Првиот чекор во ликвидацијата на еден народ е да се избрише неговата меморија. Уништете ги нејзините книги, културата, историјата…, потоа напишете нова историја, ете ова го напишал писателот и дисидент Милан Кундера. Колку ли само ова важи за Македонија! Нашиот обид за членство во ЕУ е само продолжена историска приказна за геноцидниот процес смислен против Македонците, кој треба да се оконча со членството во ЕУ. Таму сигурно нема да влезат Македонци, затоа како никогаш порано е потребно да го искористиме нашето право на отпор. Па и Господ и Америка ги сакаат храбрите
Да се потсетиме што напиша големиот чешки писател и дисидент Милан Кундера во „Книга за смеата и заборавот“: „Првиот чекор во ликвидацијата на еден народ е да се избрише неговата меморија. Уништете ги нејзините книги, културата, историјата. Потоа нека напише некој нови книги, произведе нова култура, измисли нова историја. Наскоро тој народ ќе почне да заборава што е и што било… Борбата на човекот против моќта е борба на сеќавањето против заборавањето“.
Ова е напишано во 20 век, а важи и за 21 век. На кого мислел Кундера? На својот народ? На другите народи? Секако, пораката е универзална, а тоа значи се однесува и за нас Македонците, кои како последни Мохиканци од едно смачкано племе претаме, креваме глава, земаме воздухче и извикуваме – живи сме, жива е и Македонија, нашата Мајка Македонија.
Пораката од Кундера е последно предупредување до сите што мислат дека ѓаволот нема да тропне и на нивната врата. Тој ќе тропне, ќе ве разбуди и ќе ве однесе во заборавот. Да немате дилеми. Ќе има и аплауз откако ќе се спушти завесата на нечие постоење, меморија, битки добиени и изгубени, пролеана крв, свадби и венчавки, окупации и ропства, асимилации и носење пушки на туѓи униформи, селидби, одење на печалба без враќање. Никој нема солза да пролее, освен мајка ти или сестра ти. Така функционира светот, кој можеби е расипан, стока на која ѝ поминал рокот на траење и само загадува.
А еве што ми пишуваше пред повеќе од 20 години од Мелбурн македонскиот дисидент Јонче Трајчевски, десната рака на Драган Богдановски: За нас не е важно дали и кога ќе влеземе во Европската Унија, може и ќе влеземе, поважно е какви ќе влеземе.
Тука сме пред вратата на Брисел (исто како и пред вратите на Версај, Берлин, Лозана, Букурешт, Лисабон) и веќе знаеме дека ние нема да влеземе, туку ќе влезат некои други. Поточно ние нема да бидеме овие истите што сме можеби повеќе по навика Ние, со големо М, ќе бидеме некои други, идентитетски сменети, генетски модифицирано племе со меморија што може да се смести на флопи диск од 100 килобајти. Ништо повеќе, а многу, многу помалку. Почнуваат да се ништат систематски нашите книги, култура, историја, за да се измисли нова историја. Дел од новата историја ја видов годинава на „Струшките вечери на поезијата“ каде што нашите поети беа претставени како поети од Северна Македонија. Како ли само длабоко пушта корења оваа болест северница! Ние сме новодојденци на овој свет. На Светот не му е срам, раката воопшто не му затреперува, да изврши цивилизациски масакр врз еден од најстарите народи, некогаш гордите и славни Македонци. Тоа ќе го наречеме геноцид, оти ова е смислена историска операција со позната крајна цел – да нѐ снема.
Дали е ова само повторување на истата приказна и зошто? Првин за да не се заборави дека сме сотрени со неколку спогодби – Охридскиот рамковен договор, Преспанската спогодба (која замислете е потпишана за да важи за вјек и вјеков, за никогаш да не се разбудиме повторно како Македонци) и Договорот со Бугарија за добрососедство и соработка дополнет со протоколи (ако сакате прочитајте го најопасниот памфлет „Протоколите на Сионските мудреци“, кој е инспирација за холокаустот за да видите што нѐ снашло!), при што вториот протокол е последната шајка во ковчегот во кој е легната Македонија.
