Двата медала имаат одредени заеднички карактеристики, иако секој од нив сјае со сопствен златен сјај. На патот до победничкиот пиедестал, искусниот српски тенисер Новак Ѓоковиќ на Летните олимписки игри во Париз и младите македонски кошаркари на Европското првенство, дивизија Б, во Скопје, покажаа решителност, храброст, силна волја и мотивација, кршејќи ги ривалите со спој од цврста одбрана и фуриозен напад, особено во пресудните моменти од мечевите
Две злата исткаени во ист ден, со заедничка невидлива нишка што ги поврзува спортистите од ова поднебје, кое изнедрило многубројни таленти, кои надминале големи предизвици и тешкотии за да постигнат успех. Првото долго чекано, освоено на најголемата светска сцена, одекна низ целата планета бидејќи заокружува една од најуспешните спортски кариери на сите времиња. Носи спокој и олеснување. Второто, освоено на натпреварување што треба да биде отскочна штица, одекна низ земјава. Носи возбуда и големи очекувања. Едното означува бајковит крај, другото надежен почеток. Прославени преку различни емоции. Првото низ солзи радосници, второто преку насмевки и младешка радост. Можеби веќе погодивте за кои златни медали станува збор. Првиот е на Србинот Новак Ѓоковиќ од финалето на тенискиот турнир во поединечна конкуренција на Летните олимписки игри во Париз, а вториот, кој следуваше неколку часа подоцна, е на јуниорската репрезентација на Македонија за кошаркари до 18 години, која на убедлив начин триумфира на Европското првенство, дивизија Б, чиј домаќин беше Скопје.
Двата медала имаат одредени заеднички карактеристики, иако секој од нив сјае со сопствен златен сјај. На патот до победничкиот пиедестал, искусниот српски тенисер и младите македонски кошаркари покажаа решителност, храброст, силна волја и мотивација, кршејќи ги ривалите со спој од цврста одбрана и фуриозен напад, особено во пресудните моменти од мечевите. Во финалињата влегоа растоварено. Македонија со самиот пласман во завршниот меч против Австрија избори учество во повисок ранг – дивизијата А, додека на Ѓоковиќ, како што самиот кажа, обезбедениот медал во пресрет на финалниот дуел со Карлос Алкараз му помогна за да игра поопуштено. Но тие не запреа тука, напротив, направија дополнителен исчекор за да се искачат до врвот.
Ѓоковиќ стигна до единствениот медал што му недостигаше во неговата ера на доминација, во петтиот обид на ЛОИ, на кои претходно имаше бронза од 2008 година. Популарниот Ноле на тој начин го комплетира т.н. кариерен златен слем, односно успеа да ги освои сите четири гранслем-турнири, како и златниот олимписки медал во поединечна конкуренција. Згора, Србинот е највозрасниот тенисер што се закитил со олимписко злато, на 37-годишна возраст, и тоа без загубен сет. А тој го постигна својот најголем спортски успех на истиот терен во Париз, на кој пред два месеца го повреди менискусот на десното колено, поради што мораше да оди на операција. Затоа може да се каже дека на импресивен начин стави точка и на расправијата околу тоа кој е најдобриот тенисер на сите времиња, придружувајќи им се на оние што не можат да бидат оспорени како најдобри во својот спорт, меѓу кои се боксерот Мохамед Али, кошаркарот Мајкл Џордан, хокеарот Вејн Грецки…
Триумфот на Ѓоковиќ беше прославен глобално, додека успехот на младите македонски кошаркари им донесе голема радост, пред сѐ, на најмладите, кои здушно навиваа од трибините за време на финалето во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Токму нивните резултати можат да послужат и за поттикнување интерес за тенисот, односно за кошарката меѓу децата, што може да доведе до создавање нови таленти и идни шампиони
Златните јуниори, пак, ја претставуваа првата македонска младинска селекција што славеше во финале од дивизијата Б и заслужено влегоа во европската елита. Во претходните обиди, селекцијата до 20 години беше поразена во два наврата, минатата година и во 2006, како и генерацијата за кошаркари до 16-годишна возраст во 2004 година.
И македонските кошаркари, слично како и Ѓоковиќ, стигнаа до златото на убедлив начин, добивајќи ги сите осум меча на турнирот во Скопје. Капитенот на македонската селекција, Никола Јаничиќ, беше прогласен за најдобар кошаркар (МВП) со одлука на селекторите на репрезентациите учеснички. А заедно со него во идеалната петорка на шампионатот се најде и репрезентативниот соиграч Марко Луканоски.
Триумфот на Ѓоковиќ беше прославен глобално, додека успехот на младите македонски кошаркари им донесе голема радост, пред сѐ, на најмладите, кои здушно навиваа од трибините за време на финалето во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Токму нивните резултати можат да послужат и за поттикнување интерес за тенисот, односно за кошарката меѓу децата, што може да доведе до создавање нови таленти и идни шампиони.
Ѓоковиќ уште игра на врвно ниво и се бори за трофеи, но кога ќе ја заврши богатата кариера што се ближи кон залез, би можел да оствари уште една своја желба. Да ја посети Македонија, за што зборуваше во 2019 година кога ја поздрави македонската јавност преку видеообраќање на Инстаграм. Тој тогаш кажа дека би сакал да ги посети Скопје и Охрид, што му го посакуваме, знаејќи дека и во земјава има голем број поддржувачи. На младите кошаркари, пак, им посакуваме да работат вредно, напорно и посветено, како и досега, за да ги остварат нивните цели, затоа што ова е само почеток за нив.