Со кој коњ ЕУ ќе се трка глобално?

Фон дер Лајен ќе влезе во европскиот пантеон со изјавата дека „Западот повеќе не е истиот каков што го познававме“. Нејзината закана, пак, до некои странски компании се оствари – ги репнаа „Епл“ и „Мета“ заедно со некои 700 милиони евра. Не е многу за компании што вртат трилиони, но моментот не е најпогоден, зашто Западот е во внатрешен конфликт. Џеј Ди Венс не така одамна им каже на Европејците дека имаат проблеми со цензурата – за да го потврди тоа, Брисел им се закани со санкции на сите што ќе отидат на парадата во Москва. Испарува ли единствената заедничка надворешна и безбедносна политика пред очите на Каја Калас?

Во историјата можеш да влезеш и како негативец. Можеш да влезеш и несакајќи, па дури и со ефектен автогол или со гол со „раката на Господ“. Шефицата на Европската комисија 2, Урсула фон дер Лајен, со две нејзини тазе изјави си обезбеди место во историјата, па можеби и биста во европскиот пантеон. Првата реченица е дадена за германски магазин (весници уште се печатат!). Таа е признание дека „Западот онаков каков што го знаеме повеќе не постои“. Крај на една цивилизација, се гаси еден филозофски свет во кој парите беа сѐ. Доволно за да се цитира како историска реченица. И ова не е ставено во графата – руска кибернетска војна против вредностите на ЕУ, за што Брисел испотроши стотици милиони евра за да се одбранел. Оваа изјава не е филтрирана пропагандна шеќерна водичка од некој анти-ЕУ центар. Не. И затоа ќе се памети.
Втората нејзина историска изјава: „Законите што ги усвоија нашите законодавци мораат да бидат спроведени. Затоа спроведовме постапки против ’Тикток’, ’Икс’, ’Мета’, ’Епл’ – да споменам само некои од нив. Законите ќе ги примениме чесно и без предрасуди. Не ни е гајле од каде е компанијата и кој ја води. Нам ни е грижа да ги заштитиме луѓето“, ја цитираше „Политико“ неодамна Фон дер Лајен.
Оваа закана се преточи во реална казна, па така, „Епл“ го репнаа 500 милиони евра, додека кон „Мета“ беа поблаги – 200 милиони. Не е првпат „Епл“ да добие европска казна, лани антимонополски го одраа за цели 1,4 милијарда евра. Но за компанија што врти трилиони ова се поднесува. Но дали сега, во 2025 година, кога Америка е предводена од администрацијата на Доналд Трамп, ова ќе помине како еден протоколарен инцидент? Затоа што место во историјата заслужено ќе бара и Трамп. Да почекаме. Се добива впечаток како ЕУ да им одговара на Трамп и на неговата десна рака Џеј Ди Венс – не сме ви вазали. Американците секогаш се противеле кога се во прашање слободите, особено медиумските слободи, па така и ова европско уредување на дигиталните платформи не им фати око. Бев сведок кога пред петнаесетина години на Годишната конференција на ОБСЕ за медиумите во Виена, Америка и Европа влегоа во клинч околу интернетот. Европа рече – ќе се контролира, а Америка одговори – ние сме за слободен интернет, без контроли. Тотално различни концепти. А, тие разлики дојдоа дотука, и затоа Фон дер Лајен е во право кога докторски ја изнесе дијагнозата каде е денес Западот. Не е тој истиот. Венс и ова им го кажа на Форумот во Давос и прецизно укажа дека европските регулативи се цензура на слободата на говорот и на иновациите во Европа.

