Како да не сме доволно свесни дека мал оган ни треба да согориме, да се самозапалиме (како нација, не дај боже). Попусти се сите обиди, сите иницијативи да се раздвижиме, да тргнеме посилно напред, кога ние самите се однесуваме како мазохисти и како садисти и како саботери и како пиромани и како автотерористи… За поголемите земји и поголемите нации можеби ваквите поведенија не се некоја посебна опасност, но за нас навистина се крајно сериозни. Ние сме мал народ, материјално посиромашни од другите (иако богати духовно и културолошки). Токму затоа, секоја човечка жртва и секој удар врз националното богатство ги чувствуваме толку емотивно. Оттаму уште поголемо е изненадувањето, зачуденоста, зошто не доаѓа до пресврт во размислувањето, да се откажеме од прелесното „палење на
чкорчето“. Не сакам да звучи како празна парола, но навистина – крајно време е да размислиме уште еднаш пред да го запалиме огнот. За да не изгориме во него
Информацијата добиена викендов дека два пожара речиси истовремено го пустошат крајбрежјето во Охридско-Струшкиот Регион силно ме вознемири. „Нова Македонија“ секоја година предупредува, алармира и се обидува да мобилизира што поголем број совесни граѓани за спротивставување на оваа деградација на животната средина, но се чини мрачните сили што упорно ги потпалуваат трските се посилни. (!?) Да не ти се верува…
Досега во повеќе наврати сме укажувале дека трските се извонреден „филтер“ за езерото и езерските води, потоа природно живеалиште на птици, риби и други животински видови. Но, наспроти тоа, девастацијата на животната средина продолжува со несмален интензитет. Како некој да сака да се доуништиме, дури и онаму каде што природата нѐ дарувала со благодат што ретко каде го има. На моменти дури ми доаѓа да крикнам: Кога сме решиле да се самоуништиме, па ајде веќе еднаш да го сториме тоа.
Не можам да се начудам какви луѓе живеат овде. Ваков природен резерват, кој носи во себе безброј придобивки за животната средина, некој свесно да го уништува, бездруго е надвор од здравиот разум. Регион што каде било во светот се чува како нешто најдрагоцено, се негува, се обезбедуваат сите услови за непречен развој, а кај нас е под директна закана на негрижата на човекот, на пироманскиот, да не речам садо-мазо нагонот кај луѓето, со стравотни последици. За жал, палењето и уништувањето на трската стануваат сè поопасен тренд, со сериозни еколошки импликации.
А треба ли посебно да потсетуваме што вели стручната јавност за трските? Еве само еден цитат, преземен од нашиот вчерашен извештај за палењето на крајезерскиот појас на Охридско Езеро. Површините со трски обезбедуваат екосистемски услуги како што се „секвестрација на хранливи материи, стабилизација на почвата и третман на отпадот“. Во истражувањата за трските се сугерира дека „поради нивната отпорност на влијанијата од климатските промени, површините со трска може да обезбедат корисни екосистемски услуги што треба да се земат предвид во крајбрежните екосистеми, дури и кога се сметаат за инвазивен вид“.
Струката си го кажува своето, но некои луѓе не сакаат да ги слушнат ваквите зборови, туку со голема леснотија се решаваат да ги уништуваат ваквите екосистеми. Токму затоа, секоја ваква загрижувачка вест дополнително го зацврстува сознанието дека мора да се стори нешто за да се влијае на свеста и совеста на граѓаните.
А дека е тоа така потврдува уште една лоша навика, која никако да се искорени кај нас. Имено, не минува подолг период а да не стигне информација за некое опожарување на стрништата, кое честопати завршува со фатални последици. Наспроти ваквите фатални несреќи, во кои честопати жртви се токму луѓето што ги потпалуваат стрништата или, пак, ветерот го пренесува огнот во непосакуван правец, па се причинува огромна материјална штета, нашите земјоделци никако да се откажат од тоа да го палат стрништето, за на тој начин да дојдат до „чиста“ земја за натамошна обработка.
И токму оваа игра со огнот, ваквото предизвикување на пламените јазици да ја завршат валканата работа на заматените умови, кои не размислуваат за крајните последици, повикува на аларм, на будење на свеста, на барање решение за оваа веќе неподнослива ситуација.
Едноставно како да не сме доволно свесни дека мал оган ни треба да согориме, да се самозапалиме (како нација, не дај боже). Попусти се сите обиди, сите иницијативи да се раздвижиме, да тргнеме посилно напред, кога ние самите се однесуваме како мазохисти и како садисти и како саботери и како пиромани и како автотерористи… За поголемите земји и поголемите нации можеби ваквите поведенија не се некоја посебна опасност, но за нас навистина се крајно сериозни. Ние сме мал народ, материјално посиромашни од другите (иако богати духовно и културолошки). Токму затоа секоја човечка жртва и секој удар врз националното богатство ги чувствуваме толку емотивно. Оттаму уште поголемо е изненадувањето, зачуденоста, зошто не доаѓа до пресврт во размислувањето, да се откажеме од прелесното „палење на чкорчето“.
Не сакам да звучи како празна парола, но навистина – крајно време е да размислиме уште еднаш пред да го запалиме огнот. За да не изгориме во него.