теренот во дресот со грбот на својата татковина, бранејќи ги чесно, храбро и пожртвувано боите на својата Македонија.
Секако на патот до овој успех се попречија извесен број бедеми и скриени замки, кои во голема мера беа присутни во Вараждин, а кои, за среќа, не успеаја да го сопрат или да го попречат македонскиот полетен вулкан со чисто срце и ведар дух, сплотен и полн со самодоверба. На тој пат се попречи еден цел пакет со секојдневни сцени и забрани, кои во голема мера негативно се одразија врз атмосферата на македонската навивачка фаланга, со малтретирањето при доаѓањето во градот, но и при влезот во салата, одземањето на македонските национални симболи при влегувањето во салата, скапите влезници…, а секако и врз играта на нашите ракометари.
Да почнеме со најдрастичниот случај – со скандалозното судење на данските арбитри против Холандија, дуел чија евентуална победа на црвено-жолтите можеше да им овозможи реални шанси и за повисок пласман. Понатаму, пред почетокот на СП се појавија најави дека ќе има забрана за внесување знамиња со сонцето од Кутлеш во салата во Вараждин, но и покрај тоа видовме многу македонски навивачи со тоа знаме. Скандалозен потег, затоа што да се забрани истакнување национални симболи е недопустливо, особено ако се работи за спортски настани, каде што се слават спортот и успехот на една нација, без никакви други скриени намери или пораки. Никој нема право некому никогаш и никаде да му забранува со какво знаме и национален симбол ќе влегува во салата и со тоа да си го искажува своето национално чувство. Но ние како да се навикнуваме на сите страни да ни ги забрануваат националните симболи, па затоа добро се справуваме со таа ситуација и секогаш наоѓаме начин да ги избегнеме забраните и ограничувањата.
Инцидент поради истото знаме имаше и на натпреварот со Холандија, во кој обезбедувањето се дрзна да му го одземе знамето на малото детенце, навивач на Македонија, кое остана во солзи поради однесувањето на службите за спроведување на редот на тој дуел. Непријатната ситуација, сепак со висока доза дигнитет и толерантност ја премостија македонските ракометари, кои му подарија дрес на истото детенце, потпишан од сите репрезентативци.
Строгоста на обезбедувањето при влезот на македонските навивачи пред третиот натпревар со Гвинеја беше забележливо заострена, имаше само еден влез за сите, детално беа претресувани посетителите, а според информациите на македонските навивачи, им биле одземани дури и полначи на телефони, разни ситници, а некои од нив и платиле парична глоба, што е несвојствено за една држава домаќин.
Секако не треба да се заборават ниту скапите влезници, кои беа и главата причина што македонските навивачи си заминаа по првата прелиминарна фаза, а салата во Вараждин остана да зјае празна. А нас во светот на спортот нѐ препознаваат токму преку магијата на ракометната игра, преку енергијата на спортот што е број еден во Македонија и секако обединетоста на нашите навивачи, македонската фаланга. Незадоволство поради скапите влезници изразија и хрватските навивачи.
Но жолто-црвениот ракометен виор и покрај сите горе наведени „сопки“ силно протатни низ Вараждин и остави силен белег во светот на ракометот со својата игра и енергијата на играчите, за да го направи среќен својот народ и покрај квалитетните ривали отспротива. Радоста и исполнетоста беа присутни во секој дом, во секое срце, во мислите на секој Македонец. Досегашниот успех на ракометарите со нивната енергија, пожртвуваност и борбеност, како и оној што во иднина ќе надоаѓа, треба да претставува патоказ и потврда за силината на македонскиот спорт, но и вовед во национално обединување. Онака како што нацијата се обедини зад ракометарите, да се обединува во иднина и за клучните прашања што се однесуваат на нашата држава.
Ракометарите го докажаа тоа во Вараждин – играа со сето срце за Македонија. А тоа ќе пулсира и во иднина заедно со ехото од ударите на ракометната топка во рацете на овие млади храбри македонски репрезентативци кога ќе се соочат со идните спортски предизвици.