Најавената директна средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот украински колега Володимир Зеленски на 15 мај во Истанбул влева надеж дека конечно, наместо оружјето, ќе почне да говори разумот и дека ќе ѝ се стави крај на тригодишната војна во која сите загубија.
Се разбира, ако претходно не се појават некои „минери“ што би ги минирале мировните преговори, како што претходно го направија тоа на почетокот на конфликтот исто така во Истанбул, кога веќе беше договорено оружените дејства да завршат веднаш и сега, без никакви одолжувања. Тогаш конфликтот ќе завршеше по само седум дена и украинскиот народ немаше да се соочи со тригодишната агонија, по која веќе никогаш нема ништо да биде исто. Но некој реши да профитира од таа војна и би што би, а сега има нова шанса да се стави точка и да престанат да се огласуваат сирените, да татнат артилеријата и ракетите, да зујат дроновите сеејќи смрт наоколу.
Очигледно и ЕУ повторно ја научи лекцијата на потешкиот начин и дозволи највисоката цена од оружените дејства да ги плати и да ги плаќа токму Европа, додека сите други сркаат од кајмакот (читај минерали и други богатства). Со намера да спаси што може да се спаси, односно и таа нешто да ќари, ЕУ сега го интензивира пристапниот процес за Украина и Молдавија, кои прекуноќ се најдоа на брзата пруга за прием.
Но преседаните што ги правеше ЕУ токму врз примерот со Македонија и ветата наметнати од Грција, Франција и од Бугарија, сега на Брисел му се удираат од глава. Имено, додека европските бирократи зад затворени врати кроеја планови како брзо да ја приберат Украина под своја закрила, се јавија други земји членки на Унијата што исто така не се задоволни од односот на украинските власти кон нивните малцинства во Украина, па веќе отворено најавуваат вето за евроинтегративниот процес на земјата. Или, со други зборови, ЕУ се лупна со свој камен по глава.
И откако максимално ја закашкаа работата, сега бриселските бирократи бараат начин како побрзо да излезат од оваа каша и да го одблокираат процесот на проширување, ама овој пат целосно, за сите земји кандидати, вклучувајќи ја и Македонија.
Затоа неделава, поточно в четврток, ни доаѓа претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, кој во официјалните соопштенија ќе повтори дека уставните измени се услов, но во неофицијалните разговори далеку од очите на јавноста ќе го пренесе аберот од Бугарија што го добил за време на неговата неодамнешна посета на оваа земја. Нешто се крчка во заднина, а тоа го потврди и австрискиот амбасадор во земјава Памер, како и неговиот полски колега Бримора, кои велат дека нешто се работи на ова поле, но не откриваат што.
Не треба да се занемари ниту улогата на македонската дипломатија, на претседателката на државата, на премиерот, кои ја искористија секоја можна пригода да ги презентираат македонските позиции околу уставните измени и да предочат дека вметнувањето на протоколите во рамките на преговарачката рамка е нешто што е надвор од секаква здрава логика и е чекор кон дезинтеграција наместо кон интеграција.
И Европа сега сфаќа дека токму протоколите се подметнатото бугарско кукавичино јајце во пристапниот процес за земјава, кој дефинитивно не само што не нуди никаква предвидливост во преговарачкиот процес туку и отворено го компромитира. Впрочем, официјалните бугарски власти во неколку наврати јасно потврдија дека уставните измени не се последниот услов, туку дека тука се и обврските од протоколите, а тие обврски не се ништо друго туку точките од Декларацијата усвоена во бугарското Народно собрание во 2019 година, кои се целосно негаторски кон македонскиот идентитет, јазик, историја и култура.
Но никој не треба да има илузии дека сето ова што сега се случува зад кулисите е затоа што ЕУ толку очајно ја посакува Македонија, па бара решение за излез од ќор-сокакот со уставните измени. Не, работата е да се одблокира проширувањето тука за да може Украина утре да не биде блокирана врз истиот принцип. Затоа и се најавува внатрешната реформа на ЕУ, со која една од промените би била и промената на начинот на одлучување, од консензуално во квалификувано. Бугарија прва се спротивстави на ваквите планови свесна дека ја губи единствената алатка за блокада на Македонија.
Како и да е, во сиот метеж Украина да влезе што поскоро во ЕУ, можеби и ние ќе искористиме и рамката 2030 година станува некаква достижна цел само ако проширувањето оди во пакет, односно прием на цел Западен Балкан заедно со Украина и Молдавија. Така мирисаат работите, а некои идеи по ова прашање веројатно ќе бидат разменети и на претстојниот самит на Европската политичка заедница, каде што конечно ќе се заокружат европските граници.
Значи, излезното решение за Македонија е да го донесе Акцискиот план за заштита на малцинствата и на тој начин да бидат гарантирани сите малцински права и никој да не приговара, како што и не приговара, но во исто време, и без да се менува преговарачката рамка, која веќе е усвоена, може да се интервенира во протоколите, односно работата на историската комисија да не се врзува за временски рокови, туку да се овозможи таа да работи по урнекот на полско-германската или германско-француската историска комисија, кои работат со децении и разменуваат научни факти, без притоа нечиј евроинтегративен процес да бил блокиран. Тоа би било одлична гаранција за еден предвидлив и одржлив процес на евроинтегрирање на Македонија, темелен врз исполнување на Копенхашките критериуми. Впрочем, тоа го бараме цело време, вреднување на сработеното, а не селекција на гените на Гоце Делчев.
Ако на 15 мај биде постигнат некаков првичен договор за крај на руско-украинските непријателства, тоа дефинитивно ќе значи интензивирање на процесот на проширување на ЕУ, но тоа ќе биде во поинаков формат. Прием со ограничени права во врска со комесарите и гласањата, но обврски како регуларна членка. За Македонија тоа е сосем доволно бидејќи на тој начин нема да го загрозува македонскиот идентитет, а кога веќе ќе бидеме внатре, тогаш и со Бугарија може без никакви притисоци и во една мирна атмосфера да се разговара за прашањата што ги раздвојуваат двете земји и двете општества. Истовремено, ова е последна шанса ЕУ преку интеграција да се спаси од распаѓање, кое неминовно ќе следува доколку Унијата не се врати на вистинските вредности и принципи врз кои беше изградена. На крајот, да беше Европа барем малку помудра, немаше да бидат потребни две крвави војни на нејзино тло за на крајот да сфати дека никогаш нема да биде цела додека не ги прибере крај себе сите оние што отсекогаш искрено и вистински верувале во европскиот сон.