Ресетирање, рестартирање… Деновиве повторно овие два збора се во врвот на статистиките според употребувањето во македонската јавност… И луѓето си ги употребуваат како да се едно исто, за работи што се од колосално значење за нас самите: Бараат ресет и рестарт за системот, или за државата, или за менталитетот. А суштински толку е различно дали ќе се ресетира или, пак, ќе се рестартира, колку што е различно што ќе биде предметот на тоа дејство: Системот ли? Државата ли? Менталитетот ли?
Драги мои, веднаш да ја отклониме дилемата. Ресетирање или рестартирање? Затоа што имам навистина силен впечаток дека дилемата треба да се отклони, пред и да се преземе нешто во таа насока.
Имено, причината зошто е важно да се знае разликата помеѓу толку употребуваните зборови и толку посакуваните сличноимени зафати (рестартирање и ресетирање на нештата) е затоа што овие две работи егзекутираат (прават) две многу различни работи, и покрај тоа што звучат како ист збор. Едниот е многу повеќе деструктивен и постојан од другиот, а со тоа, постојат многу сценарија каде што треба да знаеме која акција треба да се изврши за да се исполни одредена задача. Во редовиве што следуваат, со еден технички јазик и многу пластично ќе направиме едноставна споредба на термините, а вие слободно ставете го истото тоа во контекст на ресерт или рестарт на системот, државата или менталитетот, за да добиете слика што сакал да каже и да порача авторот.
Рестартирање.
Да се рестартира нешто значи – „да се окупира состојбата на моќ“. Кога ќе го исклучите уредот, тој не прима енергија. Кога се враќа, добива енергија. Рестарт/рестартирање е единствен чекор што вклучува исклучување и потоа напојување на нешто. Тоа значи дека ниту софтверот ниту програмите што потоа пак со рестартирањето се вклучени и отворени – не се бришат! Истите се! Апликациите едноставно се исклучуваат кога моќта е изгубена. Откако ќе се врати моќта, тогаш може да ги отворите истите софтверски програми, датотеки итн.
Ресетирање.
Од друга страна, најлесен начин да се опише зафатот наречен „ресетирање“ е – бришење. Имено, ресетирањето е исто како бришење. Кога ќе се направи ресетирање, тоа значи дека нештата треба да се вратат во иста состојба во која се наоѓале првично (за уред тоа значи дека со ресетирањето се враќа состојбата кога била првично купена или – фабричко ресетирање). Тоа буквално значи „бришење и повторно инсталирање систем“, бидејќи единствениот начин за вистинско ресетирање е да се отстрани актуелниот постоен „софтвер“. Ова е малку подеструктивен од претходно објаснуваниот метод (рестартирање), а технички многу поблизок до „уништување на нештата“. Но и тоа е начин да се стартува од почеток на нештата, малку поагресивно и навистина ако сме процениле дека тоа го сакаме и дека тоа навистина треба.
Одиме сега натаму: Кон предметот на барањата за рестартирање или ресетирање. А тоа се три нивоа што најчесто се споменуваат во јавноста: Системот, државата и менталитетот на општеството? И на кој начин? Дали е потребно, всушност, сукцесивно, еден по еден или, пак, сите заедно?
1. Ајде да почнеме со системот. Имено, ќе потсетам дека систем е збир или композиција од меѓусебно поврзани и заемнодејствувачки елементи што создаваат единствена целина. Елементите во системот влијаат едни на други, нивните интеракции не се независни, а притоа се создава целина чии својства битно се разликуваат од својствата на конститутивните елементи.
