Сето она што денеска се случува во светот не е ништо друго, освен беспоштедна трка по минерали и суровини, кои се важни за идното креирање на светот и на земјите што планираат и натаму да го задржат светскиот примат.
Војната во Украина, конфликтите во Африка, на Блискиот Исток, раздвижувањето околу Карибите, сето тоа е позиционирање за подобар пристап до ресурси, пред сѐ до гас, нафта, минерали, со единствена цел да се имаат под свој надзор енергијата и технологијата на утрешнината. Дополнително, се става печат и врз геостратегијата, односно низ кои територии утре ќе поминуваат гасоводите, нафтоводите, трговските патишта, па така се креираат и политиките на соработка и се прават сојузништва.
Затоа моќните држави го прават тоа што го прават бидејќи им се може, но на помалите, како нашава Македонија, не им преостанува ништо друго туку да се приспособат на новите текови и да најдат начини како и самите да се факторизираат, а притоа да си го зачуваат сопствениот суверенитет.
Често слушам како ние сме безначајни, немаме ресурси, немаме море, па затоа мора да слушаме што ни кажуваат другите и така да постапуваме. Ама историјата вели дека не е баш така.
Имено, историјата вели дека дури и големата Римска Империја своевремено била заинтересирана за Македонија затоа што тука го нашла она што ѝ требало, важни руди и минерали. А Римјаните биле практични, па за полесно да дојдат до минералите, граделе патишта, мостови, инфраструктура, што на некој начин било вин-вин ситуација за тогашното население бидејќи добивало нешто за возврат. Еден таков мост Римјаните изградиле и во Богомила, преку кој до пред некоја година врвеа камиони натоварени со дрва, пред да се изгради нов мост на само десетина метри од него. Сега преку него минуваат само оние што сакаат да ја почувствуваат историјата под своите нозе, додека под неговите камени лакови се извива реката Бабуна. Но причината за неговата изградба во ова зафрлено место, далеку од главните патишта, е што над селото Нежилово нашле руда и минерали што им биле потребни и затоа, за полесен транспорт, изградиле пат и мост.
Оваа мала епизода можеби изгледа неважна бидејќи и во други делови од земјава се среќава римска инфраструктурна оставина, но од друга страна е важна како потврда дека кога големите империи ќе пронајдат нешто што им е важно, гледаат да дојдат до него по секоја цена.
Сега ја нема Римската Империја, но и натаму има силни и моќни држави што ги применуваат старите манири, да дојдат први до она што ним им е важно на разни начини.
Затоа Македонија, во време кога на Европа очигледно не ѝ е толку важно да ја прибере земјава под своја закрила, треба да го искористи она што реално го има, а тоа е стратешкото партнерство со САД. Да не се разбереме погрешно, не се менува европскиот курс, туку додека Европа не се промени и продолжува да робува на билатералните уцени од одделни земји членки, ние да си ја тераме работата со стратешкиот партнер во насока на поставување цели што на некој начин повторно ќе ја вратат општествената енергија.
Во рамките на стратешкото партнерство со САД повремено се одржуваат средби на високо ниво што се дел од овој процес. Американците иако го намалија политичкото влијание на Балканот, тоа не значи дека нема да покажат интерес за нешто што можеби и за нив би било интересно, како што низ историјата го направија тоа Римјаните. Гледаа кон големите градови, но не забораваа и на малите области, особено таму каде што имаше нешто што им треба. Сега во фокусот се ретките минерали, а Македонија го има најреткиот од нив на целата планета, лорандитот. Тоа е минералот што може да ја обезбеди планетата со евтина бесконечна енергија, истата онаа што сега ни доаѓа од Сонцето. Го имаме тука, на Кожув Планина. Тоа треба да им се презентира на Американците во рамките на средбите што се дел од стратешкиот дијалог. НАСА пред неколку децении беше тука со свој тим, а сега треба повторно да се разбуди американскиот интерес. Дотолку повеќе што при неодамнешни истражувања биле детектирани големи резерви на литиум на југот на Србија, поточно на границата со Македонија. Ако толку руда има таму, геологијата во овој дел на Балканот вели дека е повеќе од извесно овие рудни наслаги да се прелеваат и на македонска територија, имајќи ги предвид распоредот и поврзаноста на карпите.
Тоа треба да им се објасни на Американците и да се побара да испратат експертски тимови што заедно со нивните македонски колеги ќе формираат истражувачки центри, ќе вработат луѓе што ќе работат за време на геомеханичките истражувања, а потоа и при експлоатацијата на минералите ако се потврдат индициите.
Во исто време, кога земјава ќе стане интересна од тој аспект, тогаш расте и нејзината видливост на меѓународната сцена, особено ако се има предвид дека САД се нашиот стратешки партнер. (Исто како што добивме и повисок кредитен пристап кога зад нас застана Велика Британија). Значи задача на нашите функционери е да се подготват убаво за сето ова да им го презентираат на стратешките партнери и да го разбудат нивниот интерес, а ние како суверена земја да понудиме соработка што ќе резултира со обостран интерес. Тоа ќе значи и развој на локалната инфраструктура, размена на знаење и на технологии, што за нас ќе биде од исклучителна важност. Но што е уште поважно, тоа ќе значи и поголема американска поддршка на сите полиња, вклучително и во делот на евроинтеграциите, а со тоа и наша поголема отпорност на уцени. Македонија добива силен сојузник, кој бранејќи ги сопствените интереси, ќе ги брани и македонските, принцип врз кој секогаш функционирал светот.
Како и да е, сите наши ресурси се наше национално богатство и така треба да се однесуваме кон нив, домаќински и рационално. Ако големата Римска Империја нашла интерес да биде присутна и во најскриените делови на земјава и притоа да гради инфраструктура што ја користело и локалното население, нема зошто сличен урнек да не се примени и со стратешкиот партнер, за да може уште повеќе да се зацврстуваат меѓусебните односи. Во меѓувреме, она што е наша задача за средување на домашните состојби може да си врви со забрзано темпо, а стратешкиот партнер треба да биде нашиот ветер во едрата во меѓународните разбранувани води. Сѐ е работа на интерес, а кога тој е обостран, тогаш успехот е загарантиран.

































