- Ако некоја негативна појава како што е убиството е толку зачестена, мора да се укаже на неа и да се најдат начини да се превенира. Не смее да се прифати како нормално и да се замижи пред неа. Не треба да станеме нечувствителни. Меѓу другото, се вели дека убиството на еден човек е убиство и на човечкото во сите луѓе. Останува институциите да преземат соодветни мерки, како што впрочем и прават, но и посветено да се работи на издигање на свеста и на едукација за насилството уште од рана возраст, за да се укаже на ризиците и опасностите, а со тоа и да се спречат и да се избегнат злосторства во иднина
Деновиве читам за хорор-приказната позната како „сараевско сафари“, која го обиколи светот. Во неа се тврди, во обвинувања поднесени во Италија, дека за време на војната во Босна и Херцеговина, богати луѓе од Западот плаќале за викенд-тури со цел да пукаат во цивили во Сараево од снајпери. Од 1992 до 1995 година, екстремно богати поединци од Италија, Германија, Франција, Велика Британија и од други западни земји наводно плаќале огромни суми пари, што одговара на денешен износ од 80 до 100 илјади евра, за да бидат однесени на снајперски позиции околу Сараево за да пукаат во невооружени босански цивили. Целите можеле да бидат деца, жени или мажи, без никаков исклучок. Типичниот учесник се опишува како многу богат, општествено почитуван професионалец или претприемач – личност од високото општество, љубител на оружје и лов. И се вели дека не станува збор за десетици учесници, туку можеби за стотици. Ваквата приказна досега мислев дека постои само во некој филм во кои луѓе ловат луѓе. Самата информација, уште пред да се докаже нејзината веродостојност, предизвикува згрозување, а според првичните реакции на интернет, може да се забележи дека дополнителен гнев предизвикува тврдењето дека во ваквите злодела учествувале богати луѓе, кон кои јавноста вообичаено уште полесно го насочува гневот.
Овој случајот можеби ги разоткрива човечката природа и злото. Можеби не станува збор за вродено зло, туку за крволочност практикувана во минатото низ вековите, која се јавува како кошмар во денешницата исполнета со сѐ почести војни, економски кризи, пандемии.
Очигледно е дека убиството и во денешно време, за жал, претставува карактеристика на човекот и на неговото секојдневие. Доволно е само да ги прочитате насловите од повеќето секојдневни вести. Убиства се случуваат секојдневно во сите делови од светот. Разликата во наведениот случај е што станува збор за чисто зло.
Малку подолу зад „сараевското сафари“ на агрегаторот за пребарување вести читам вест со очајна реакција за убиство во Штип каде што сосед, партнер, ја убил и ја закопал партнерката во дворот. За овој случај алармира и адвокатка што е позната по своите залагања за заштита на жените жртви на семејно насилство, велејќи „дали сте свесни дека на секои два месеца има убиена жртва на семејно насилство“?! Станува збор за два сосема различни случаја, во Сараево во 1990-те и во Штип деновиве. Ладнокрвните „туристички“ убиства на непознати луѓе не може да се споредат со случаи на убиства каде што луѓето се партнери или во конфликт, каде што убиствата се во афект или се предизвикани од опсесивно-компулсивни односи итн. Ама сепак и ова само покажува дека убиствата се дел од човечкото секојдневие. Убиството изгледа е дел од природата на човекот, со што се чини дека ние живееме помирени со таа горка вистина. Денешниот човек живее опкружен од убиствата и тие се дел од неговиот живот.
Но кога станува збор за вториот случај, тој само покажува дека најчести жртви на убиства се жени. Не долго пред тоа Македонија беше потресена од убиството на велешанката Росица, која свирепо беше усмртена од нејзиниот поранешен партнер, кој ги уби неа и нејзиниот татко пред и самиот да си пресуди. Свежи беа сеќавањата и од претходните слични случаи на убиства на (поранешни) партнери и во други градови во државата.
Загрижувачки е што таквите случаи не се ретка појава и заедно со другите случаи на семејно насилство станаа речиси секојдневие. Во таквите случаи, прашање на време е кога психопат ќе наиде на жртвата, ќе ја засака, ќе ја заведе, па ќе ја погуби во излив на неконтролиран гнев, ако жртвата се обиде да го напушти. Се извинувам за црните квалификации, но изгледа дека е потребна умешност за да се преживее во денешно време.
Позитивно во човековата природа е тоа што не се обѕира многу на негативното, па оптимизмот преовладува во име на иднината и на продолжувањето напред. Дури и по масовни крвави војни, човекот престанува да се обѕира на жртвите. За да не се оствари ничеанската изрека дека ако гледаш предолго во амбисот, тогаш амбисот ќе погледне во тебе (и ќе те проголта).
Но сепак, ако некоја негативна појава како што е убиството е толку зачестена, мора да се укаже на неа и да се најдат начини да се превенира. Не смее да се прифати како нормално и да се замижи пред неа. Не треба да станеме нечувствителни. Меѓу другото, се вели дека убиството на еден човек е убиство и на човечкото во сите луѓе. Останува институциите да преземат соодветни мерки, како што впрочем и прават, но и посветено да се работи на издигање на свеста и на едукација за насилството уште од рана возраст, за да се укаже на ризиците и опасностите, а со тоа и да се спречат и да се избегнат злосторства во иднина, за побезбедно општество во овие турбулентни времиња.
Сотир Ристо
































