Премиерот Христијан Мицкоски, како предводник на македонската владина делегација, на првиот голем меѓународен настан на кој присуствуваше по преземање на функцијата, упати силни пораки, нагласувајќи дека поминало времето на свиткан ’рбет и на прифаќање понижувања, истовремено залагајќи се и за добрососедство. Во таква ситуација, значаен исчекор направи и бугарскиот премиер Димитар Главчев, при обраќање на самитот во Вашингтон, по средбата со македонскиот колега, отворено правејќи јасна дистинкција помеѓу двата народа – македонскиот и бугарскиот. На тој начин, според аналогијата на меѓународното јавно право, тој од досега непризнаен македонски народ од страна на Софија, де факто, од тоа својство, конечно го призна македонскиот народ. Така, токму од Вашингтон може да излезе и некој исчекор за Македонија (настрана од декларацијата усвоена на самитот, во која се наведува дека Балканот е од стратегиско значење за Северноатлантската алијанса)
Се одржа голема забава по повод долговечноста на сега веќе 75-годишниот славеник, на која беа поканети целото семејство и сите негови пријатели. Од сите страни пристигнуваа честитки за неговите достигнувања и извонредна долговечност, но слаткоречивите куртоазни пораки не беа доволни за тој да ги оттргне мислите од проблемите што го тиштат, во ситуација кога постојано слуша дека веќе е престар, па почнува и самиот да се прашува која е неговата цел и уште колку ќе живее. Веројатно не била служена ниту роденденска торта. А речиси секој трет гостин на прославата беше дојден со празни раце, без ниту ковертот во кој се „двата отсто“ од нивните домашни буџети, што дури беа наведени како пожелни и во самата покана за свеченоста. Но славеникот не им премолче на таквите безобѕирни гости, туку изрази и незадоволство поради нивната скржавост кога е во прашање роденденскиот подарок.
Други, пак, на забавата беа дојдени со сопствени желби, бидејќи и самите очекуваат нешто од славеникот, откако тој се фалеше и им ветуваше големи нешта и амбициозни планови, како што е нивен влез во семејството преку мост што уште не е изграден. Вака симболично може да се опише тукушто завршениот тридневен самит на НАТО одржан во Вашингтон по повод 75-годишнината од Северноатлантската алијанса.
Главна тема во фокусот на самитот претставуваше поддршката за Украина и можноста за нејзин прием во Алијансата, која американскиот државен секретар Ентони Блинкен претходно ја опиша како „мост до членство“, односно „мост што е силен и добро осветлен“. Но, како што вели колумнистот на „Блумберг“, Андреас Клут, „од мостот можете да паднете додека се обидувате да поминете низ бесен порој. Добро осветлен или не, тоа е место помеѓу два брега од кои ниту еден не е безбеден. Исто така, непријателите се обидуваат да го разнесат додека вие сè уште го градите, а познато е дека преминот преку водна површина е меѓу најризичните воени операции“. Мостот затоа засега изгледа далечно, но НАТО-сојузниците наведоа дека ќе обезбедат воена помош од најмалку 43 милијарди долари за Украина во текот на следната година. Сепак, наспроти сета помош и поддршка за Киев, воочливо е отсуството на правење напори за постигнување мир, при што се смета и оти самото доближување на Украина до НАТО ќе придонесе за продолжување на воениот конфликт со Русија.
Во текот на 75-те години постоење на НАТО дојде до големи глобални промени. Советскиот Сојуз и Варшавскиот пакт повеќе ги нема, Студената војна одамна заврши, а НАТО во меѓувреме, низ девет рунди на проширување, израсна во сојуз со 32 членки, во однос на првичните 12. Европа и САД постепено се оддалечуваат, што е забележливо преку различните ставови за повеќе прашања, како и сѐ погласните повици за стратегиска автономија на Стариот Континент, додека САД изразуваат поголем интерес за Азија. НАТО е оптоварено и од активните воени конфликти што се водат во Европа, на Блискиот Исток и во Африка. Затоа сѐ повеќе се апелира и за реформирање на Алијансата, со цел таа да биде во можност да одговори на постојните предизвици. За следниот роденден, чија прослава веќе е најавена во холандски Хаг, да помине во повесела атмосфера и во помирен свет
Самитот во Вашингтон во голема мера беше искористен и за зголемување на притисокот врз членките што не вложуваат доволно за финансирање на одбраната, во ситуација кога девет од 32-те членки не ја исполнуваат обврската за издвојување на два отсто од националниот БДП за трошоци на одбраната. Особено бидејќи се тврди оти сегашните вложувања не се доволни за финансирање на одбранбените инвестиции на Европа, во поглед на актуелните геополитички предизвици во кои спаѓа и војната во Украина.
Во завршната декларација од Вашингтон, исполнета со веќе слушнати фрази за солидарноста во НАТО и посветеноста на мирот, за придржување до меѓународното право и до целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации, кои Алијансата и самата ги прекрши при претходни воени интервенции, беа изнесени и критики и обвинувања кон Русија, Кина, Иран, Северна Кореја и кон Белорусија во врска со нивната меѓусебна соработка. На тоа остро реагираше Пекинг, порачувајќи дека НАТО треба да остане надвор од Азија. Земајќи ги предвид амбициите на НАТО за поголема улога во Индопацификот што беше и тема на самитот, извесно е дека ваквите пораки можат само да создадат тензии и во тој дел од светот.
Премиерот Христијан Мицкоски, како предводник на македонската владина делегација, на првиот голем меѓународен настан на кој присуствуваше по преземањето на функцијата, упати силни пораки, нагласувајќи дека поминало времето на свиткан ’рбет и на прифаќање понижувања, истовремено залагајќи се и за добрососедство. Во таква ситуација, значаен исчекор направи и бугарскиот премиер Димитар Главчев, при обраќање на самитот во Вашингтон, по средбата со македонскиот колега, отворено правејќи јасна дистинкција помеѓу двата народа – македонскиот и бугарскиот. На тој начин, според аналогијата на меѓународното јавно право, тој од досега непризнаен македонски народ од страна на Софија, де факто, од тоа својство, конечно го призна македонскиот народ. Така, токму од Вашингтон може да излезе и некој исчекор за Македонија (настрана од декларацијата усвоена на самитот, во која се наведува дека Балканот е од стратегиско значење за Северноатлантската алијанса). Во текот на 75-те години постоење на НАТО дојде до големи глобални промени. Советскиот Сојуз и Варшавскиот пакт повеќе ги нема, Студената војна одамна заврши, а НАТО во меѓувреме, низ девет рунди на проширување, израсна во сојуз со 32 членки, во однос на првичните 12. Згора, проширувањето додаде нови безбедносни барања, но не и дополнителен капацитет за нивно исполнување. Европа и САД постепено се оддалечуваат, што е забележливо и преку различните ставови за повеќе прашања, како и сѐ погласните повици за стратегиска автономија на Стариот Континент, додека САД изразуваат поголем интерес за Азија. НАТО е оптоварен и од активните воени конфликти што се водат во Европа, на Блискиот Исток и во Африка. Затоа сѐ повеќе се апелира и за реформирање на Алијансата, со цел таа да биде во можност да одговори на постојните предизвици. За следниот роденден, чија прослава веќе е најавена во холандски Хаг, да помине во повесела атмосфера и во помирен свет.