Можеби ова нема вака директно да му го кажат на македонскиот премиер Христијан Мицкоски во Брисел, но чувството нема да биде пријатно, ни за него ни за нас, во тоа сум сигурен. Она што е многу важно е што Мицкоски како премиер јавно кажа дека негова задача е да ги брани и одбрани националните интереси. Тоа е силна реченица, но искуството новинарско ме направи да бидам скептичен. На еден брифинг лице в лице со германскиот дипломат Ханс Јорг Ајф, тогаш цивилен претставник на НАТО во Скопје, му противречев на некои негови ставови, а беше претерано отворен и суров, па ми плесна в лице: можеби твоите погледи за националните интереси не се совпаѓаат со тие на Киро Глигоров.
Ми беше јасно на што мисли, затоа и сега го чекам одговорот за мојот скептицизам – кои се нашите национални интереси за кои храбро со чувство на патриотизам се искажа Христијан. Заслужено му се обраќам со неговото лично име, заради потребната блискост и поткрепа. Оти тој сам нема да ги одбрани нашите национални интереси, му требаме и ќе му требаме.
Па, зошто ја повторувам оваа македонска приказна? И од причини што е тоа библиски принцип на пишување. Секогаш кажуваш нешто ново, но се навраќаш и на старото, потсетуваш, малку ќе измениш, но принципот на повторување значи помнење. За да се запомни нештото. Затоа пишувам и ќе пишуваме, за да не заборавиме, за да не се заборавиме. Не случајно споменав дека македонски дејци, политичари, врвни интелектуалци со познавања од историја и странски јазици, филозофија, сликарство, стратегија на војување, тероризам и одење по европски балови биле пред вратите на Лозана, Версај, Букурешт… сега Брисел каде што се одредувала судбината на Македонија и Македонците без да го чујат нивното мислење. Па и по сите прекројувања, селидби, прогони, одвојување деца од семејствата, илјадници деца, опстојавме, ја зачувавме Македонија жива со македонските белези. Тоа кажува дека можеме ако сакаме да го преживееме и овој геноциден процес, кој ќе оди со потпис на ЕУ спакуван како морковче – еве ви ги отворивме вратите на нашата Унија.
Во меѓувреме, во годините што доаѓаат, историски комисии и бриселски преговарачи ќе ни кројат нова историја, нови учебници и ќе ги учиме децата дека нивните татковци и мајки, нивните баби и дедовци не биле добри луѓе, биле фалсификатори на историјата, биле на лошата страна на историјата. Нашите деца и внуци ќе ги учат дека треба да нѐ осудат нас и да нѐ прогласат за недостојни да го носиме името Македонија, а со тоа и да бидеме Македонци. Нашите поколенија ќе учат дека се граѓани на територијата Северна Македонија, а сѐ што се наоѓа на нејзината територија како историски, културен, археолошки етнолошки, фолклорен… артефакт не ни припаѓа нам, туку на другите. Ние само сме дошле на нешто туѓо.
Е па, простете, ама тоа нема и не смее да ви пројде. Не може да пројде, оти тоа се коси со сите Божји закони, со сите закони, принципи, случувања и правила на природата. Тоа, сепак, е многу посилно од тоа што сега ни го нудат и обидот за наша анихилација. Знаеме дека отпорот не беше достоен на злосторството што го направија владата на Заев и дипломатскиот егзорцизам на Бујар Османи опишан во протоколите на Договорот со Бугарија.
Имаме право на отпор и мораме да го искористиме тоа право. Како што напишал Ирвинг Берлин во 1918 година додека траела Првата светска војна, Бог да ја благослови Америка, така и ние го креваме гласот, зашто и Америка и Господ ги сакаат храбрите.