Европскиот младински олимписки фестивал е совршена можност да создадеме трајни пријателства, но тоа не зависи само од македонските спортисти туку и од сите нас како општество. Деновиве младите спортисти можеме да ги забележиме како шетаат низ Скопје, а тоа е можност да ги застанеме и да поразговараме со нив, да им понудиме вода или сок што ќе ги освежи од скопските горештини. Во таа интеракција можеме да го покажеме нашето вистинско лице – нашата срдечност и гостопримливост. Не смееме да забораваме дека нивното пријателство со нас ќе биде многу драгоцено, тие ќе бидат наши амбасадори низ светот и ќе раскажуваат дека на Балканот има една мала но пријателска држава, со своја култура и јазик
За време на Олимписките игри во Берлин во 1936 година, Џеси Овенс, црн спринтер и скокач во далечина од Соединетите Американски Држави, се соочи не само со жестока конкуренција туку и со жестокоста на нацистичката идеологија што ја промовираше ариевската надмоќност. За време на прелиминарните натпревари во скок во далечина, Овенс ги фаулираше своите први два обида во квалификациската рунда за скок во далечина и беше на работ на елиминација. Но Луз Лонг, германски спортист и негов главен ривал, неочекувано му пријде на Овенс и тивко му предложи да го помести својот белег за полетување неколку сантиметри назад за да избегне повторно фаулирање. Следејќи го овој совет, Овенс обезбеди валиден скок, се пласира во финалето и на крајот освои злато – додека Лонг освои сребро. Германскиот спортист отворено му честиташе на Овенс, чин на храброст сам по себе. Тие го напуштија теренот рака под рака, воодушевувајќи го светот. За овој настан, Џеси Овенс изјави: „Му требаше многу храброст да се спријатели со мене пред Хитлер“, како и дека медалите што ги освоил не можат да се споредат со „24-каратното пријателство“ што го чувствувал за Луз Лонг. Оваа приказна потврдува дека пријателството може да го надмине ривалството, како и дека во спортот понекогаш најчовечките моменти доаѓаат од сочувство, а не од конкуренција!
Каде сме ние како држава и општество во оваа приказна? Скопје е домаќин на најголемиот мултиспортски настан во земјава – Европскиот младински олимписки фестивал. Настанот опфаќа натпревари во 15 спортски дисциплини, меѓу кои пливање, кошарка, ракомет, одбојка итн. Некои од натпреварите се одржуваат во спортски објекти со меѓународен стандард во Скопје и во Куманово. Нашата, македонска делегација има 200 учесници, бројка што е значително поголема од претходните слични натпреварувања, кога се испраќаа само неколку спортисти. Ова е совршена шанса македонските спортисти да ги покажат своите знаења и талент. Меѓутоа тие е се и наши амбасадори, тие имаат постојана интеракција со странските спортисти што пристигнуваат од многу држави. Суштината на секој спорт е да се достигне повисока граница на сила, брзина, издржливост и агилност, но не смееме да заборавиме дека спортот ги зближува луѓето – соиграчите, ривалите, навивачи и сѐ така до бесконечност.
Европскиот младински олимписки фестивал е совршена можност да создадеме трајни пријателства, но тоа нема да зависи само од македонските спортисти туку и од сите нас како општество. Деновиве младите спортисти можеме да ги забележиме како шетаат низ Скопје, а тоа е можност да ги застанеме и да поразговараме со нив, да им понудиме вода или сок што ќе ги освежи од скопските горештини. Во оваа интеракција можеме да го покажеме нашето вистинско лице – нашата срдечност и гостопримливост. Не смееме да забораваме дека нивното пријателство со нас ќе биде многу драгоцено, тие ќе бидат наши амбасадори низ светот и ќе раскажуваат дека на Балканот има една мала но пријателска држава, со своја култура и јазик.
Многумина од нашите млади спортски гости во иднина ќе се определат за други професии, можеби некои од нив ќе станат политичари или дипломати, но во нивните умови засекогаш ќе остане сликата за Македонија онаква каква што ја ќе оставиме ние. Впечатоците остануваат засекогаш врежани, затоа македонските спортисти на теренот мора да манифестираат добра волја и сочувство кон другите спортисти, имајќи предвид дека ја претставуваат Македонија.
Ова е суштинско и за сите нас, да покажеме кои сме и што сме, дека сме нација и општество што имаат свое достоинство, култура, јазик, но и дека сме добри домаќини, отворени за соработка и пријателство. Спортските настани, како што е Европскиот младински олимписки фестивал, се можност да ја претставиме нашата држава во вистинското светло, но и да спечалиме пријателства, пријателства што може да донесат само позитивни нешта. Оттука, секоја чест на Македонија за иницијативата и за реализацијата! Македонија како држава мора и понатаму да настојува и да најде сили и во иднина да учествува или да организира настани од ваков квалитет, бидејќи тогаш светот доаѓа кај нас и можеме да го воодушевиме. Да ги освоиме срцата на нашите спортски гости, на тој начин ќе го манифестираме нашиот вистински дух, но и ќе имаме пријатели што еден ден ќе бидат со нас, кога најмногу ќе ни требаат.