Споменикот потсетува на минатото, но дава поуки и за сегашноста и за иднината

Зад секој споменик има приказна, приказна за херој што им се раскажува на љубопитните, пред сѐ на децата и младите, кои така најлесно се образоваат од историска перспектива, го запознаваат богатото минато и можат подобро да ги разберат сегашноста и иднината. Но мислам дека улогата на спомениците е важна и од уметничка перспектива

Ајфеловата кула… Грдотија и архитектонски кич што треба да се урне и демонтира. Тоа било првичното мислење на Французите за Ајфеловата кула во Париз, кои тогаш изразиле незадоволство поради нејзиното поставување преку протести што траеле 90 дена. А кулата, висока 300 метри, која до 1930 година беше најголемо здание на светот, денес претставува симбол и знаменитост на Париз, веројатно најголема туристичка атракција на Градот на Светлината што привлекува пет и пол милиони посетители годишно. Таквиот пример покажува дека вредноста и оправданоста за поставување на спомениците отсекогаш биле предмет на расправа.
Да се поставуваат споменици или не, дали обележјата се на вистинското место, дали го оправдуваат своето постоење? Овие прашања тлеат во јавноста со години и кај нас, откако почнаа да никнуваат спомениците од проектот „Скопје 2014“, кој беше напаѓан главно од политички причини и индиректно послужи како вовед за промените што следуваа. А се актуализираат и денес.
Со барања за возобновување нивни споменици, и соседите се обидуваат да си ја остварат својата цел за креирање нов наратив за историските настани, а во грчката јавност пред некоја година проструи и информација за можна размена на споменици меѓу Скопје и Атина како знак на добра волја, што набрзо беше отфрлено. Отсекогаш преку камените, бронзени и мермерни грбови на историските личности се одвивале разни политички еквилибристики.
А очигледно спомениците речиси никому веќе отворено не му пречат, па дури ниту на оние што упорно ја доведуваа во прашање нивната изградба. Се чини дека единствена забелешка што опстојува околу нив и за која постои некоја општа согласност е тоа дека можеби ги има премногу на мал простор, односно дека можеби локациски можело да се најде посоодветно место на некој од спомениците. Сепак, заклучокот гласи дека повеќето споменици главно ја исполнуваат својата улога.
Во тој контекст би се навратил на темата, т.е. на почетното прашање, но да го поставам малку поинаку: Зошто е добро да се има споменици? Секако дека повеќето луѓе би се согласиле дека така им се оддава почит на хероите од минатото и се чуваат од заборав нивните подвизи и дела и минатото воопшто. Се овековечуваат стремежите, обидите и борбите на еден народ. Зад секој споменик има приказна, приказна за херој што им се раскажува на љубопитните, пред сѐ на децата и младите, кои така најлесно се образоваат од историска перспектива, го запознаваат богатото минато и можат подобро да ги разберат сегашноста и иднината.

Но мислам дека улогата на спомениците е важна и од уметничка перспектива. Уметностите што се во простор, во кои спаѓаат скулптурата, архитектурата и спомениците, за разлика од другите уметности, најмногу помагаат за доживувањето и разбирањето на уметноста како форма, нешто што, според мене, е многу битно и нешто што тешко им оди од рака на другите уметности, поради нивната сукцесивност во времето, на пример како во романот, музиката итн. Уметностите во простор помагаат и другите уметнички дела да се гледаат од аспект на тоа колку се објективизирани и рефлектирани како целина, а не само како тек или како раскажување. Во другите уметности тоа им успева на најдобрите уметници или само на оние уметници кај кои доминира мислата или каде што мислата е издигната на повисок степен и ги интегрира во себе емоционалниот и органскиот свет, нешто слично како природата на поимот во филозофијата.
Значи спомениците, скулптурата и архитектурата ја прикажуваат уметноста како форма, објективизирана и рефлектирана како целина. Стремеж и на другите уметности и на музиката, книжевноста и на сликарството треба да биде можноста да сугерираат такво доживување и покрај тоа што нивниот медиум е различен и физички не го овозможува тоа.
Зошто е битно уметноста да се доживува како форма т.е. да биде објективизирана и рефлектирана како целина, а не само да биде рефлексивна. Не дека уметноста што не е таква не е добра, но има една значителна разлика. Уметноста како форма повеќе укажува на духот отколку на душата, формата е рефлектираност како целина, за разлика од рефлексиите или рефлексивноста што ја има во приказната. А тоа е важно не само за уметноста или само за уметниците, туку пред сѐ е едукативно за младите и за целото општество, затоа што пред себе имаат модел. Затоа што духот подразбира градба и интегрираност и служи како модел, па, така, со приказната за херојот од споменикот се храни љубопитноста, душата… а со самиот модел, со споменикот и со формата, се учат постојаност, одговорност и хармонична интегрираност на себеси.