Како е ова можно, секој ден најмалку по една жртва да паѓа на олтарот на нашата сообраќајна култура, на нашето (не)придржување до сообраќајните правила и прописи. Толку ли не си го цениме сопствениот, но и животите на другите учесници во сообраќајот, па влегуваме во автомобил како да играме руски рулет
Деновиве силно ме потресе веста за загинувањето на близок сосед, пријател од детските денови. Настрада во сообраќајна несреќа на нов, не толку одамна реновиран магистрален пат во директен судир, на делница што со години беше позната како црна точка и за која со право сите мислевме дека сега со корекцијата на некои делници и проширувањето ќе го изгуби стариот епитет. За жал, нешто од тоа, луѓето и натаму гинат речиси на истите места, како да има некое проклетство на тој пат за да се дополнува црната статистика.
Не мина многу време по дознавањето на трагичната вест, тагата се замени со бес. И почнаа да се редат прашања. Како е ова можно, секој ден најмалку по една жртва да паѓа на олтарот на нашата сообраќајна култура, на нашето (не)придржување до сообраќајните правила и прописи. Толку ли не си го цениме сопствениот, но и животите на другите учесници во сообраќајот, па влегуваме во автомобил како да играме руски рулет.
Речиси е неверојатно кога ќе прочитаме или ќе слушнеме дека 19-годишник или дури и малолетник зад воланот на моќно „БМВ“ или „ауди“ настрадал во сообраќајка или бил директен причинител за некој друг да настрада. Зарем сите забораваме дека постои пропис што ограничува кој на која возраст, односно со колкаво возачко искуство може да седне зад возило со поголема кубатура? За кого е тој закон? Или тој не важи за некое „наше дете“ чии родители можат да си дозволат да влијаат на полицијата или на судот ако случајно нивното дете биде фатено без дозвола или ако направи некој поситен прекршок да не биде санкционирано. А потоа, кога ќе дојде фаталниот прекршок, да се наоѓаат разни оправдувања и изговори. Сѐ додека среќата еден ден не се сврти…
Од друга страна имаме возачи „сраснати“ со воланот, кои навлезени во осмата деценија, па и постари не сакаат да ги признаат законите на природата, па се упорни да возат, иако рефлексите, па и сетилата им се во „лер“.
Посебна приказна се ликовите што некои свои фрустрации и недостатоци ги надоместуваат со седнување зад „бесни машини“, па дивеат по сообраќајниците, возејќи со брзина што никого не остава рамнодушен. Сите нормални возачи се згрозени и се обидуваат да ги избегнат ваквите ликови, затоа што се свесни дека се на влакно од трагичен судир, а нивните сродни души им се воодушевуваат и се обидуваат да ги имитираат. Па затоа, особено во вечерните часови, имаме парада на забегани типчиња што прават улични трки по скопските улици, доведувајќи во опасност мирен народ.
Ваквата листа можеме да ја дополнуваме до бескрај. Прашањето е кога ќе почнеме да се освестуваме и полека една по друга да ги елиминираме овие ставки, овие несветли примери на учесници во сообраќајот, кои претставуваат опасност за себе и за другите. Кога ќе почнеме барем малку да го цениме животот и да почнеме да се однесуваме цивилизирано?
Деновиве објавивме цела серија написи во која се обидовме да ја претставиме црната слика на нашата сообраќајна некултура преку статистичките податоци за изминативе години во земјава. Понудивме и предлози за можни решенија, пред сѐ од превентивна природа. Одгласите од нашите читатели се позитивни и сме им благодарни за соодветната реакција.
Но она што нѐ загрижува е дека многу е поголем дел на оние други наши сограѓани, кои едноставно се оглушуваат и не ги прифаќаат ниту нашите добронамерни совети, ниту пак укажувањата на надлежните органи, кои катадневно опoменуваат и советуваат како да се однесуваме во сообраќајот, без притоа да загрозуваме други учесници, а и да не ги доведуваме сопствениот живот и здравје во опасност.
Како поинаку да се протолкува постапката на 26-годишен скопјанец што пред некој ден беше сопрен од полицијата откако на експресниот пат Штип–Кочани, кај село Крупиште, Општина Карбинци, возел со брзина од 151 км/час. Она што е уште пострашно е дека на таа делница брзината е ограничена на 80 километри на час. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по членот 297 – а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
Ова е само случајно одбран пример од Црната хроника. Колку вакви случаи секојдневно се повторуваат, а колкумина уште и не се регистрирани и санкционирани од полицијата, бидејќи сепак таа не може да биде на сите страни.
И за крај, да го повториме она што и деновиве го пишувавме во повеќе наврати. Полицијата и казнувањето се само последната инстанца. Тие се тука да опоменуваат и да казнуваат, но она што е многу поважно е превенцијата. Мора еднаш да сфатиме дека сообраќајот е опасна играчка за оние што седнуваат зад волан без да размислат за моќното оружје што го имаат пред себе.