Интересен е тој феномен во политичката практика на „мимикрија со политички наративи“ со кои се маскира една долгогодишна тенденција за етничка сегрегација, отцепување и тенденции за доминација на малцинството врз мнозинството, во македонската унитарна држава. Зачудувачки е како по две децении споделување на власта во таа унитарна држава со мултиетничко општество, со особено високо дадени права на малцинствата – во статус на народи во Македонија, политичката идеологија и амбиција на лидер на една исклучиво етничка партија (претходно воена хунта) не еволуираа од времето и состојбата кога со милитантен начин ги нападна државата и нејзините институции, наводно во борба за човекови права?!
Собранието утре, на 29 март, ќе ја одржи последната пленарна седница со пратеничкиот состав, кој мандатот го доби на 4 август 2020 година. Тоа во практика значи отворање на политичкиот терен за предизборната кампања (засега само) за претседателските избори, односно „превентивно“ затворање на собраниските микрофони за да не се случи парламентарната говорница да биде злоупотребена во изборно-пропагандни цели. Официјално, изборната кампања започнува на 4 април, но и пред да бидат поставени билбордите по улиците со ликовите на кандидатите на изборите, изборните слогани и ветувања, политичкиот изборен набој некако е сеприсутен во обичното македонско секојдневје. Интересен е тој феномен во политичката практика на „мимикрија со политички наративи“ со кои се маскира една долгогодишна тенденција за етничка сегрегација, отцепување и тенденции за доминација на малцинството врз мнозинството, во македонската унитарна држава. Зачудувачки е како по две децении споделување на власта во таа унитарна држава со мултиетничко општество, со особено високо дадени права на малцинствата – во статус на народи во Македонија, политичката идеологија и амбиција на лидер на една исклучиво етничка партија (претходно воена хунта) не еволуираа од времето и состојбата кога со милитантен начин ги нападна државата и нејзините институции, наводно во борба за човекови права?!
Во актуелниов (пред)предизборен амбиент, на официјално потпишување во Тетово на договор за создавање на коалицијата наречена „Европски фронт“, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, јавно порача дека „нашата цел, како Албанци, останува иста и сега, по 22 години: во 2001 година се обединија во цел фронт, за да го променат и за да го унапредат политичкиот и правниот статус на Албанците во Македонија. Продолжуваме со остварувањето на оваа цел во оваа држава, која е сега и наша, а кираџии во неа и не ни сакаме“. Порачувајќи дека „Албанците од Македонија ќе постигнат победа најголема во историјата на независноста на оваа држава“, лидерот на ДУИ, кој веќе 22 години на своевиден начин е политичар со најдолг континуитет во партиципирање во извршната власт, а со тоа и со влијание во креирање на политичкиот амбиент во државата, веројатно повеќе ги мотивираше своите приврзаници и коалициски партнери, пред изборното соочување со за првпат појавената сериозна политичка конкуренција во својот етнички албански блок. Но, случајно или намерно, реферирајќи на „политичката, дипломатската и воената победа“, која ја „оствариле“ Албанците во 2001 година, Ахмети ја постави претстојната предизборна, но и постизборна активност на „Европскиот фронт“ во еден меѓуетнички контекст, со силно нагласување на „целите“ на албанската национална кауза и на албанскиот народ. Наспроти европското себедекларирање и во именувањето на коалицијата, главниот политички наратив на ДУИ (а изгледа и на коалициските партнери) и на овие избори ќе биде фокусиран на етничката агенда на Албанците во Македонија.
Иако двете албански политички спротивставени коалиции имаат свои кандидати дури и за претседател на Македонија, што би требало да значи – претседател на сите македонски граѓани, особено е контроверзен начинот на водење на кампањата во која кандидатите и се обраќаат исклучиво на гласачите Албанци, исклучиво на албански јазик, игнорирајќи го македонскиот јазик како службен јазик на целата територија на државата, а често и официјалните симболи на државата, знамето и химната. Европската „фасада“ на изборните кампањи на политичките субјекти од албанскиот блок партии се чини дека е ефикасен одбранбен штит пред меѓународниот фактор за да ги направи „невидливи“ заканите со „обување на чизмите од 2001“ при евентуална опомена за форсирање на преетничката агенда, наспроти националните интереси на Македонија и на мнозинскиот македонски народ. Користејќи ја уцената од Бугарија за отворање на македонскиот устав, како услов за ефективен почеток на преговорите со Европската Унија, албанскиот фактор во земјава воопшто не се стеснува да ги истакне и своите барања за измени на конститутивниот акт, кои практично водат кон создавање бинационална и федерална држава.
Говорејќи за ЕУ како неприкосновен сон на Албанците во Македонија, всушност честопати нивните политички претставници јавно откриваат дека „будни сонуваат“ само за „воениот плен“ од 2001 година. Колку и да се прикрива со европски наративи, политичката реторика на албанскиот политички фактор, за државата во која се рамноправни граѓани како за „воен плен“, никако не поминува во ниту еден европски критериум. А се чини дека таквиот воен наратив и референци на „политичката, дипломатската и воената победа“ од 2001-та побрзо ќе ги однесат говорниците и учесниците во тие настани пред лицето на правдата за нерасчистените случаи на злосторства врз цивили од тој период, отколку Македонија во ЕУ со нивните уцени. Всушност, најстарата европска институција, Советот на Европа, веќе бара расчистување со насилното минато во Македонија, како придвижување на државата кон социјална кохезија, правда и помирување. Иако писмото од Комитетот за човекови права при СЕ, за процесирање на хашките случаи од 2001-та, засега предизборно се игнорира од политичките фактори во Македонија, сепак еднаш ќе мора да се даде одговор за правдата за извршените злосторства што не застаруваат, колку и да е голема политичката моќ на сторителите.