Пак мириса на барут. Тоа ми е инстинктивна реакција на распоредувањето на 150 војници, кремот на НАТО наречен Сојузнички сили за реакција, кои се наменети како одвраќање и одговор на конкретни закани. Па, кои се заканите за Македонија?
Од независноста на Македонија до денешен ден протекоа многу реки, многу води донесоа нечистотии, многу од нив и ги однесоа. Паметиме времиња и кога реките, кои природно течат низводно, понекогаш течеа и нагорно, кон планините. Чуда. Го гледаш тој феномен и се чудиш – како е можно тоа? Да, можно е ако ги преспиеш пресвртните години на 20 век или ако некој те стави во состојба на експеримент. Значи, избран народ.
Ете, имавме чест да станеме членка на Обединетите нации со привремена референца, односно ни име на државата. А во тие постберлински години, кога падна Ѕидот меѓу Истокот и Западот, не видовме или не бевме зрели за да видиме дека ќе се крене нов, повисок и пософистициран. На која страна од ѕидот ќе бидеме ние? Иако немавме членство во ОН, срам за Светската организација и за Бутрос Гали како тогашен генерален секретар, кои не ја почитуваа Повелбата, основниот документ на зградата на Ист Ривер во срцето на најдемократската земја – Америка, на преубавиот Менхетн на Њујорк, спроти Трамп тауер. И ја повлековме ногата со првата мисија на ОН, на превентивно распоредување на околу 750 сини шлема што требаше да ја чуваат границата со Албанија и со Сојузна Република Југославија. По УНПРОФОР, кој требаше да спречи прелевање на југословенскиот конфликт, дојде и УНПРЕДЕП, пак да нѐ чува. Се сеќавам на тие времиња кога нашите странски чувари не видоа навлегување на српска војска кај Чупино Брдо, а тоа е кота блиску до Скопје, една од клучните точки за одбрана на главниот град на Републиката. Нашата војска си ја заврши работата. Имаше и други мисии, како таа наречена Верификациска мисија за Косово, сместена во Куманово, скриена зад превезот на голема тајност, кога се подготвуваше ударот врз Југославија. Па, нам ни се случи инвазија од Косово во 2001 година, како „Благодарам – Faleminderit“ за тоа што претходно Македонија прими над 300.000 бегалци од Косово. Па, дојде мисијата Килибарна лисица, која го собираше старото оружје од УЧК. Рековме времиња кога протекоа многу реки и дојдоа многу војски. А наши војничиња и војничишта испративме во странски мисии да го чуваат мирот во Ирак и во други земји.
Пак мириса на барут кај нас. Можеби сум некаков пророк, ама штом ми се спомне присуство на војска, мене ми мириса на барут. Веројатно затоа што сум служел војска?!
Вака размислувам пред вас – ако во 1992 година Советот за безбедност на ОН ја донесе едногласно Резолуцијата 795 за воспоставување присуство на УНПРОФОР, со превентивен мандат, главно да следат и да јавуваат, а не секогаш јавуваа, и знаеме што сѐ се случуваше, како да размислувам сега кога во Македонија НАТО ни испрати сосема нови сили формирани во јули – Сојузнички сили за реакција. Мене не ми е докрај познат мандатот на овие сили и дали се во некаква субординација со нашите командни структури, но самото нивно име кажува дека тие се способни да реагираат, а не да набљудуваат. Имаат капацитет за брзо распоредување и можат да одговорат мошне брзо на евентуални безредија и по хоризонтала и по вертикала. Овие сили се формирани во рамките на концептот на НАТО за одвраќање на сите предизвици за безбедноста на Европа (одвраќање и одбрана на евроатлантската област ДДФ).
Едноставно кажано, во Македонија ни дошле 150 (на Косово 50) извонредно истренирани војници, што би се рекло кремот на Алијансата. Тие се формирани како одговор на одредени конкретни закани. Мислам дека оваа нивна лична карта би морало да нѐ разбуди сите – да, опасно мириса на барут, и да мора да бидеме подготвени за предизвиците што се тука. Овие сили треба да помогнат да се забрза испраќањето поголеми НАТО-сили во услови на воена закана, безредија, терористички напади. Моментот на одвраќање и возвраќање секако е многу важен.
