Во пресрет на првиот круг на романските претседателски избори случајно налетав на една телевизиска анкета во која ги прашуваа Романците што очекуваат од изборите. Она што на сите им беше заедничко во изјавите е дека досегашните политики во земјата не им обезбедиле подобар живот, па бараат радикална промена што ќе внесе нова енергија во романското општество и тоа ќе се сврти многу повеќе кон сопствените потреби наместо кон директивите што доаѓаат од страна.
Очигледно 18-годишното членство на Романија во Европската Унија не ги даде саканите резултати, па без оглед на солидниот економски раст и сликата што се гради надвор за некаква успешна европска приказна, Романците очигледно се разочарани од она во што се претвора ЕУ и од потезите што ги влече.
Повеќето од нас добро ги паметат хаотичните сцени директно пренесувани на малите екрани од улиците на Букурешт пред повеќе од 35 години кога Романците ја зедоа судбината во свои раце, соборувајќи го повеќедеценискиот диктатор Николае Чаушеску, кој владееше со земјата со цврста рака. Тогаш Романците ја добија државата назад, а Европа го призна и го поддржа тоа, ставајќи јасно до знаење дека местото на Романија е во европското семејство каде што ќе се споделуваат европски вредности, демократија и човекови слободи. И така беше, романскиот европски сон се оствари 18 години подоцна кога земјата стана официјална членка на ЕУ.
Времето минуваше, првичната еуфорија почна полека да спласнува, за на крајот истата таа Европа што ги осудуваше диктаторските режими да почне и самата слично да се однесува. Очигледно Романците не заборавиле какво е чувството кога демократијата се заменува со нешто друго, па бурно реагираа кога пред неколку месеци под притисок на ЕУ беше поништен првиот круг на претседателските избори на кои убедливо водеше Калин Џорџеску. Илјадници поддржувачи на Џорџеску се собраа пред зградата на изборната комисија, извикувајќи „крадци“, „предавници“ и „слобода“, при што фрлаа камења, палеа контејнери и се обидоа да го пробијат безбедносниот кордон. Полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите, па во еден момент сцените од главниот романски град потсетија на борбата за слобода од пред 36 години, само што овој пат борбата е против диктатите од Европа.
Но бидна што бидна, изборите беа поништени, а завчера Романците одново излегоа на избори да избираат претседател на државата. И овој пат убедливо водство во првиот круг има ултрадесничарскиот кандидат Георге Симион, кој претходно го зазеде местото на Џорџеску, со освоени околу 40 отсто од гласовите наспроти 21 отсто гласови што ги доби неговиот противкандидат Никусор Дан, приврзаник на либералните политики.
Се покажа дека и покрај сите притисоци од страна на ЕУ, директното мешање во изборниот процес и поништувањето на изборите од страна на Уставниот суд, кој постапуваше по налог на бриселските бирократи, Романците повторно сакаат да му ја вратат земјата на романскиот народ и, што е уште поважно, сакаат да се почитува волјата на народот.
Со мешањето во изборните процеси во Романија, но и во Молдавија и Грузија, па и во Франција, ЕУ всушност полека се претвора во унија во која најмалку е важна волјата на граѓаните, а многу повеќе нејзините високи политики, кои очигледно секаде наидуваат на отпор.
Факт е дека времињата се сменија, униполарниот свет замина во историјата, така што секоја земја сака да се сврти сама кон себе и кон сопствените граѓани бидејќи сојузите и униите денес сѐ, утре може и да згаснат. Затоа Романците гласаат за суверенизмот бидејќи почнуваат да препознаваат во ЕУ елементи на режимот во кој со децении живееја, а Унијата очигледно не може да го разбере тоа.
Доколку Европа го имаше вистинскиот демократски капацитет како во времето на нејзиното основање, тогаш немаше сега да се случуваат опструкции и притисоци врз разни кандидати, да се штелуваат референдуми, да се забрануваат медиуми и слично, само затоа што тоа не им одговара на европските челници.
Како поинаку да се толкува европскиот пристап и кон Македонија? Да не ѝ се дозволуваат преговори за членство само затоа што некому му пречеле нашето знаме, име, јазик, историја, идентитет. Тука ЕУ ги напушти сопствените принципи и почна да исполнува нечии желби, наместо да биде доблесна и праведна кога станува збор за критериумите за членство и генерално за принципите на демократијата и слободата.
Затоа се случува тоа во Романија, но се случува и во Германија, во Франција, во Холандија, затоа што народот сака да се слуша неговиот глас, да се почитува неговата волја, каква и да е, наместо да му се наметнува нешто за кое ниту гласал, ниту, пак, има намера да го прифати. Да, можеби притисоците и инженерингот ќе поминат на едни избори и некаде ќе се инсталира некоја марионетска влада, но на следните избори тој инженеринг ќе им се врати како бумеранг и ќе експлодира народната волја, која сѐ погласно вели НЕ на уценувачките политики.
Како и да е, вториот круг на претседателските избори во Романија е закажан за 18 мај и ЕУ овој пат е многу повнимателна како ќе ја менаџира целата состојба, па веќе сега некои проевропски медиуми во земјата почнуваат да градат наративи дека првиот круг не е никаков показател и дека трката всушност ќе биде неизвесна. Ваквите најави всушност оставаат простор за можни манипулации во вториот круг, но ако по сѐ ЕУ си го дозволи тој луксуз одново да интервенира и да ја игнорира изборната волја на Романците, тогаш разликата меѓу Чаушеску и Брисел во поглед на почитувањето на народната волја почнува и да ја снемува.
Затоа, крајно време е ЕУ да се освести и да почне да гради европска суверенистичка политика, во која сите ќе се почувствуваат горди што се Европејци, каде што Европа ќе биде симбол за слобода, демократија и просперитет. Тоа беше основната идеја поради која евроинтеграциите станаа примамливи. Ако се напуштат тие принципи, тогаш дефинитивно секој нека си тргне по својот пат, оти нашиот народ убаво кажал, со сила убавина не бидува.