Што се однесува, пак, до политичкиот систем (за кој имаме амбиција да го рестартираме или ресетираме), тој е целина на државните и недржавните актери, правила и постапки, кои се вклучени во тековните процеси на формулирање и решавање на политичките проблеми преку донесувањето и спроведувањето општообврзувачки политички одлуки во дефинираните рамки на политичката структура, како и на осмислувањето и реализирањето демократски политики, засновани врз принципите на ефективноста, отчетноста и одговорноста во политичкото управување со државата. Промената (рестарт или ресет) на политичкиот систем на Македонија не може да се спроведе прекуноќ, туку низ еден подолгорочен, сложен, отворен и сеопфатен процес, кој ќе ги опфати сите државни и недржавни актери, граѓанското општество, во насока за да го подобрат и да го стабилизираат политичкиот и општествениот систем. Институциите се местото за ваквите процеси и барања за промена, за демократизација и хуманизација на системот, а не улицата, каде што многу лесно доаѓаат до израз и деструктивните надворешни влијанија на чинители надвор од Македонија… На пример, парламентот мора да стане централно место на политичкиот живот на земјата, со пратеници што ќе можат преку соодветни измени во политичкиот систем да бидат отповикани и многу побргу пред завршувањето на четиригодишниот мандат ако работат само како слепи послушници на партиите, а не како избраници од народот за неговите интереси и потреби. Промената на политичкиот и општествениот систем на Македонија мора да остане процес отворен и приспособлив за постојани модификации, бидејќи само така ќе можат да се преземаат чекорите неопходни за изградба на еден подобар, почовечки животен и политички амбиент.
2. Промената во насока на подобрувањето на политичкиот и општествениот систем е незамислив без промена на самата држава. Овде ќе направам второ потсетување дека државата е политички организирана заедница со своја територија, влада, суверенитет – внатрешен и надворешен – и население, создадена од него, изразено како народ, или граѓани, имајќи структура и сет на институции, заради извршување на својата законодавна, извршна и судска власт, на законите што ги донесува, како и на контролата на својата територија.
Во еден таков контекст, промените кај државата, на „заедничката македонска куќа, во која живееме“, можеби не треба да значи „промена на софтверот“ (читај Уставот, законите). Меѓутоа, тоа сигурно треба да значи лоцирање, изолирање и отфрлање на „малигните вируси“ уфрлени внатре за да девастираат (читај противуставни закони, нелегални договори и сл.). Поради тоа ние и стигнавме до овде, во нашата понова историја да имаме: Од готово вересија. И од де јуре држава каква што се изборивме да имаме и се стремевме да имаме со векови, ние со низата предизвици на кои потклекнавме, сега добивме де факто друга држава, со друг карактер. „Вирусот“ што дозволивме да биде уфрлен во здравиот организам направи дури и генетски промени и сега „фалшот станува оригинал“?! И поради тоа се очекуваат промени: рестартирање или ресетирање, прашање е сега…
3. И најпосле, малку да зборуваме за промена на нашиот менталитет… Имено, мeнталитетот на општеството е збир на ментални, емоционални и културни карактеристики на поединците – членови на одредено општество, што ги опфаќа и вредностите и нормите, верувањата, навиките и моделите на размислувања, кои влијаат врз поодделните мисли, чувства и однесувања на поединците во општеството и кои ги мотивираат да комуницираат и заемно да дејствуваат едни со други, заради постигнување општествена согласност во функционирањето на општеството и државата и заеднички напредок и благосостојба. Тоа е и една историска категорија, која низ долгите милениуми и векови ја обликувала нашата индивидуална и колективна ментална матрица. Промената на менталитетот на македонското општество не треба да се врши преку протести на улици, туку со самостојно дефинирање и воведување сопствени нови модели на размислувања и однесувања, со отфрлање наметнати туѓи, „увезени“ од надвор, вредности и начини на постапување и однесување… Промената на македонскиот општествен менталитет ќе треба да значи многу повеќе од човечка емпатија и заемни помагања во индивидуалните и колективни страдања и трагедии, патриотизам, родољубие, одговорност, посветеност, саможртва… Веќе имаме доволно примери, за жал, трагични, за тоа во која насока треба да се движи промената на менталитетот на македонското повеќеетничко и повеќенационално општество.
Дали ќе работиме на промена (рестартирање или ресетирање) на нештата што можеме да ги подобриме заради самите нас? Останува да се завртиме кон себе и најпрвин „да го зачистиме својот двор“.
Свето Тоевски