Генерациите родени кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите на минатиот век имаа камен што се викаше ФИРОМ, а сега тој камен стана планина. На северната страна од планините најпрвин паѓа снегот и најдолго останува додека не окопне. Првите тревки доцнат, оти на север нема сонце, а Македонците се деца на Сонцето. Кој ли беше толку мудар/перфиден да го смисли тоа? И тогаш бришевме, ама сите го бришевме тоа ФИРОМ – на настапи, средби, прес-конференции… Дали сега сме подготвени како нашите деца или внучиња да почнеме да го бришеме тоа
северно наказание залепено пред нашето свето и славно име? Можеме ли да веруваме во себе како што си верувавме пред триесетина години?
Овие неколку реда што подолу ќе ги напишам не се фикција, туку реален настан во едно наше семејство. Еден навидум незначаен настан и семеен разговор, но толку битен за ова наше општество што ги изгубило мерата, моралот, вредноста на семејството, значењето на децата.
Ученик во седмо одделение само што ги добил новите учебници. Радост и кај ученикот и во семејството – има учебници. Нешто недостига и се купува. Тоа се „Неми карти“, помагало по предметот Географија. Ученикот му вели на таткото: „Гледај го згрешиле името“, и се насмевнува. „На учебникот пишува ’Република Северна Македонија‘“. „Да, да голема грешка“, дополни таткото. Родителот следниот ден останал вџашен, но и пресреќен кога видел дека на „Неми карти“ кај „северна“ бил залепен еден црн стикер. Останала само Република Македонија. „Не сум само јас и други деца ставија стикери“.
Значи и други деца ставаат стикери, а некои и во учебниците каде што стои „северна“ го пречкртуваат со фломастери. Колку убаво! Да, да, сонот, реалноста, митот, приказната… за Македонија се живи. Кај нашите деца, нашето поколение, кое ќе изеде уште многу фурни леб за да излезе на прво гласање, но веќе сега покажува зрелост и приврзаност кон татковината. Македонија не е и не смее да остане беден компромис. Оти, како и во животот така и во политиката, компромис е дефиниција за пораз на послабиот. Одговорете си самите кој е поразениот.
Зарем моравме и зарем не се срамиме од ова што им го оставаме на овие кревки дечиња? Тие да ја имаат задачата и да ја „средат“ таа географска одредница, која никогаш на овие наши простори не постоела. Не сите, немаат сите причина да се срамат, туку тие, пробисветите и калкулаторите, политичките криминалци што го создадоа, го потпишаа и го наметнуваа агресивно новото име сосе пакетот – нема Македонија, таа не постои! Измислена творба. Со Преспанскиот договор токму тоа се докажува и од Нивици, па наваму ние сме принудени и дома и надвор под грчки диктат да создаваме нова приказна. Какво понижување за Македонците, за славните Македонци на кои денес почива европската култура!
Генерациите родени кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите од минатиот век имаа камен што се викаше ФИРОМ, а сега тој камен стана планина. На северната страна од планините најпрвин паѓа снегот и најдолго останува додека не окопе. Првите тревки доцнат, оти на север нема сонце, а Македонците се деца на Сонцето. Кој ли беше толку мудар/перфиден да го смисли тоа? И тогаш бришевме, ама сите го бришевме тоа ФИРОМ – на настапи, средби, прес-конференции, а им бацувавме раце и нозе на тие странци што со почит кон Македонија и Македонците велеа – за мене постои само Република Македонија, а не некаков си ФИРОМ. И си патувавме низ светот со пасош на Република Македонија како Македонци.
Дали сега сме подготвени како нашите деца или внучиња да почнеме да го бришеме тоа северно наказание залепено пред нашето свето и славно име? Можеме ли да веруваме во себе како што си верувавме пред триесетина години? Дајте им повеќе фломастери на децата и нека пречкртуваат. Тие имаат право на протест и имаат право да мислат, да размислуваат и да дејствуваат по македонски. Охрабрете ги, ништо нема да загубите, само ќе добиете. Ќе добиете деца свесни и за себе и за својата држава и нација. Не е доцна ниту предоцна. Како родители, старатели, возрасни и посилни ќе бидете гледани со почит од помладите. Тие сакаат да видат примери, ликови на кои можат да се угледаат. Не пакувајте им ги куферите и не купувајте им карти во еден правец на Запад, Исток или каде било, за да ни бидат расштркани по светските меридијани. Седнете си дома и направете го домашниот есап и одговорете на прашањето – колку добивме со промената на името. Ми се подобри ли имотната состојба? Добивме ли подобро здравство, нови училишта? Барајте искрени одговори од себе, зашто ако ние повозрасните сме дозволиле да ни се повторуваат грешките од кои ништо не сме научиле, мораме ли тоа проклетие и на нашите деца да им го оствариме. Ова не е гола патетика, туку е сурова реалност на едно општество распродадено по сите линии, извезено без бандерола на сите светски пазари, деградирано и понижено. Дајте им мастраф и причина на политичарите да размислуваат за вас, да ви ја знаат вредноста и да бидат сигурни дека не сте за купување гласови, ниту за продавање на сопствената вредност и значење.
Токму тие, политичарите знаат да го почувствуваат моментот кога им гори под кожата. Тие веднаш ќе ви се додворат. Но признание од нив досега не сме добиле. Никој не кажа дека згрешил, колку згрешил и не се извинил јавно.
Ги кријат имотните листови, имаат по два-три пасоши и нивните цели тешко се совпаѓаат со нашите. Сега задува поинаков ветер и тоа треба само да биде поттик дека треба да бидеме храбри, многу похрабри за да си го вратиме нашето. Не се проблем само Договорот со Бугарија и вториот протокол, како што анализира потписникот на Преспанскиот договор, поголемиот проблем е во геноцидниот Преспански договор. А како што некогаш аргументирано тврдеше потписникот, за историски прашања не смеат да решаваат политичари (политиканти), туку тоа да им се остави на научниците. Ама, ете, не им се остави, па им го оставивме ова наследство од тешка планина на нашите деца. Тие заслужуваат со нив да ја затворам оваа колумна. Да им го тргнеме тој товар. Нека размислуваат слободно, нека се движат слободно, нека бидат рамноправни со своите врсници во светот. И добро објаснете им овие денови зошто го славиме 11 Октомври. Младите речиси ништо не знаат за една генерација што се жртвувала и знаела да ја одбере вистинската страна на историјата. За една генерација победници. Нивната слава треба да се пренесе денес, нека оживеат идеалите за слобода, достоинство, еднаквост, правда и сувереност.