Ништо на овој свет не е вечно, па така ниту анахроната бугарска политика нема да остане вечна. Сите оние што среде Софија изминатиот викенд уживаа во оперските арии на незаборавната „Набуко“, опиени од топлите звуци, во еден момент сигурно си го поставиле клучното прашање: Зошто почесто не ни се случуваат вакви убави нешта меѓу нас? Во моментот кога ќе го насетат одговорот на тоа прашање, тогаш веројатно ќе се појави нова бугарска прогресивна мисла отворена кон сите народи, отворена кон нивното право за слободна самоидентификација, за сопствени историски митови, за сопствен јазик… Тоа е таа космополитска димензија на уметноста што ги урива сите бариери, колку и да се високи, тоа е таа нова ренесанса, која порано или подоцна ќе ја ослободи бугарската политика од прангите на минатото
Стоечките овации што викендот одекнаа во салата на Софиската опера и балет, по настапот на Македонската опера и балет и изведбата на „Набуко“ од Џузепе Верди, како и идентичната слика од пред неколку месеци во Македонската опера и балет за време на настапот на бугарските уметници, покажаа дека постои надеж македонско-бугарските односи да доживеат своевидна ренесанса. А таа ренесанса не само во уметноста, може да се случи и во инфраструктурата, во економската соработка, во образованието, здравството, спортот, науката, во сите области каде што бенефиција ќе имаат обичните граѓани.
За жал, главната пречка досега беше официјалната бугарска политика, која никако не може да се ослободи од романтичарските соништа од минатото, туку и натаму останува длабоко заглавена во догмите што некој ги наметнал пред сто и кусур години, со надеж дека некогаш повторно ќе заживее големата бугарска држава од Црно Море до Охрид.
Истата таа анахрона бугарска политика очајнички ги затнува ушите пред аплаузите среде Софија наменети за македонските уметници, затоа што не може да ги свари уметничките светогледи, кои не подразбираат граници, народи, јазици, истории, туку се водат од чувството на убавото и возвишеното, уметноста.
На секој обичен граѓанин отаде Деве Баир му е повеќе од јасно дека Македонија отсекогаш се залагала за градење добри и пријателски односи со бугарскиот народ и тоа постојано го демонстрирала. И ден-денес се паметат прекуграничните панаѓури и средби, шопинзите на Македонците во Бугарија и обратно. Се паметат и пријателски подадените раце кога соседната земја се соочуваше со распад на стариот систем, кога економијата колабираше, а граѓаните мака мачеа да дојдат до некој денар. Исто така се памети и пријателски подадената рака на Бугарите, кога Македонија сардисана од грчките ембарга на горива, единствениот спас го гледаше во бензинот и нафтата што доаѓаа од соседна Бугарија. Дури и во такви времиња обичните луѓе наоѓаа начини како меѓусебно да си помагаат и да функционираат. Се разбира, имаше и ситни шверцери и тапкароши од двете страни, но тоа секогаш го имало. Големата слика е дека двата народа си се најдоа еден на друг во лоши времиња.
Ама очигледно тоа не сакаат да го видат властите во Софија, кои, без оглед како и да се менуваат на власт, пред себе имаат само една иста политичка мантра: „Њама Македонци“.
Токму таа политика започната уште од 19 век, а жестоко продолжена во времето на Тодор Живков, доведе до тоа два блиски народа целосно да се оддалечат еден од друг. Во времето на Живков, на секој следен попис мистериозно исчезнуваа Македонците, за низ годините целосно да ги снема, иако секој објективен бугарски историчар, политичар, интелектуалец, многу добро знае колкумина „Бугари“ всушност влечат македонски корени. Така било секогаш, оној што ќе се однароди, станува поголем папа од папата и најжесток борец против македонството.
Единствен обид за воспоставување вистински пријателски односи меѓу Македонија и Бугарија имаше во времето на Георги Димитров, кој поседуваше голем демократски капацитет и таков светоглед, сличен на идеалите за кои се залагаше македонскиот идеолог и револуционер Гоце Делчев, разбирајќи го светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Таква беше и мисијата на македонската претседателка, да отвори можност за културен натпревар во кој ќе се докажуваат најдобрите, а ќе уживаат сите оние што ги ценат вистинските вредности.
Сепак, времето на Георги Димитров беше само краток демократски проблесок на бугарската политичка сцена, за повторно да се надвиснат сенките на минатото со стапувањето на Тодор Живков на бугарската политичка сцена. Неговата политичка матрица не се промени ниту во периодот на бугарскиот плурализам, туку се задржа истата негаторска линија – нема македонски народ, нема македонски јазик, македонската историја е бугарска, а македонската култура е вештачка. Со таквиот пристап, кој трае веќе многу долго, просторот за меѓусебна соработка не само што дополнително се стесни туку човек да се запраша дали воопшто има простор за некаква соработка.
Несомнено, бугарската политика е таа што ги оддалечува двата народа, а конзистентноста во таквата негаторска политика води кон тоа тие засекогаш да се оддалечат едни од други.
Сепак, ништо на овој свет не е вечно, па така ниту анахроната бугарска политика нема да остане вечна. Сите оние што среде Софија изминатиот викенд уживаа во оперските арии на незаборавната „Набуко“, опиени од топлите звуци, во еден момент сигурно си го поставиле клучното прашање: Зошто почесто не ни се случуваат вакви убави нешта меѓу нас?
Во моментот кога ќе го насетат одговорот на тоа прашање, тогаш веројатно ќе се појави нова бугарска прогресивна мисла отворена кон сите народи, отворена кон нивното право за слободна самоидентификација, за сопствени историски митови, за сопствен јазик… Тоа е таа космополитска димензија на уметноста што ги урива сите бариери, колку и да се високи, тоа е таа нова ренесанса, која ќе ја ослободи бугарската политика од прангите на минатото. Ниту еден политичар не ја спречил народната волја, па така ниту бугарските политичари нема да успеат бесконечно да ги држат далеку едни од други Македонците и Бугарите. Можеби преку уметноста, преку достоинственото однесување на сопствените граѓани, официјална Софија ќе ги научи вистинските европски вредности.