Грчко-бугарското инсистирање дека меѓународните договори мора да се почитуваат (секако, според нив, само од Македонија) и поддршката од меѓународната заедница дека „иако се такви какви што се“ – тие се непроменливи, претставуваат своевиден континуитет на апсурдот во толкувањето на меѓународното право. Во крајна и почетна линија, почитувањето на договорите е заемна обврска, а условувањето и уценувањето со нив во процесот на евроинтеграции на Македонија се своевиден чин на политичко насилство и, сосема извесно, спротивни на вредностите на Европската Унија, на која (повторно иронија) и Грција и Бугарија се членки. Освен тоа, спротивно на принципите на Унијата е евроинтегративниот пат на Македонија да оди преку уцените на Софија и Атина и нивните шовинистичко-националистички соништа проектирани во 21 век
Колкава ли е моќта на Македонија (политичка, воена, економска, интелектуална…) што ги натера лидерите на соседните земји Бугарија и Грција на цел глас да се известат меѓусебно, регионот, па и целиот свет дека го „потврдиле стратегиското партнерство меѓу двете земји“?! По издвоените индивидуални тиради и закани упатени спрема Македонија, Македонците и новото политичко водство на земјава, дека „патот до ЕУ ни минува(л) преку Софија и Атина“, бугарскиот претседател Румен Радев отиде на гости кај грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, па двајцата во еден глас повторија дека се подготвени на повторување на „безмилосното вето во ЕУ“ доколку не бидат прифатени од Македонија нивните уцени формулирани како грчко и бугарско толкување на билатералните договори. За да ѝ дадат некаков формален карактер на таквата заканувачка реторика и да не излезе дека се сретнале само за да ја заплашуваат новата македонска власт, Радев и Мицотакис се сетиле да си го потврдат стратегиското партнерство и гостинот од Бугарија да констатира дека „сè што правиме заедно, Грција и Бугарија, ги одразува безбедноста и стабилноста на нашиот регион“. Од сите пораки на средбата меѓу грчкиот и бугарскиот политички лидер, може да се стекне лаички впечаток дека всушност Македонија е во најмала рака „регионалната сила“ што ги загрозува „безбедноста и стабилноста“ на грчко-бугарската соседска идила, проектирана некаде кон крајот на 19 век или барем пред стотина години, во време на балканските војни.
Додека официјалните политички лидери на Грција и Бугарија, во улога на премиер и претседател на своите земји, својата заканувачка реторика спрема Македонија се обидуваа да ја „аргументираат“ со извитоперување и еднострана интерпретација на современото меѓународно право, во сенката на таа билатерална „стратегиско-пријателска средба“ во Атина, двајца поранешни грчки премиери воопшто не се воздржуваа ни да остават привид дека дипломатските ракавици им останале в џеб. Ако Мицотакис и Радев го манипулираат меѓународното право со своите интерпретации дека Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство се задолжителна обврска само за Македонија, а на Грција и Бугарија тие документи им се инструмент за уцена, поранешниот грчки премиер Андонис Самарас категорично побарал поостра политика кон Скопје и Тирана. Самарас побарал официјална Атина да ја следи политиката на Софија и да става вето на секој чекор кон Брисел.
Истовремено побарал и Грција да се исклучи од Преспанскиот договор(?!) На таквите ригидни барања на Самарас се придружил уште еден поранешен грчки премиер, Караманлис, кој констатирал дека „национализмите во нашиот регион повторно се во пораст“, што, според него, ѝ наложува на Атина да „мора да испрати јасна порака до Тирана и Скопје дека такво однесување како на двете земји“ кон неговата земја не е толерантно и повлекува последици и да укаже дека патот кон Европа (им) зависи од Грција.
Апсурдната иронија во здружената грчко-бугарска опсада на македонските евроинтеграции е нивната теза дека Македонија ги прекршува билатералните договори со самото тоа што Македонците продолжуваат да се нарекуваат Македонци, не ја прифаќаат наметнатата географска одредница во името на државата (и покрај контроверзното од легален аспект поставено како уставна категорија) и што очекуваат реципроцитет во спроведувањето на договорите. Освен што нивната асиметричност, на штета на националните интереси на Македонија, претставува сериозно прекршување на меѓународното право и универзалните човекови права, грчко-бугарската манипулација со уцена за еднострано целосно спроведување само од македонска страна, дури и со дрско одбивање од грчките и бугарските политичари да исполнат две-три бенигни одредби за нив, како договорна страна – е флагрантно дерогирање на меѓународното право. Но бугарскиот претседател Радев, во манир на стратегијата „држете го крадецот“, им држи предавања на македонските новоизбрани авторитети за меѓународно и уставно право, па и за прекршување на човековите права(?!) Истовремено ги запретува трагите на Бугарија во манипулациите и пописниот инженеринг во Албанија (повторно на штета на Македонците) и се прави дека не постојат 14-те пресуди против неговата држава на Европскиот суд за човекови права од Стразбур, токму за човековите права на оние што се изјаснуваат како Македонци во Бугарија.
Грција т.е. поранешните грчки премиери го квалификува како иредентизам сеќавањето во Македонија на погромот на децата бегалци од Егејска Македонија, односно од Граѓанската војна во Грција. Според Грција и Бугарија, меѓународното право и човековите права се само нивна привилегија, а за Македонија и Македонците се „потрошени“.
Нивното грчко-бугарско инсистирање дека меѓународните договори мора да се почитуваат (секако, според нив, само од Македонија) и поддршката од меѓународната заедница дека „иако се такви какви што се“ – тие се непроменливи претставуваат своевиден континуитет на апсурдот во толкувањето на меѓународното право. Во крајна и почетна линија, почитувањето на договорите е заемна обврска, а условувањето и уценувањето со нив во процесот на евроинтеграции на Македонија се своевиден чин на политичко насилство и, сосема извесно, спротивни на вредностите на Европската Унија, на која (повторно иронија) и Грција и Бугарија се членки. Освен тоа, спротивно на принципите на Унијата е евроинтегративниот пат на Македонија да оди преку уцените на Софија и Атина и нивните шовинистичко-националистички соништа проектирани во 21 век.
Своевиден заклучок од обновеното „стратегиско партнерство“ на Грција и Бугарија, инспирирано од нивните историски аспирации спрема Македонија и анимозитет спрема постоењето на Македонците, би можел да биде – сложни непринципиелни соседи го менуваат и меѓународното право!