Кој е во право? Најбезболен одговор би бил – историјата ќе покаже. ОК, без разлика кој е во моментов во право, знаеме дека светот мора да се движи, понекогаш мисли дека оди напред, а всушност се враќа, земјите ќе се тркаат кој е подобар, помоќен, поиновативен, покомплексен, поглуп и поназаден… Со кој коњ ќе се трка Европа? Има ли во својата ергела од 27 коњи, еден расен липицанер? Чекаме да се појави.
Постои сега едно големо прашање пред кое е поставен Западот, но пред сѐ воената алијанса. Да потсетиме дека во својата кампања Џеј Ди Венс го стави под знак прашалник учеството на САД во НАТО, а како главна причина ги наведе европските закони во дигиталната сфера. Не се само медиумските слободи, туку и милијардите што Американците немаат намера тукутака да им ги тутнат на Европејците. Можна е и посериозна гладијаторска битка, доколку двете страни на некој начин не ги испеглаат дигиталните односи. Ова е сепак само опашката од долгиот змеј на внатрешните односи на несогласувања во Западот, но ќе дојдеме и до главата. Таму се наоѓаат сите идеи, планови, но и решенија за идните односи, ајде да кажеме – иднината. Европа и Америка сега не се разбираат ни на англиски ни на француски и ќе мораат да најдат некој трет заеднички јазик. На пример потегот на Трамп да замрзне 2,2 милијарди долари за угледниот Харвард, затоа што на кампусот се шири антисемитизам и постои нагласена пропалестинска политика во образовниот процес (а зошто се заборава на Хамас?), во Европа се гледа како задушување на академските слободи. Секако, треба да имаме предвид дека во Америка змејот (либерализмот) е ставен под копитото на црниот коњ, додека во Европа тоа уште не се случило целосно. Тркалото на историјата врти натаму, затоа и чекањето понекогаш се исплати. Огромни се разликите и за Украина, па повеќе од очигледно е дека „коњите“ на Вашингтон се во друга трка и нема да дојдат во Лондон, каде што големите од Европа, Велика Британија, Франција и Германија, поборници за продолжување на војната против Русија на украинска почва, испраќаат свои „коњи“ на конференцијата за Украина.
Од Лондон се очекува Европа да демонстрира тврда моќ, а меката ја испорача во телеграма од типот на најмрачните авторитарни владетели по белиот свет – ќе следуваат санкции за сите што ќе отидат на Црвениот плоштад за да присуствуваат на одбележувањето на големата историска победа над фашизмот. Тоа е 9 мај, во случај ако сме заборавиле.

Би сакал да споменам уште една реченица што можеби ќе стане историска, искажана онака неформално од американскиот потпретседател Венс. Парафразирам: на ова Европејциве изгледа ќе треба пак да им ги откупуваме долговите, да ги вадиме од кал. Да, ќе им фалат пари на Европејците и ќе мора кога тогаш да секне воената чешма за Украина. Тука се веќе првите посериозни караници. Така е и дома, секогаш кавги кога ни фалат пари. Многу пари ќе одат и за планираната милитаризација, а тоа ќе значи многу помалку за здравство, образование, за социјалата. Како ќе ја преживее Европа оваа метаморфоза? Дали Германија го има клучот за новата Европа? И дали Америка, Кина и Русија ќе гледаат на сите тие промени со скрстени раце? Затоа реченицата на Венс може уште сега да се смета за историска.
И ова е само површината на проблемите, а под европската пирамида има уште многу лавиринти што одат во неизвесности. На пример ако вчера звучеше шокантно, денес големи градови во Европа се будат со секојдневие на голема несигурност од безбедносен аспект. Денес има градови на пример во една сѐ уште богата Франција каде што има зони во кои полицијата не смее да припари, каде што чесен човек може некако да се движи денски, но не и ноќе. Дека еден Брисел, синонимот на европската моќ, седиштето на ЕУ и на НАТО, тоне во долгови, дека во градската каса му фалат 17 милијарди евра, а долгот само ќе расте зашто нема влада што ќе го среди тоа. Безбедносното прашање е главна тема. Кој пука во Брисел? Има и мафии и џихадисти и белосветски пропалитети, но жителите на Брисел ги интересира безбедноста. И да, Белгија е држава светски рекордер со над 540 дена без да состави влада. Се чини дека додека има пари ќе се одржува европскиот систем, но врзивните ткива, таа кохезивност се нарушува драматично, па и прокламираната единствена надворешна и безбедносна политика испарува пред очите на Каја Калас.