- Видоизменувањето на едно авторитарно општество со тоталитарни примеси во демократско и слободно општество е долг процес, а Бугарија е на половина пат во таа трансформација. ПССЕ е свесен за оваа состојба и затоа ги повика бугарските власти да продолжат со своите напори за постигнување опиплив напредок во признавањето и интеграцијата на лицата, нешто што се однесува на непочитувањето на човековите права на лицата што му припаѓаат на македонското малцинство во Бугарија, како и на 18-годишното неспроведување на пресудите на судот во случајот „ОМО Илинден и други против Бугарија“
Истакнатиот историчар и филозоф Ајзаја (Исаја) Берлин велеше дека „слободата не подразбира само отсуство на спречување, туку и отсуство на пречки за можните избори и дејствувања – отсуство на пречки на патиштата по кои ќе реши да оди човекот. Таквата слобода, во крајна линија, не зависи од тоа дали јас воопшто сакам да одам некаде и каде, туку од тоа колку врати ми се отворени, од тоа дали се подотворени или ширум отворени, од нивната релативна важност за мојот живот“. Со други зборови, слободата не се мери само преку способноста за битисување туку и од можностите за битисување на поединецот или одредените групи во општеството.
Доколку општествените пречки ги затвораат вратите што претставуваат вистински избор, тогаш индивидуалната слобода е скратена, оттука формалната дозвола за дејствување станува празна доколку патеките со суштинските цели се блокирани. На ниво на лична автономија, вистинската слобода налага не само ништење на репресијата туку и можности што ги прошируваат патеките на поединецот, како што е културната инклузија, односно ништење на исклучувањето или маргинализирањето на одредени групи поради нивната етничка или религиозна припадност.
Берлин, меѓу другото, нагласуваше дека слободата е вредносна категорија – колку врати се важни за животот на поединецот и кои од нив навистина го прават слободен. Вредноста е лична и контекстуална, но државата и општеството имаат обврска да гарантираат минимални услови за слобода, како што е еднаквоста во пристапот до опции без разлика на етничката, религиозната или социјална припадност. Поинаку кажано, слободата во општеството има практичен и социјален ангажман затоа што формалното отсуство на забраните не значи дека вратите за секого се отворени или достапни, со други зборови не секој може слободно да битисува доколку вратите му се затворени.
Сега да се насочиме кон прашањето на денот! Дали бугарското општество е слободно и демократско, ако се земе предвид последната одлуката на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за затворање на постмониторинг-дијалогот со Бугарија. Доколку внимателно се анализира, очигледно е дека Бугарија како општество и држава напредува во исполнувањето одредени препорачани правни и институционални реформи што беа предмет на претходниот мониторинг-процес, но ПССЕ исто така јасно повика на натамошно спроведување на пресудите од Стразбур и на заштита на правата на етничките и националните заедници, вклучувајќи и прашања поврзани со македонските здруженија, како услови чија имплементација треба да продолжи и по затворањето на постмониторингот. Со други зборови, затворањето на постмониторингот ја намалува формалната надзорна рамка од страна на ПССЕ, но не ја отстранува и потребата од понатамошни мерки за усогласување со европските стандарди и судската пракса.
Ова се навидум парадоксални одлуки на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), но ја доловуваат суштината за бугарското општество. Денес Бугарија како држава и општество се одликува со демократија и законитост, бугарските граѓани можат слободно да гласаат на локалните и политичките избори, што е во спротивност од времето на Тодор Живков, кога Бугарија беше еднопартиска држава што се одликуваше со авторитаризам и елементи на тоталитарна контрола, држава во која постоеја политичко следење и репресивни мерки против бугарската опозиција.
Но недостигот од политичко следење или репресивни мерки против бугарската опозиција не означува дека Бугарија е слободна држава. Доколку се разгледаат неколку параметри, може да се заклучи дека Бугарија е демократска држава и само делумно слободна. Бугарските граѓани имаат слобода, но не и сите бугарски граѓани, нешто што се одразува и во самата одлука на ПССЕ. Не случајно Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) ја повика Бугарија да соработува со Комитетот на министри на Советот на Европа за спроведување на пресудите, при што експлицитно се споменуваат случајот „ОМО Илинден и други против Бугарија“ и слични предмети.
Само замислете, во Бугарија македонската самоидентификација се толкува како нешто непријателско, како нешто што е штетно за бугарската држава. Каков апсурд! Еден човек не е вистински слободен ако му е ограничено правото на самоидентификација кога тие ограничувања го прават изборот формален, неефективен или опасен. Со други зборови, на бугарските граѓани со македонско национално чувство вратите во бугарското општество им се затворени, нешто што го констатира и Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ). Видоизменувањето на едно авторитарно општество со тоталитарни примеси во демократско и слободно општество е долг процес, а Бугарија е на половина пат во таа трансформација. ПССЕ е свесно за оваа состојба и затоа ги повика бугарските власти да продолжат со своите напори за постигнување опиплив напредок во признавањето и интеграцијата на лицата, нешто што се однесува на непочитувањето на човековите права на лицата што му припаѓаат на македонското малцинство во Бугарија, како и на 18-годишното неспроведување на пресудите на судот во случајот „ОМО Илинден и други против Бугарија“.
На самиот крај ќе завршиме со Исаја Берлин, кој велеше дека слободата за волците честопати значи и смрт за овците, односно дека непречената слобода на одредени поединци или групи може да ги уништи правата, безбедноста и можностите на други поединци или групи, како што е примерот со македонското малцинство во Бугарија.