Што ни е потребно за да процвета македонскиот спортски расадник

Но она што нас љубителите на спортот уште повеќе пријатно нѐ изненади кај македонскиот репрезентативен ракомет беше фактот што репрезентацијата ја сочинуваа исклучиво деца од домашната ракометна школа, домашната натпреварувачка лига, од домашниот ракометен расадник. Ова е уште еден показател дека квалитетниот спорт во Македонија треба да биде заснован на сопствени сили односно спортисти што ќе бидат изградени тука, кај нас, а не да се увезуваат готови „производи“. Само така Македонија може да стане спортски конкурентна пошироко во светот

Светското првенство во ракомет, кое што заврши во неделата, секако дека ја израдува целокупната македонска спортска јавност од добрата, храбра и пожртвувана игра на македонските репрезентативци, покажувајќи како треба да се бранат боите на својата држава, но и со добриот пласман во таа силна планетарна конкуренција, каде што убедливо доминираше Данска, веќе четврти пат во низа. Тоа македонско репрезентативно единство, кое злато вреди, повторно беше видено во Вараждин, а радоста и исполнетоста за секој постигнат гол беа присутни во секој дом, во секое срце, во мислите на секој македонски навивач. Под македонското поднебје имало, има и ќе има спортски дијаманти, само е потребно да се откријат и квалитетно да се избрусат. А, сето тоа е само показател дека се потребни уште поголема посветеност и работа со младите спортски категории ако се сака уште поголем успех. А ракометната репрезентацијата на Македонија се обидува да го пренесе тоа многу пошироко, на сите спортски полиња, на ниво на спортски федерации со продлабочена комуникација и соработка со локалните и државните институции.
Но она што нас љубителите на спортот уште повеќе пријатно не изненади кај македонскиот репрезентативен ракомет беше фактот што репрезентацијата ја сочинуваа исклучиво деца од домашната ракометна школа, домашната натпреварувачка лига, од домашниот ракометен расадник. Ова е уште еден показател дека квалитетниот спорт во Македонија треба да биде заснован на сопствени сили односно спортисти што ќе бидат изградени тука, кај нас, а не да се увезуваат готови „производи“. Само така Македонија може да стане спортски конкурентна пошироко во светот.
Една цел е значи постигната, но не треба да застанеме тука и да се задоволиме само со постигнатиот пласман, 15. во светот, туку, напротив, треба и понатаму да продолжиме да го развиваме тој ракомет, тие млади и надежни таленти, но не само во ракометот туку и во сите други спортови кај нас.
Без длабоки промени во спортот, пред сѐ во пристапот, организираноста, финансирањето и систематско работење, не може да имаме поквалитетен спорт. Како прв чекор што треба да се преземе, потребно е врз основа на аналитичко согледување на целокупната состојба во спортот да се направи долгорочна стратегија за развој на спортот со поставени цели, кои треба да се постигнат односно да се знае што се сака, како да се стори тоа и, секако, да се обезбедат стабилни извори на финансирање за тоа, кои ќе донесат и значително повеќе средства. Маркетингот за привлекување во спортот на младите треба да почне уште во градинките, основните училишта, па до факултетите.

А, што треба да се стори за да се оствари вака замислената цел. Пред сѐ, тука прво треба да се вклучи максимално државата и затоа добро е што се формира Министерството за спорт, институција за да ги канализира сиве овие напори и постапки што треба да се преземат и спроведат во практика, за да дојдеме до посакуваната цел, а тоа е македонски деца да постигнуваат што поуспешни резултати на меѓународен план.
Логично следува следното прашање: А што ни е потребно за таа цел?
За почеток, потребно е да се почне со изградба на спортски сали, секаде каде што има потреба, и не само големи туку и мали, но битни за специфичните спортови, како што се боречките, на пример. Потоа изградба на пливачки базени, простории за шаховски клубови, каде што ќе се собираат и играат идните велемајстори и слично, што од своја страна, пак, ќе донесе до поголема масовност, од каде што ќе никне и посакуваниот квалитет. Инфраструктурата што постои во моментов, во која треба секако и понатаму да се инвестира, треба да овозможи во голем дел спроведување на предвидените планови и достигнувања на поставените цели од посакуваната стратегија.
Следен чекор е постоење на стручњаци во секоја област, секоја федерација, секој спорт, кои, пак, ќе продолжат да го негуваат поставениот спортски расадник, нешто што е вообичаена практика на големите спортски велесили. А во тој стручен кадар би го спомнале постоењето на тренери, тие што непосредно ќе ги тренираат спортистите и ќе им го пренесуваат сопственото играчко искуство. Потоа педагози и психолози што ќе ги подготвуваат надежите што подобро психички да излезат подготвени на теренот и да се справат со ривалите и необичните ситуации, спортските стресови, како и евентуалните провокации што би можеле да произлезат на натпреварите. Основна цел на психотерапевтите е давање психолошка помош на спортистите што имаат некои моментални психички проблеми, кои минуваат низ некој вид животна криза, имаат различни видови емоционални проблеми, тешкотии во комуникацијата, на теренот, сакаат да го унапредат своето ментално здравје, поттикнат личниот раст, креативноста, да дознаат нешто повеќе за себе и да го подобрат квалитетот на својата игра во посакуваниот спорт.

Во колективниот тим спаѓаат и докторите специјалисти, кои побрзо ќе ги закрепнат играчите од евентуални повреди или заштитат од нив. Не треба да се заборават ни нутриционистите, кои со својата идеална исхрана за спортистите ќе придонесат за успешни резултати што водат до посакуваната тежина, намален стрес и здрав организам полн со енергија кај секој спортист подготвен за големите напори што го очекуваат. Токму затоа за реализација на таа стратегија најбитно е обезбедување и ангажирање стручни кадри, кои треба со долгогодишна и напорна работа да го подигнат спортот на многу повисоко и поквалитетно ниво од досегашното.
Но за да можат сите овие области и стручњаци да функционираат во посакуваната форма и да одиме уште повисоко во остварувањето на спортските успеси, секако потребна е и нивна специјализација. А тоа треба да го овозможи државата со создавање професионален кадар во сите овие области, за да можеме да држиме чекор со најдобрите во светот на спортот. А сето ова, пак, на крајот треба и да се координира, било тоа да е со Министерството за спорт или со друг фактор, но во секој случај да се најде најдобриот начин. На пример да се унапреди скаутирањето, односно да се одбираат најдобрите, најквалитетните спортисти во спортските академии, а не да се грижиме само за „нашите“ деца. Едноставно да се имаат предвид тие што имаат спортски предиспозиции, и ментални и физички, со еден збор најдобрите да дојдат до израз во секој спорт. Понатаму не треба да ја заборавиме ни вештачката интелигенција, која зема сѐ поголем замав во сите гранки од животот и без која очигледно иднината не може да се замисли, за да можеме да држиме чекор со светот.
И на крајот сето горенаведено треба да биде целосно инкорпорирано во спортот со понатамошно развивањето на тие млади и надежни таленти. Токму и затоа последниот успех на ракометарите, кои полетно, бескомпромисно и посветено го најавија новиот млад бран на македонскиот репрезентативен ракомет, едноставно треба да претставува успех и за нас, навивачите, но и за спортисти во другите спортски гранки.