Овие квалификации за СП во фудбал засега покажаа дека сме на вистинскиот пат и, секако, ќе внесат неизмерна радост и победнички дух и кај желните навивачи за победи, кои на дуелот со Белгија во Скопје тоа и го потврдија со своето многубројно присуство на стадионот „Тодор Проески“. Македонскиот народ е желен за фудбал, за победи, успеси… А тогаш душата е исполнета, гордоста до врвот, а чувствата тешко можат да се опишат над високоразвиорените македонски знамиња…
Младите и надежни македонски фудбалери заслужено, чесно и гордо впишаа уште една победничка игра во квалификациите за Светското првенство (СП) 2026 во Канада, Мексико и во САД, кое за првпат ќе се игра со најмногу репрезентации досега (48). А, секако, кој не би сакал таму да биде присутна и македонската репрезентација иако патот ќе биде долг и, секако, трнлив. Основите на оваа млада и талентирана генерација фудбалери, чија физиономија постепено но успешно се комплетира, а се надеваме и уште повеќе во иднина ќе се надградува, почнаа да даваат резултати.
Километрите тренинзи, литри излеана пот на тренинзите и натпреварите во своите клубови создаваат нова визија за една полетна репрезентација, која ќе им пркоси на сите ривали, било фаворити или аутсајдери, било дома или надвор, па и на оние најсилните, визија што полека почнува сѐ почесто да се остварува. Типичен пример се претпоследниот дуел против осморангираната селекција во Европа, Белгија (Македонија е 67.) и ремито (1-1) во Скопје. Силината на македонскиот репрезентативен фудбал го почувствуваа и Лихтенштајн, Велс, Казахстан, а од порано во сеќавање ни се незаборавните реми-дуели против Англија, победите над Германија, Италија…
Па, зарем осумте официјални меча во низа на кој Македонија нема доживеано пораз (Англија, Фарски Острови, Ерменија, Летонија, Лихтенштајн, Велс, Белгија и Казахстан) не се доволен показател за горереченото. Ако погледнеме во фудбалскиот ретровизор, ќе воочиме дека Македонија под 21 година дебитираше на младинско ЕП, во 2017 година. Сениорската репрезентација во 2021 првпат се пласираше во плејоф за пласман на ЕП, а подоцна истата година дебитира и на ЕП, како победник на плејофот во лигата Д на Лигата на нациите, што претставуваше огромен успех, со што тргна по стапките на ракометарите, кошаркарите, одбојкарите, ватерполистите.
Сениорите на Македонија во 2022 првпат освоија второ место во група во некои квалификации, за циклусот за СП 2022, со што за првпат обезбедија учество во плејофот за пласман на СП. Сениорите на Македонија во 2024 првпат освоија прво место во група во лигата Ц во Лигата на нациите и со тоа првпат обезбедија пласман во лигата Б, за сезоната 2026/2027. Секако ова се незаборавни фудбалски моменти, кои ќе останат впишани со златни букви во македонскиот репрезентативен фудбал, со оглед на квалитетот што доминира во Европа и светот. Па, да продолжиме во тој стил…
Првиот чекор од оваа фаза на квалификациите за СП успешно е направен, да се надеваме дека ќе продолжиме и понатаму со стил, а зошто не и со побрзо темпо. Сега и силните репрезентации со поинаков поглед ни приоѓаат во меѓусебните дуели, а потценувањето веќе е мината работа.
Она што е мошне значајно и треба да се потенцира е фактот што оваа генерација фудбалери, предводена од Барди, Елмас, Трајковски, Димитриевски, Миовски и другите, не се исплаши од фудбалските гиганти, напротив, има желба да се надигрува, да му се спротивстави секому, да го победи, а со тоа и да продолжи да чекори по патеката по која чекореа Пандев, Панчев, Најдоски, Канатларовски… А само репрезентации со такви мисли, трасиран план за успех, неизбежна упорност, работа и, секако полетност, кои се потпираат на сопствени изградени играчки кадри, можат да го преточат во реалност замислениот сон, а вложеното изминативе години да избие на површината.
Овие квалификации за СП засега покажаа дека сме на вистинскиот пат и, секако, ќе внесат неизмерна радост и победнички дух и кај желните навивачи за победи, кои на дуелот со Белгија во Скопје тоа и го потврдија со своето многубројно присуство на стадионот „Тодор Проески“. Македонската публика е желна за фудбал, за победи, успеси, а тогаш душата е исполнета, гордоста до врв, а чувствата тешко можат да се опишат над високоразвиорените македонски знамиња. А колку, пак, поддршката на народот ќе биде поголема, толку успехот кон зацртаната цел ќе биде поблизок.
Да не заборавиме, познато е дека нацијата најмногу се издигнува, сплотува, мотивира, токму со успесите на своите спортисти, оти спортот е токму огледало на една нација. Покрај тоа што има силна национална синергија, тоа репрезентативно единство што злато вреди има своја улога и надвор од националните граници и најдобро ја легитимира и ѝ дава идентитет на една самостојна нација. Со вистински и во право време одиграни потези како на шаховска табла, македонските фудбалери, без разлика од која вера, религија и нација се, уште еднаш покажаа нова ветувачка игра на теренот, посебно на тешките гостувања, базирана на гордоста, психолошка стабилност, љубов кон татковината, но и верба во сопствените спортски можности.
Тука неизбежно мора да го истакнеме и големиот успех на ракометарите на Алкалоид, кои го освоија шампионскиот пехар во Европскиот куп и кои заедно со фудбалерите придонесоа да се подигнат победничкиот дух и расположението кај народот и општата слика во нашата држава, во време кога општата состојба во Европа и во светот не е добра и сѐ повеќе се слуша ѕвечкањето на оружјето наместо тропањето на топката. Точно е и тоа дека до успех во никој случај не се стигнува прекуноќ, како и тоа дека секој оптимизам е добредојден, кога е во насока на креирање на оние следни чекори и остварување на планираното, како во подготовките така и на официјалните мечеви. Но тој треба да се базира и на моменталната реалност, можниот капацитет, максималното искористување на секој слободен миг во претстојниот период, но и на финансиските средства потребни за ваков успех.