Скопје не е загадено од вчера, само ние глумиме амнезија

  • Јас го знам Скопје и 56 години го дишам истиов воздух. И да ви кажам право – порано беше уште полошо. Само што немаше апликации да ти јават дека умираш. Тогаш умиравме без нотификација
  • Да бараш од една власт веднаш да го реши проблемот е исто како да бараш од маглата да плати паркинг и да си оди. Ова е работа од децении, не од мандат. Ама тоа не се продава добро. Да, загадено е. И да, проблем е. Ама уште поголем проблем е кога загадувањето се користи како алатка, а не како обврска. Кога се глуми грижа само во зима, а во лето сите забораваат. Проблемите со загадениот воздух не треба да се заборават со завршувањето на грејната сезона

Секоја зима ист циркус. Магла ќе падне во Скопје и веднаш се вклучува аларм. „Крај е“, „се задушуваме“, „никогаш не било вака“. Ајде да не се шегуваме. Кој е роден тука, знае: Скопје нема зима без магла. Тоа е урбана легенда, како чист автобус и чесна политичка кампања. Јас го знам Скопје и 56 години го дишам истиов воздух. И да ви кажам право – порано беше уште полошо. Само што немаше апликации да ти јават дека умираш. Тогаш умиравме без нотификација.
Среде градот работеа ОХИС, „Цементара“, „Железара“, „Алумина“, „Треска“. Оџаци чадеа како да горат гуми за Нова година. Хемија, прашина, чад – коктел за белите дробови, гратис. И никој не зборуваше за загадување. Зошто? Затоа што не се мереше. А тоа што не се мери – не постои. Барем за политика. Денес тие фабрики или не постојат или се сенка од тоа што беа. Индустрискиот отров е многу помал. Ама затоа имаме нова фабрика – фабрика за приказни. Политичари што секоја зима откриваат дека постои воздух и дека токму сега е најлошо во историјата. Секогаш баш сега, баш кога им треба актуелна тема.
Никој не сака да признае дека Скопје е котлина, дека маглата нема кај да оди, дека инверзијата не ја интересира кој е министер. Маглата не гласа. Не ѝ е гајле за пресови и ветувања. Да бараш од една власт веднаш да го реши проблемот е исто како да бараш од маглата да плати паркинг и да си оди. Ова е работа од децении, не од мандат. Ама тоа не се продава добро. Да, загадено е. И да, проблем е. Зимата само го влошува проблемот поради користењето нечисти горива за греење и производството на електрична енергија. Невладините организации често предупредуваат дека ПМ-честичките и емисиите од термоцентралите ќе го зголемат загадувањето.

Исто така, граѓаните што се соочуваат со финансиски проблеми често палат пластика, гума или отпадно дрво, што дополнително го труе воздухот. Ама уште поголем проблем е кога загадувањето се користи како алатка, а не како обврска. Кога се глуми грижа само во зима, а во лето сите забораваат. Проблемите со загадениот воздух не треба да се заборават со завршувањето на грејната сезона.
Политичарите, често со празна реторика во кампањите, и воздухот го делат по партиска линија, иако сите заедно страдаме од загадувањето. Воздухот е често спомнуван како приоритет во изборните програми, но само на хартија. Тој не треба да биде тема за собирање гласови и политички поени, ниту за самосожалување од јавноста, туку треба да биде најважно прашање за државата. Политичарите и надлежните државни институции, како и целокупната јавност, треба да се обединат во битката за чист воздух.
Мерките за тоа треба да бидат краткорочни и долгорочни. На долгорочно ниво општинските и централните власти треба да најдат решенија за сите фактори на загадувањето на воздухот – од индустријата, од емисијата на гасови од автомобилите и сообраќајот, од затоплувањето на домовите, од депониите што согоруваат… Граѓаните да започнат што помасовно да употребуваат современ јавен превоз, да се стимулираат да ги направат своите домови енергетски ефикасни и да почнат да користат обновливи извори на енергија. На долгорочен план ќе биде добредојдено и забрзувањето на гасификацијата на државата, со што значително ќе се помогне во напорите за еколошки почисти градови. Решенија има, само треба да се најдат волја и начин за нивно спроведување.
Скопје не се задушува само од ПМ-честички. Скопје се задушува од лицемерство, глума и кратка меморија. ПМ-честичките ќе ги издуваме некако, ама политичкиот чад тешко се проветрува.