- Пискотници се слушаат до Вашингтон додека либералните медиуми истакнуваат дека односот на Трамп кон сојузниците на САД е чисто трансакциски, движејќи се од рамнодушност до непријателство, при што дури го обвинуваат претседателот дека се стреми кон потопли односи со одредени американски ривали. Но некои нешта треба да се земат со резерва. Особено бидејќи има докази што ги побиваат овие тврдења
Како што геополитичкото оддалечување на САД од Европа добива дополнителни потврди во повеќе сфери, така се засилуваат и острите критики во либералните медиуми за начинот на кој Доналд Трамп се однесува кон традиционалните американски сојузници. Пискотници се слушаат до Вашингтон додека се истакнува дека односот на Трамп кон сојузниците на САД е чисто трансакциски, движејќи се од рамнодушност до непријателство, при што дури го обвинуваат претседателот дека се стреми кон потопли односи со одредени американски ривали. Но тоа не е изненадувачки, имајќи предвид дека истите медиуми не му се наклонети на Трамп по досегашните чести меѓусебни конфронтации.
Токму во тој контекст, во пресрет на инаугурацијата на американскиот претседател на 20 јануари годинава, корисници на речиси сите социјални мрежи на големо споделуваа цитат за наводните ризици од пријателството со САД, припишувајќи му го на поранешниот државен секретар на САД, Хенри Кисинџер. Цитатот гласеше: „Ќе се прошири збор до нациите во светот дека можеби е опасно да се биде непријател на Америка, но да се биде пријател на Америка е фатално“. Оваа мисла оттогаш во повеќе наврати се ширеше на интернет – откако Трамп најави зголемување на царините, а особено по состанокот во Белата куќа на кој го прекори украинскиот претседател Володимир Зеленски во февруари.
Нејзиното припишување на Кисинџер потекнува од новинарот, писател и делегат на Обединетите нации, Вилијам Ф. Бакли Помладиот, кој своевремено рекол дека Кисинџер го дал коментарот за време на телефонски разговор меѓу нив двајца во ноември 1968 година. Достапни историски докази укажуваат дека овие зборови навистина му припаѓаат на Кисинџер, но всушност не постоел аудиозапис од телефонскиот повик. А името на Кисинџер на интернет го поврзуваат со голем број сомнителни цитати. На пример, меѓу измислените е дека шефот на американската дипломатија во одредена пригода го нарекол Трамп „единствениот вистински лидер“.
Поентата е дека некои нешта треба да се земат со резерва. Особено бидејќи има докази што ги побиваат овие тврдења, како што е на пример односот на унгарскиот премиер Виктор Орбан со Трамп.
За време на претседателската кампања во САД во 2016 година, пред Трамп првпат да биде избран за претседател, Орбан беше единствениот лидер на Европската Унија што го поддржа. Ништо чудно кога ќе видите дека поранешниот стратег на Белата куќа, Стив Бенон, своевремено го опиша унгарскиот премиер како „Трамп пред Трамп“. Сегашниот лидер на САД очигледно не го заборавил тоа, бидејќи минатата недела, на помалку од шест месеци пред изборите во Унгарија, му даде значителни вредни предизборни подароци на неговиот сојузник од Будимпешта, кој се бори за петти последователен мандат на премиерската функција.
Откако претходно им држеше предавања на европските нации за потребата од комплетен прекин на увозот на енергенти од Русија и се закани дека ќе ги санкционира земјите што продолжуваат да купуваат руска нафта, Трамп се согласи дека треба да има посебен исклучок за Унгарија – најголемиот потрошувач на руска нафта во ЕУ. Згора, администрацијата на Трамп се согласила да ѝпонуди „финансиски штит“ на Будимпешта, во случај на какви било идни тешкотии, бидејќи Брисел задржува милијарди евра од финансирањето на ЕУ за Унгарија, поради обвинувања за прекршување на владеењето на правото. Треба да се напомене дека поддршката на Трамп за Орбан доаѓа по цена на договор за купување американски гас и нуклеарна енергија од страна на Унгарија, но, сепак, не може да се намали нејзиното значење.
Трамп неодамна исто така ја покажа неговата подготвеност да им помогне на идеолошките сојузници, кога САД му доделија кредитна линија за итни случаи од 20 милијарди долари на аргентинскиот претседател Хавиер Милеи.
Земајќи ги предвид овие искуства, Македонија треба да се насочи кон можностите што ги нуди Договорот за стратешки дијалог со САД од јуни 2022 година, за да добие поддршка од моќниот сојузник на полето на безбедноста, унапредувањето на инфраструктурата, како и во евроинтеграциите. Во стратешкиот дијалог може да се вметне и соработка во истражувањето на ретките минерали што ги поседува земјава, а кои се во фокусот на Американците. Истакнувајќи ја определбата за дијалог со јасни и добро познати црвени линии, Македонија треба смело да се води по сопствен курс за остварување на целите и национални интереси. На тој начин не би отстапиле од определбата за влез во ЕУ, туку само би ја постигнале полесно со помошта од влијателниот пријател, без да потпаѓаме на уцени и притисоци.

































