Нема празник, било државен или верски (иако и некои верски се прогласени за државни празници), а политичарите, свештениците, оџите и другите да не упатат повици за обединување, сплотеност, толеранција, меѓусебно почитување, сѐ како што си е редот.
Токму оваа наша Македонија низ вековите постоела благодарение на тој заеднички соживот, кога сите што живееле на македонската напатена земја ги делеле истите маки, истите грижи, како да го истуркаат животецот низ тешките бремиња. И опстојувале само затоа што меѓусебно си помагале, биле сплотени, без оглед на верата и етникумот. Се гледале низ главната призма, луѓе и нелуѓе.
Така и годинава за најголемиот национален празник Илинден од сите страни можеа да се слушнат истите пораки, за сплотување, за почитување, за грижа едни за други во пресрет на матните времиња што доаѓаат и кои носат неизвесност во секој поглед. Војни, политички превирања, нови прераспределби во светот, земјотреси, цунами, вулкани, урагани, поплави, суши, свлечишта, сето тоа е јасно предупредување дека само заеднички можеме да се крепиме пред ваквите закани, кои ниту нас нема да нѐ одминат.
Но не, некој и натаму продолжува да сее раздор и се обидува да го разбие и подели македонското општествено ткиво во време кога е повеќе од потребно тоа да биде обединето.
Имено, на што личеше она скандалозно навивање пред некој ден за време на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово? Наместо вистинско бодрење за македонските кошаркари, некоја мала безначајна група, која не може да се нарече навивачка, реши да шири говор на омраза кон друга етничка заедница и на тој начин да предизвикува непотребни тензии. Зошто? Во таа сала, покрај политичарите, имаше родители со своите деца што дошле да гледаат репрезентативна кошарка, а не да слушаат некакви пароли и извици за кои не смее да има место во цивилизираниот свет.
И тука не станува збор за една или друга навивачка групација туку се однесува на сите таканаречени „навивачи“ што ги користат спортските натпревари за ширење говор на омраза и ксенофобични пароли. Некои дури и со самото нивно именување се поистоветуваат со групации што во времето на Втората светска војна го тероризираа македонското население во западниот дел на земјата. Се разбира, има нормални навивачки фанови и групи, но меѓу нив има инфилтрирано провокатори и субверзивни елементи што по нечија нарачка намерно испраќаат опасни пораки, само за да предизвикаат нестабилност и потоа да им овозможат на истите тие центри спроведување на нивните планови. А такви центри на кои не им одговара сплотена Македонија има наоколу.
Лично, долго време го следам спортот, уште од времето на поранешна Југославија, и до пред нејзиниот распад навивањето беше вистински празник за ушите, вистинско бодрење на своите спортски миленици. На Градски своевремено доаѓаа една Звезда, Партизан, Динамо, Хајдук, Олимпија, Сараево, но освен громогласното „Вардар, Вардар!“ или незаборавната „Ој, Вардаре македонски“, друго навивање немаше. На полувреме од разгласот ќе ечеа Јонче Христовски, Васка Илиева, Сариевски, Бадев, празник за ушите. Сите заедно пееја. Никој ниту ги навредуваше гостинските навивачи, ниту, пак, не дај боже, физички се пресметуваше со нив. Главната „борба“ беше да ги надгласаат со песна и на тој начин да му дадат дополнителен мотив на својот тим за уште една победа. Тоа беше вистинска спортска публика, вистински мотиватори. Арно ама кон крајот на 1980-тите почнаа да се формираат навивачки групи кои некако како да заборавија на спортското навивање, туку нивната агенда престана да има допирни точки со спортот, зачестија навредливите пароли, пораки, за на крајот сето тоа да резултира со крвавата војна во поранешна Југославија. Токму разграноци од тие навивачки групи прекуноќ станаа паравоени формации што ги направија најголемите злосторства за време на крвавата југословенска војна. Човек што го сака искрено спортот никогаш нема да го прави тоа што го прават овие разулавени навивачки орди, одејќи на натпревари само да се тепаат со навивачите од спротивниот тим. Градовите во тие моменти се претвораат во вистински боишта, претепани и прободени навивачи, крвнички клоцања по паднати луѓе, жртви со смртни последици, едноставно на човек да му е страв да отиде сам на некој натпревар, а не, пак, да однесе дете – ќе му направи траума за цел живот.
Англија своевремено имаше сериозен проблем со навивачите, не поради говор на омраза и слично, иако и тоа го имаше, особено на расна основа, но многу повеќе поради хулиганите на трибините. Тоа го реши така што по кратка постапка им пресудуваше дебели казни, сето тоа дополнето со трајна забрана за присуство на спортски натпревари. Зошто сега нема огради на терените во Англија, туку играчите се веднаш на дофат на публиката и никој не смее да писне, освен што повремено некој егзибиционист ќе истрча гол на теренот за една минута слава. Но и за нив се најде лек така што камерите во истиот момент го тргаат фокусот од нив и интересот за „навивачкиот нудизам“ драстично опадна.
Така треба и кај нас. Обвинителството веднаш побара снимки од навивачите што навиваа навредливо во Куманово и добро е да има брза реакција, но треба да продолжи исто и кога се истакнуваат големодржавни транспаренти и на другите мечеви, се говори за протерување на мнозинскиот народ од својата држава, се величат фашистички симболи и соработници и слично. Без пардон, сите оние што работат контра општественото единство да се тргнат настрана од спортските натпревари. Секој изблик на национализми, говор на омраза, насилства да се реши експресно со судски постапки, трајни забрани и отстранување на тие деструктивни елементи од спортот. Ако веќе станавме стратешки партнери со Велика Британија, не е лошо да го примениме и нивното искуство во справувањето со ваквите деструктивни елементи на спортските терени. Тие што мислат дека со навреди кон другиот покажуваат некаков патриотизам, длабоко се лажат. Нема ништо патриотско во ваквиот чин. Нека го прочитаат само Манифестот на Крушевската Република и доволно ќе научат од него како се гради заедничка држава, со заедништво, почит и меѓусебно уважување.
Време е спортот да им се врати на вистинските љубители, каде што навивањето ќе биде со песна и слогани што мотивираат, а не што некого навредуваат. Нема човек што не ќе се наежи кога ќе запее цел „Енфилд“ „You’ll Never Walk Alone“, кога ќе грмнат навивачите на Манчестер, на Барселона, на Реал, кога ќе се развиорат на трибините огромните знамиња на Баерн и Борусија, секаде онаму каде што навивачите вистински го ценат спортот и не дозволуваат некој друг да им го уништува навивачкиот сон. Тоа е убавото во спортот, а не изблиците со навреди кон другиот. Затоа сите нека се фокусираат како најдобро да го бодрат својот тим, нека ги извадат тимските знамиња, нека се вее македонското знаме, нека ечи од трибините едно „У“ од север, едно „А“ од југ, еднo громогласно „Македонија“ од цел стадион или сала. Нека се слуша „але, але“, „Македонија навива за вас“, нека ги снема повиците што предизвикуваат поделби и навреди. Поделени и раскарани никаде нема да стигнеме, тоа секому треба да му е јасно.