Секоја земја на прво место ги става сопствените интереси, а потоа гледа дали тие интереси може да ги усогласи со интересите на другите земји и на тој начин подоцна склучува сојузи, влегува во некакви асоцијации, алијанси и слично. Тоа е вековна пракса на сојузништва базирани исклучиво врз заеднички интереси, а не од љубов, па затоа секој влегува со она што смета дека е најдобро за неговата земја и за неговиот народ.
Арно ама изминатите десетина години сведоци сме дека за некои македонски политичари овој принцип како да не важеше, па наместо да се бранат сопствените интереси, им се излегуваше во пресрет на сите други и се нудеше на „тезга“ и она што треба и она што не треба, само да се влезе во НАТО и да се почнат преговори со ЕУ.
Се покажа дека пристапот на овие политиканти не само што беше погрешен туку ја доведе земјата во целосно подредена улога кон соседите, го урниса нејзиниот углед како суверена држава, а што е уште полошо, дотолку го понижија сопствениот народот, што тој изгуби секаква верба и во Европа и во некакви европски вредности. Ја изгуби и вербата во сопствената држава, па многумина си заминаа не толку заради парите колку поради понижувачкиот однос во кој беа доведени.
Челниците што ја предводеа Македонија изминатите години сметаа дека остварувањето на нашите стратегиски цели, членството во НАТО и во Европската Унија, нема никаква алтернатива и дека за таквата цел вреди на маса да се стават и највисоките државни интереси, како името на државата, идентитетот, јазикот, историјата и културата на еден народ. Ги ставија на маса сите оние работи за кои никој нема право да дискутира и да одлучува бидејќи биле со векови оставени како аманет на генерации и генерации, за сега некој да ги поткусурува само колку да си ги зачува тендер-бизнисите и удобните фотелји.
И ЕУ и НАТО си имаат свои стратегиски планови и затоа секогаш тргаат од сопствените интереси, не дозволувајќи никој да застане на нивниот пат. Од друга страна, задача на секоја одговорна влада е да тргне од сопствените национални интереси и да не отстапува. Може како отстапка да се смени некој закон, некоја уредба, некое правило, но да се бара промена на име, на идентитет, јазик и историја, тоа е јасен сигнал за СТОП, дотука преговараме, за ова не. И да беше ставен тој знак „стоп“ немаше ништо да се смени, оти Македонија уште одамна беше во стратегиските планови на НАТО и секако ќе се зачленеше, дури и без да го менува името. И Ципрас го кажа тоа. Арно ама зошто да ги доведуваме во прашање грчките национални интереси, кога едноставно може да се откажеме од нашите? Па, зарем генерации и генерации политичари од 1990-та наваму не можеа да го сменат името и да ја зачленат државата во НАТО и ЕУ? Можеа, ама, со сите транзициски мани и скандали, сепак правеа разлика што е тоа наш национален интерес, а што е туѓ интерес. За разлика од нив, оние што на врат на нос ги донесоа на власт во 2017 година не се замараа многу со националните интереси. За нив „Северна“ за севкупна употреба е храбар чекор на „политичари визионери“, за нив со Бугарите сме „сшти народ“, имаме заедничка, а не споделена историја, ама битно договорот со Фронтекс е потпишан на македонски јазик, со што јазикот е зацементиран, без оглед на бугарската фуснота во Брисел.
За да не ни се повтори таквиот политички дилетантизам, секогаш е важно навремено да се препознае кои се нашите национални интереси, дали има преклопување на интересите или, пак, дали има голем дисбаланс од она што се туѓи интереси, а што наши. Тоа е важно за да може навремено да се реагира и државата да не се доведува во подредена ситуација да мора да се откажува од сопствените интереси како услов да се зачлени во некоја организација, но во исто време да ги задоволува туѓите интереси на сопствена штета. А се случи токму тоа, се откажавме од името за влез во НАТО, а сега треба да ги жртвуваме идентитетот, јазикот и историјата за да влеземе во ЕУ. Тоа се вика подаништво, да исполнуваме туѓи желби и барања и да ги задоволуваме туѓите интереси, наместо да се бориме за своите.
Изминатиот период поголемите европски челници се растрчаа низ светот да обезбедат подобри позиции за сопствената држава со земјите што не се дел од ЕУ, а се глобални економски сили. Иако генерално европските стратегиски интереси се да се оградуваат и да ги намалуваат врските и зависностите од тие надворешни пазари, сепак нивните лидери забележале дека дел од националните интереси можат да ги усогласат со интересите на партнерите надвор од европските граници. Тоа го прават и Шолц и Макрон и Мелони, затоа што интересите на нивните земји им се поважни од европските. Секој гледа подобро да си ја позиционира сопствената земја.
Затоа, задача и на македонските политичари е да почнат да ги компарираат македонските интереси со сите други. Методот е едноставен.
На прво место се исклучиво највисоките македонски интереси, заштита на идентитетот, јазикот, историјата и културата, за што нема разговори и отстапки со никого. За сѐ друго има простор за разговор и за усогласување на нашите со другите интереси. Така се штити вистински земјата, а не со исполнување на сѐ што ќе му падне напамет на Брисел. Ако Бугарија и Грција имаат проблем со нас, тоа е билатерален проблем, не е проблем на ЕУ, и Унијата треба да го третира така. Официјална Атина сакаше да го мултилатерализира проблемот со името во рамките на НАТО само затоа што премиерот некаде кажал Македонија без „северна“, но доби експресна порака од Алијансата, дека тоа се билатерални прашања и треба да останат надвор од организацијата. Истото тоа треба да го направи и ЕУ, а македонските власти треба да инсистираат на таквиот пристап. Ако името не е пречка, ако идентитетот, јазикот и историјата не се проблем, тогаш сите други европски интереси се и македонски интереси, како борба со корупцијата, владеење на правото, заеднички европски пазар, поврзана инфраструктура и слично. Тука нема никакви разлики, дефинитивно ни се поклопуваат интересите.
Несомнено има промена во пристапот и тоа создава одредена нервоза и во Софија и во Атина, кои не се навикнати некој да им каже „не“. Но кога соседите конечно ќе сфатат дека наше легитимно право е да се бориме за сопствените интереси, тогаш и самите ќе почнат да сфаќаат дека разговорите се најдобриот начин за наоѓање решенија што нема да бидат ултиматуми, туку начин за воспоставување искрени добрососедски односи. Македонија постојано демонстрираше таков пристап, дури и на сопствена штета, но сега е време да се повлече црта и да се каже до каде може да се оди. Искрено, таа црта требаше многу одамна да се повлече.