- Борбата за правата на жените треба да трае цела година, а не само на 8 Март. Затоа и оваа колумна не е задоцнета, преку овие редови сите треба да се запрашаме уште колку генерации мора да пораснат во страв за психолошкото и физичкото малтретирање на жените да стане минато
- Годинава празникот наместо ден на кафеански прослави, се претвори во ден на отпор, солидарност и колективна акција, онака како што и треба да биде. Се маршираше за живот ослободен од насилство и експлоатација, од мизогинија и сексизам, ксенофобија и трансфобија…
Во неделата демонстрантите низ цела Европа го одбележаа Меѓународниот ден на жената, 8 Март, со учество во маршеви и демонстрации што повикуваат на напори за борба против дискриминацијата и забрзување на движењето за родова еднаквост. Толпи излегоа на улиците низ цела Европа за да го одбележат Меѓународниот ден на жената со барања за ставање крај на нееднаквоста и насилството врз основа на полот. Жените протестираа против насилството, за подобар пристап до здравствена заштита, еднаква плата и други прашања каде што не добиваат ист третман како мажите. Демонстрантите изразија солидарност со жените погодени од војната во Украина, Иран, Газа и на други места. Според Обединетите нации, жените во областите погодени од конфликт се непропорционално погодени од насилство врз основа на полот.
Околу 20.000 луѓе присуствуваа на маршот по повод Меѓународниот ден на жената во Берлин. Повеќе од 22.000 присутни беа регистрирани и во Барселона. И не е само Барселона. Илјадници луѓе се собраа во градовите низ Шпанија во неделата за да ги осудат насилството врз жените и војната на Блискиот Исток предизвикана од нападите на САД и Израел. Демонстрации беа одржани и во Мадрид, Валенсија, Севилја, Гранада, Билбао и Сан Себастијан…, но и низ регионот, во Белград, Загреб, Мостар, Бања Лука, Скопје…
Официјално признаен од Обединетите нации во 1977 година, Меѓународниот ден на жената се слави на различни начини и во различен степен на различни места низ целиот свет. Протестите често се политички, вкоренети во напорите на жените да ги подобрат своите права. Оваа 2026 година се одбележа 115-годишнината од Меѓународниот ден на жената и можеби за првпат толку силно одекна и кај нас, како и во остатокот на светот, не претворајќи се во глобална прослава, туку во повик за акција – обележана со демонстрации, претежно од жени, од милитантни протести до добротворни настани. Некои ги слават економските, социјалните и политичките достигнувања на жените, додека други ги повикуваат владите да гарантираат еднаква плата, пристап до здравствена заштита, правда за жртвите на родово базирано насилство и образование за девојчињата.
И Скопје не заостана во таа смисла, на осмомартовскиот марш учествуваа голем број граѓанки, активистки и поддржувачи на борбата за родова еднаквост, кои испратија пораки против родовото и семејното насилство, дискриминацијата и економската нееднаквост со која се соочуваат жените. Со транспаренти, говори и повици за солидарност, маршот ја нагласи потребата од системски промени и посилна институционална заштита. Беа истакнати и барања за еднакви работнички права, социјална сигурност и достапни јавни услуги. Маршот потсети дека борбата за женски права е дел од пошироката борба за демократско и праведно општество. Годинава празникот наместо ден на кафеански прослави, се претвори во ден на отпор, солидарност и колективна акција, онака како што и треба да биде. Се маршираше за живот ослободен од насилство и експлоатација, од мизогинија и сексизам, ксенофобија и трансфобија…
Илјадници пријави за семејно насилство секоја година. Безброј непријавени стравови. Зголемување на силувањата. Жените се изложени на закани и контрола од страна на најблиските. Жени убиени од сопрузи, татковци, синови и поранешни партнери. Фемицид како трагично предвидлива последица од веќе пријавено насилство. Системот не успева, а заштитата недостасува.
Веројатно треба да маршираме сѐ додека не се промени тоа, сѐ додека не се донесат закони и построги казни, сѐ додека е потребно да го потсетуваме системот дека неговата неактивност ги загрозува здравјето и животот на жените.
Иако на почетокот изгледа логично да се поздрави секој чекор кон спречување на насилството, искуството со голем број законски измени покажува дека жените сè уште ретко пријавуваат насилство, се казнуваат кога ќе му се спротивстават на насилникот и минуваат низ долги судски процеси. Системот ги препознава модринките, но не и економското и психолошкото насилство на кое жените често се изложени – пред првиот удар, откако ќе го пријават насилството и откако ќе го напуштат насилникот.
Годинашните маршеви носат јасна порака дека борбата за правата на жените не познава граници – ниту географски ниту политички. Во време кога стекнатите права се систематски нападнати, кога фемицидот, економската несигурност и институционалната неправда продолжуваат да ги обликуваат животите на жените, протестите остануваат простор на отпор, солидарност и колективна борба.
Борбата за правата на жените треба да трае цела година, а не само на 8 Март. Затоа и оваа колумна не е задоцнета, преку овие редови сите треба да се запрашаме – уште колку генерации мора да пораснат во страв за психолошкото и физичкото малтретирање на жените да стане минато.
































