Што знае дете што е играчка

Македонија, под водство на актуелната власт, била сериозна закана за себе, ќе рече еден душегрижник, кој додека се разнебитуваше државата под раководство на неговите ортаци немаше никаков проблем, земјата напредувала, и тоа е точно, но напредуваше кон својата пропаст, тоа е сигурно. Им потпишаа на Грците и Бугарите тоа што сакаа и тоа било визионерство, европски политики, демократија, а сега, не заслужуваме држава оти одеднаш почнавме да си ја браниме и да им пркосиме на оние што сакаат да нѐ нема

Гордо и достоинствено, без да звучи како клише или класичен функционерски слоган, Македонија одбележа 34 години независност.
Она што од оваа перспектива може да се заклучи е дека државата го положи тестот на зрелост бидејќи со сите предизвици со кои се соочуваше уште од 8 септември 1991 година, како ембарга, атентати, упад на терористички групи за дестабилизација и освојување територии, внатрешни поткопувања на институциите и уште редица субверзивни дејанија, сепак успеа да продолжи понатаму, да не се распадне како што многумина одоколу посакуваа и очекуваа. Им пречеше големото име Македонија, сакаа да го снема или да си го присвојат, онака како што ги присвоија или им беа подарени делови од географска Македонија. Сакаа да се направат Македонци без разлика што ни по име ни по род ни по корен не се тоа, длабоко свесни дека македонштината се носи во гените, а не се гради со пропаганда и креирање приказни во кои ниту самите не веруваат.
Ама, ете, 34 години подоцна уште сме тука, уште ги водиме истите битки со оние што продолжуваат да нѐ негираат, да ги негираат нашиот јазик, историја, култура, да нѐ омаловажуваат дека сме некој нов народ од пред некоја година, некој нов идентитет што тие си го проектирале во своите глави и сега се обидуваат нашироко да го наметнат. И свесни се дека не успеваат и тоа ги прави дополнително нервозни, па наметнуваат блокади, поставуваат услови, намерно опструирајќи ја иднината на една суверена држава и на нејзиниот народ, гневни оти не се оствариле нивните проекции. Никогаш и не се остварувале оти колку и да била тешка македонската судбина, сепак некој озгора ги чувал ова парче земја и овие луѓе за да продолжат да го носат аманетот на своите предци и да ја раскажуваат македонската приказна.
Но и по повеќе од три децении, повторно има луѓе на кои оваа држава буквално им дала сѐ, ги направила тоа што се, професори, академици, научници, инженери, политичари, функционери, аналитичари, јавни личности, а тие и натаму плукаат по неа, се ситат со секој обид да се одбранат нејзините интереси, постојано констатирајќи дека „не заслужуваме држава“ или дека „државата била во агонија“.
Токму тие, кога не се закачени на некоја државна функција, дури и на денот на нејзината независност почнуваат да фрлаат дрва и камења по сопствената држава, немало да ја биде оти ја водел некој што бара гаранции утре да не биде уценувана на патот кон Европската Унија, кој го брани идентитетот на својот народ од нападите на кои цела Европа можеше да сведочи за време на расправата во Европскиот парламент. Македонија, под водство на актуелната власт, била сериозна закана за себе, ќе рече еден душегрижник, кој додека се разнебитуваше државата под раководство на неговите ортаци немаше никаков проблем, земјата напредувала, и тоа е точно, но напредуваше кон својата пропаст, тоа е сигурно.

Им потпишаа на Грците и Бугарите тоа што сакаа и тоа било визионерство, европски политики, демократија, а сега, не заслужуваме држава оти одеднаш почнавме да си ја браниме и да им пркосиме на оние што сакаат да нѐ нема. Истиот тој душегрижник оценува дека центрите на моќ во вакви сериозни времиња немало да се посветат на земјава, односно ќе ја оставеле незаштитена. Ако центрите на моќ се Атина и Софија, тогаш подобро ич нека не ни се посветуваат, оти се виде на која воденица оди нивната посветеност. Брисел, пак, одамна не е центар на каква било моќ, а оние другите центри, накај Исток и преку Атлантикот, имаат многу поважни интереси што ги бркаат низ светот отколку да се занимаваат со Македонија. Би било логично да се знае дека токму во турбулентни времиња не се избрзува со потезите оти враќање назад нема, ќе нѐ изеде помрачината со само еден непромислен чекор. Ама истите тие што попуваат дека „не заслужуваме држава“, си имаат сопствена резервна варијанта, која ја промовираат уште од самостојноста на Македонија, со организирање нелегални референдуми, со прогласување некакви автономии, со освојувачки поход и напади врз државните институции, со свои „европски“ општини и слично.
Уште тие душегрижници ќе додадат дека Западот бил алергичен на нас оти 35 години сме плачеле како деца по ситни играчки. Токму така, македонскиот идентитет за некого во оваа држава е обична ситна играчка што слободно може да се стави во некоја кутија и да се пикне во некоја визба, да стои таму вечно заборавена. Понатаму истите професори ќе продолжат со тезата дека Македонија цели 35 години му прави проблеми на нормалниот свет, башка сме биле земја што има проблем речиси со сите соседи. Истиве луѓе како да му ги пишувале говорите на еден поранешен македонски премиер, кој своевремено за да ѝ се додвори на албанската дијаспора, порача дека проблемот бил до нас штом со сите соседи сме се зарчкале.

Понатаму продолжуваат дека не сме знаеле за економски развој, дека државата ја воделе неколку олигарси што измислувале идентитетски спорови оти ним им одговара таа да биде во изолација, за да можат тука да си ги тераат бизнисите. Па „олигарсите“ ли во 1990 година го измислија идентитетскиот спор, кога официјална Атина рече дека нема да прифати држава со име „Македонија“? Или „олигарсите“ ја кроеја бугарската политика кон Македонија изминатите 100 години? Некој друг многу повеќе ровареше внатре по младата држава, истакнуваше и натаму истакнува знамиња на туѓа држава, дочекува политичари од соседството со поздрав „добре дојдовте премиере или претседателе“, одеше во Тирана и Приштина да готви платформи со кои го уриваше карактерот на државата, впрочем и активно учествуваше и очигледно учествува во идентитетскиот инженеринг врз македонскиот народ.
Една работа е повеќе од сигурна, а тоа е дека и по 34 години независност во државата и натаму постојат ликови на кои македонскиот идентитет им е обична играчка, вербата во сопствената економија е заблуда, а градењето систем не постои ако претходно не се инсталираат системски аномалии токму како ваквите душегрижници што сега плачат дека не сме имале држава.
Напротив, имаме држава, која и во овие нови турбулентни времиња ќе знае како да се одбрани од сите напади и да го изоди вистински европскиот пат, онака како што вистинската Европа го зацртала, а не оваа Европа на загубени вредности.
А оние душегрижници што и натаму се убедени дека немаме држава или таа е во агонија, тие секогаш имаат избор. Впрочем, постојано се отвораат нови авиолинии…