Распуст, ама не и распуштање

И во распустот има граници и има предизвици што стојат пред најмладите, а на кои повозрасните би можеле да им укажат, па се разбира и да им помогнат. За почеток, да им се посочи дека распустот не значи комплетно распуштање во кое ќе се заборави на сите обврски што ги носи возраста. А тоа значи дека процесот на образование и воспитување продолжува и во летните месеци, се разбира во поинаква форма, но во никој случај не смее да се напушти и да се заборави ниту на едното ниту на другото

За основците и средношколците пред два дена беше последниот училиштен ден од учебната 2024/2025 година. Учениците заминаа на летен распуст, кој ќе трае до 31 август. Почна училишниот распуст, период што децата најмногу го посакуваат и го очекуваат. Дури и оние што тврдат дека сакаат да учат и „не можат без училиштето“ кога ќе го почувствуваат мирисот на слободата, заборават што зборувале до вчера и се предаваат на удопството на летото. Така било, така останало. Не попусто се вика распуст.

Кога само ќе се сетам колку стихотворби на темата распуст досега се напишани, или, пак, колку песнички и куси творби имаат напишано учениците низ годиниве во „Колибри“, тоа е најдобрата потврда дека децата имаат посебен однос кон училишниот распуст.

Но и во распустот има граници и има предизвици што стојат пред најмладите, а на кои повозрасните би можеле да им укажат, па дури и да им помогнат да ги совладаат. За почеток, да им се посочи дека распустот не значи комплетно распуштање во кое ќе се заборави на сите обврски што ги носи возраста. А тоа значи дека процесот на образование и воспитување продолжува и во летните месеци, се разбира во поинаква форма, но во никој случај не смее да се напушти и да се заборави ниту на едното ниту на другото.

Дали тоа ќе значи да се прочита некоја книга повеќе од задолжителните, дали можеби ќе значи некоја дополнителна екскурзија низ знаменитите места низ Македонија, со цел запознавање и надградба на знаењето за нив, дали можеби ќе се прошируваат знаењата за области што се привлечни за оваа возраст – сето тоа останува на личниот избор и на интересирањето на секој ученик посебно.

Еве, на пример, во текот на распустот, ги покануваме заинтересираните ученици да дојдат во редакцијата на нашиот весник „Нова Македонија“. Тука ќе добијат бесплатен примерок од весникот. Можат и да доаѓаат и секој ден за време на распустот и со подарениот примерок од весникот да продискутираат со некои од уредниците или со новинарите на темата „медиумска писменост, новинарство, јавен интерес, улогата на медиумите во општеството, како се прават весниците и порталите и како се известува јавноста“ итн. Но за што и да се решат, сето тоа ќе им биде од полза. Се разбира, без притоа некој да им наметнува што било, туку едноставно да им се укаже на можностите за избор, кои се сигурно многу пошироки од погоренаведените и – толку.

Сѐ што е наметнато веднаш наидува на отпор и тешко дека ќе биде прифатено.
Во секој случај, најлош избор е да се препуштат децата на стихијата, на лажната слобода дека сега е лето и немаат никакви обврски. Во таква ситуација, работата во свои раце ја презема улицата и тоа е веќе најлошиот избор. Ако дозволиме улицата да ги воспитува нашите деца, тогаш со сигурност ќе знаеме дека сме ја изгубиле битката.
За да не се случи тоа, потребно е ангажирање на сите фактори, што значи дека родителите, пред сѐ, треба да го дадат својот максимален придонес, но да се вклучат и вонучилишните активности, спортските клубови, друштва, невладини организации, секој во рамките на своите можности и надлежности, за да им се укаже вистинскиот избор на најмладите.

А дека опасностите демнат од сите страни, нема потреба посебно да се зборува. Доволно е да го свртиме погледот околу нас и да видиме дека од сите страни демнат опасностите. Да не одиме подалеку, доволно е да се прифати тажната слика дека на секој чекор, на секој агол никнаа казина и обложувачници, кои наспроти декларираната забрана за влез на малолетници, ретко каде одолеваат на искушението да не ги приграбат и нив во своите одаи и таму да им ги исцицаат парите. Да не зборуваме дека алкохолот и забранетите супстанции се толку лесно достапни, така што едноставно полесно се наоѓаат отколку продавници за здрава храна, на пример.

Во таква ситуација, многу оспоруваните мобилни телефони, таблети и лаптопи изгледаат како детска играчка наспроти другите опасности што ги демнат најмладите наши сограѓани. Се разбира, доколку внимателно и дозирано се користат, овие електронски направи се корисни и во служба на граѓаните, па и на најмладите, но доколку се претера со нивното користење, тогаш едноставно стануваме нивни робови, независно од возраста. Притоа, не треба многу да се објаснува дека најизложени се токму најмладите, кои тешко можат да ја согледаат границата каде што корисното престанува и се претвора во монструм.

Но да престанеме да им мудруваме на децата. Нека им е долго и топло летото, да уживаат во него и… да нe заборават дека сепак се ученици.