Кои се духовните мртовци што се зад линијата што ги раздвојува живите од мртвите? Тоа се секако и дефинитивно тие што се согласија на промена на името на Македонија, вечната Мајка Македонија, нашиот праискон, креатор и заштитник. Северна Македонија е негација на сѐ што постоело со милениуми, богохулење и бесрамно бришење на еден стар цивилизациски код содржан во сите можни домени на буквата М. Затоа на темата за расказ листот ќе остане бел, празен. Па, дури и за авторски труд со импакт нема што многу да се каже за „северна“
Како се најдовме во ваква ситуација да живееме во земја на паралелни светови, на невидливи, а големи како кањони линии на раздвојување. Можат ли некогаш паралелните линии, тие паралелни светови да се сретнат, да се поклопат? Изворот на овие поделби и тектонски внатрешни промени не е од вчера, но главниот проблем лежи во два апсолутно за нас Македонците неприфатливи договора – Преспанскиот и тој со Бугарија. Тие отвораат врата и за слични други договори со Србија и со Албанија, без сомневање. Отворена е вратата од пештерата во која се чуваше азното македонско, па сега секој сака да земе од тоа што мисли дека е негово.
Да видиме што можеме да научиме од антиката. Во Стар Египет (М’сир) Нил, реката на животот, бил и река на смртта. Линија што ги раздвојувала живите од мртвите. И никој не смеел да ја премине таа линија незаслужено. Умрените на чун се префрлале од другата страна и таму останувале. Така е во денешна Македонија. Исцртана е една линија зад која нема преминување, нема помирување. Таа е линија што ги означува мртвите (духовно) од живите и духовно и физички и мисловно. Значи, луѓе со план, со чувства, со проблеми, со решенија, со иднина.
Кои се духовните мртовци што се зад линијата? Тоа се секако и дефинитивно тие што се согласија за промена на името на Македонија, вечната Мајка Македонија, нашиот праискон, креатор и заштитник. Северна Македонија е негација на сѐ што постоело со милениуми, богохулење и бесрамно бришење на еден стар цивилизациски код содржан во сите можни домени на буквата М. Апсурдот на таа геноцидна операција е во тоа што, сакајќи да создадат нешто ново, нов субјект со нов народ, со ново државно име, всушност се самоубиле. Земете за пример сега некој основец или средношколец и дајте му задача да напише писмена работа на темата „Северна Македонија, мојата татковина“. Што ќе може да напише? Ќе остане листот празен, бел, оти во суштина што може да се напише за таа „Северна Македонија“. И апсурд и иронија. Нека земе и некој академик, историчар, нека биде од Оксфорд, Кембриџ, и тој нека напише труд со „импакт“ на истата тема. Што може да напише? Апсолутно ништо. Ете, тоа е таа „Северна Македонија“ – апсолутно ништо, нула што настојува сѐ што од е другата страна, каде што се живите, нив да ги претвори во ништо. Но, од антиката до денес научивме, белки, дека нема мешање на тие што се на различните страни од линијата на раздвојување. И тој принцип треба и мора да се почитува.
Северна е планиран лабораториски ембрион, но всушност е празен кожурец на нешто што требаше да биде творба. Но, кога некои си мислат дека можат да се вмешаат во работата на Господ, нивниот продукт излегува фалшив, прозрен и негиран. „Северна“ е негација на самата себе – произлезена од ништо и содржи ништо. Таа е опасна по фамата што се шири, по стравот што се наметнува по опстојувањето наше, егзистенцијата и напредокот на вистинската Македонија. Што може да биде како порака од ова – да останеме на вистинската страна, на страната на живите и да не дозволиме стравот и лагата да се шират.
Да останеме на традициите, на песните македонски, на митовите македонски, на славата, оти тоа е нашето, а во северниот кожурец не знаат ни домашен чај од благи или лути тревки да направат, оти немаат искуство, немаат минато, историја. Немаат прележано ни сипаници, ни заушки, ни тешки настинки. Немаат корен за што да се фатат. Плитка творба.
Во таа плитка творба продолжуваат да функционираат паралелните светови, а каде што има такви односи се формираат и паралелни институции. Ова е сега клучниот момент на новата влада, на која на голема врата му тропа на премиерот Христијан Мицкоски неговиот коалициски партнер Вреди со барање Албанците во Македонија да добијат „албанска академија на науките и уметностите“. Сакаат науката да ја поделат на македонска и на албанска. Можно ли е некој вака да размислува? Ќе ги делиме ли и атомите на македонски и албански? Ова мора да е некој необјаснив синдром на уништување сѐ по ред, оти во ова нема апсолутно никакво здраворазумно објаснување. Јавачите на брановите на оваа идеја веќе си обезбедиле и финансии. Да се прашаме што финансираат финансиерите? Академска работа, институт за, да речеме, квантна физика, или финансираат прокламации и самосликање?! И како тие четири-пет општини обезбедиле финансии? Се финансираат тие од централниот буџет врз основа на нивните општински буџети, или сега ќе мораме за некакви виши цели сите да ставиме црни шамии на очите и така врзани да одиме на работа, да ги земаме децата од училишта во кои нема греење, оти се немало пари? Или правната држава ќе го земе случајот во свои раце.
Коалицискиот партнер на Мицкоски, Вреди, му тропа со барање Албанците во Македонија да добијат „албанска академија на науките и уметностите“. Сакаат науката да ја поделат на македонска и на албанска. Можно ли е некој вака да размислува? Ќе ги делиме ли и атомите на македонски и албански?
Ова е за интервенција на правната држава. Ова е поголем случај од хулахопките или вентилаторите оставени во Министерството за правда. Не се доволни политички декларации дека албанска академија нема да се дозволи, зашто во тек е процес таа да се официјализира. Во тек е процес да се урне уште еден столб на македонската државност. Тие што бараат академија, бараат и да се воведе Бадентеровиот принцип и во Уставниот суд и во МАНУ, а не го испочитувале тој принцип на гласање со двојно мнозинство на локално ниво. Таму каде што е предвидено да се применува. Тие паднале на првиот испит.
Да се вратиме на линиите – тие постојат и се болни, тегобни за Македонија. Влечат назад, одземаат енергија, пари и не праќаат добра порака ни кон тие што сакаат и прават нешто да ја направат Македонија подобро место за живеење и кон светот, кој ако вака продолжиме, ќе нѐ заборави. Ќе нѐ остави да потонеме како недостоинствени да го поминеме тестот на ова што се случува сега. Тешка е таа работа за Владата, особено што главниот партнер се наоѓа токму на двете дебели линии на раздвојување, но премиерот покажа лидерство, храброст и достоинство во Брисел, Берлин и во Њујорк, па зошто да не биде истиот тој Мицкоски и во Скопје, Тетово или во Пробиштип.