Тука сме на терен кога не зборуваме за облици на хибридна војна, за психолошка војна или пропаганда, туку за конвенционална воена закана, која може да го запали фитиљот на балканското буре барут. Европа веќе подолго време е набилдана со војски, а и во нашето соседство, како што е во Бугарија, НАТО-сили од Источното крило веќе сериозно се набилдани како одговор на заканите од Русија. На Балтикот состојбата е уште повидлива во однос на бројноста на НАТО-силите. Сега НАТО им дава на Макeдонија и на Косовo своевидно посебно внимание и воен надзор. Што може да се случи? НАТО размислува – да не се случи, а ако сепак тргне нешто кон дестабилизација, па и војна, тогаш да биде подготвен заедно со КФОР брзо да реагира. На Косово има привиден мир, во Македонија јавно се огласија тие што ќе тргнат во дестабилизација на земјата, од лидерот на ДУИ, па до идните „албански академици“, јавно зборуваат дека не се задоволни од она што се случува сега. А и во Албанија врие состојбата, таму опозицијата незадоволна од владеењето на Еди Рама јавно ги запали пратеничките столчиња. Сега станува појасно дека посетите на директорот на ЦИА на регионот не биле вообичаена работа (business as usual), туку дека безбедносните радари фатиле опасни сигнали. Кои се тие, од каде доаѓаат? Како членка на НАТО веројатно нашите безбедносни служби ги добиле потребните информации, а верувам дека и нашите безбедњаци ги научиле лекциите од минатото – биди самиот чувар на својата земја и поредокот. Да не ни се случи на пример некое ново Чупино Брдо.
Не толку одамна се случија сериозни исламистички закани низ Европа, а особено пред концертот на Тејлор Свифт во Виена, при што експерти рекоа дека заканувачот бил со потекло од Македонија. Но многу повеќе се кажа и за таканаречените хабови, или исламистички ќелии што постојат во Македонија, како и постоење на најмалку три тренинг-кампа за џихадистите што се обучуваат на наш терен. Дали НАТО го фатил ова на радарите? И ако е така, кои се врските, логистиката и финансиерите на тие борци? Ако ја земемe предвид состојбата на Блискиот Исток, многу е веројатно дека во моментов закани по безбедноста на Македонија одат по неколку линии – од последици од руско-украинскиот конфликт до блискоисточните воени операции, кои можат за кратко време да извезат милиони бегалци, а меѓу нив и многу џихадисти.
Одлуката на ЕУ суперкандидатката за членство Македонија да ја чува во позиција на пациент е во рамките на катастрофално лоша одлука и процена, нешто што на Брисел му го порача и унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Одлуката на ЕУ суперкандидатката за членство Македонија да ја чува во позиција на пациент е во рамките на катастрофално лошите одлуки и процени. Практично се праќа порака дека Македонија е слаб кандидат, а со таквата одлука ЕУ ја прави земјата безбедносно чувствителна и праќа лоши сигнали кон тие што имаат отворени или скриени апетити
Практично се праќа порака дека Македонија е слаб кандидат, а со таквата одлука ЕУ ја прави земјата безбедносно чувствителна и праќа лоши сигнали кон тие што имаат отворени или скриени апетити. Триесетгодишната отворена или заткулисна дипломатска игра на Грција и на Бугарија сега повторно излегува на површина со сите последици за нашите перспективи, странски инвестиции, економски развој и за безбедноста, и затоа дипломатскиот апаратус мора поагресивно да се приклонува кон новите пријателства, особено од пораките што ги добиваме од Средна Европа, повремено од Италија и сѐ поотворениот пристап кон нас од Израел.
Конечно, во време кога мириса на барут се наоѓаме под еден голем безбедносен чадор, но тој не е толку голем за евентуално да ги покрие сите дупки на внатрешната стабилност и зачувувањето на поредокот. Сега се тестира внатрешниот систем, кохезиските сили, сепаратистичките кокичиња секогаш се појавувале и ќе се појавуваат, се тестираат старите пријателства, но се отвораат канали и можности за нови. Сопствениот интерес секогаш треба да е во преден план.