Точно пред 23 години на денешен ден беше потпишан Охридскиот рамковен договор, со што се стави крај на воениот конфликт и на тој начин им се овозможи на оние што тргнаа со оружје да освојуваат територии, да сеат терор меѓу цивилното население и да ги напаѓаат македонските безбедносни сили легално да ги заменат воените униформи со скапи костуми и повеќе од две децении да уживаат на високи државни функции без никаква одговорност.
Од друга страна, оние што го трпеа нивниот терор, што беа ранети во подмолните напади, што беа ѕверски измачувани, што беа протерани од своите домови и ден-денеска живеат со претрпениот страв, како и со неправдата што тогаш им беше нанесена и која никој не се обидува да ја исправи.
Многу полемики и дискусии се одвиваа изминатите години околу функционалноста на Охридскиот рамковен договор, кој под постојан притисок на истата таа ребрендирана ОНА во Собранието, стана дел од македонскиот устав.
За едни, рамковниот договор е голем успех и придонел за создавање етничка кохезија, правична застапеност и напредок на државата, за други, тој е признание на неуспехот на државата да се справи со оние што со оружје тргнаа да ја разградуваат, за потоа да ја задржат истата насока преку наметнувањето паралелизам во институциите.
Она што е најверодостојно, тоа е перцепцијата на граѓаните. Таа перцепција говори дека по 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, тој уште повеќе придонесува за разградување на државата по сите основи, особено нарушувајќи го нејзиниот унитарен карактер. Идејата на творците на Охридскиот рамковен договор, барем од она што јавно се прокламираше, беше да се запре воениот конфликт и потоа во некакви разумни рамки да се инкорпорира албанската етничка заедница во државните институции за да се воспостави некаков баланс. И тоа требаше да се случи во некаков разумен петгодишен рок, доволен во секоја институција да се инкорпорира систем на правична етничка застапеност, но според квалитетите на кадрите и мерит-системот, а не според партиската припадност. А се случи токму спротивното.
Институциите надвор од секаква логика се наполнија со припадници на поранешната ОНА, повеќе или помалку заслужни партиски активисти на ДУИ, кои во најголем дел не одеа на работа, а уште помалку беа квалификувани за тоа работно место. Но платите редовно им стигаа, иако некои од нив одамна веќе беа заминати на работа во странство. Тука само им течеше стажот и им пристигаше редовна пристојна плата. Дури не мораа ни да „нишаат врата за да земаат плата“, самата им легнуваше на сметка и без одење на работа и без „нишање врата“.
И кога ќе имаш таква пополнетост на институциите, нормално е тие да не функционираат, па зошто тогаш да не се искористат за славење приватни родендени, за пушење цигари, за демонстрација на вокални способности, за играње мал фудбал… Е тоа го донесе рамковниот договор…
Истиот тој рамковен договор вели дека мора да се почитува унитарниот карактер на државата, но тоа е во делот што за албанската етничка заедница е неважен оти тоа е спротивно на нивните вистински интереси. Ако го почитуваа рамковниот договор во делот на унитарноста, кој е уште во преамбулата на тој договор, тогаш ќе отидеа во Зајас, Колари, Тетово, Гостивар и од јарболите ќе го симнеа албанското државно знаме и ќе го поставеа македонското. Паралелно може да постават албански етнички знамиња што ќе се разликуваат од државното знаме на Република Албанија, со што јасно ќе покажат која држава за нив е вистинска татковина, а со која делат заедничко етничко потекло. Но сите знаат дека тоа нема да се случи. Од една страна навиваат за Албанија, ги истакнуваат албанските знамиња насекаде, не ја пеат химната, ги игнорираат државните симболи, од друга страна сакаат функции, привилегии, плати, пензии, здравство, образование и сите можни привилегии од македонската држава. Дури тие привилегии ги наметнаа и за косовските граѓани. Во рамковниот договор стои токму тој момент, лојалност кон сопствената држава, а не кон некоја друга.
Рамковниот договор уште обврзуваше на еднаквост пред законот, односно сите оние што се фатени во какви било незаконски дејанија, да одговараат без оглед на етничката припадност. Но некој го искористи рамковниот договор да избегне секаква одговорност, па сите оние функционери од ДУИ избрани на државни функции наместо пред повисоките државни тела, сметките ги полагаа пред партискиот лидер. За нив тој беше и премиер и претседател на државата, сите други се нерелевантни. Ниту еден од нив не заврши на суд, иако имаше неоспорни докази за криминал. Но затоа се постави и институционалниот паралелизам. Два официјални јазика, две академии на науки, паралелен образовен систем, паралелна стопанска комора, паралелна дипломатија, така што прашање на време е кога ќе се случат и паралелно собрание и влада.
Сето ова е спротивно на Охридскиот рамковен договор, но ако го толкува ДУИ, не само што е во согласност со тој договор туку се потребни уште нови дополнувања. Затоа денес интегративците веројатно ќе излезат со нов сет идеи како да се регулирал со закон принципот „победник со победник“ на изборите. Ако беа толку принципиелни, зошто во 2017 година го напуштија тој принцип и влегоа во коалиција со губитничка партија на тогашните избори само затоа што видоа добра шанса за разбивање на државата и целосна промена на нејзиниот карактер, но и за целосна узурпација на институциите многу повеќе од нивниот изборен габарит. Но нејсе, се заканија дека ќе ја турнат Владата, а идентитетскиот инженеринг мораше да се заврши и затоа имаа несебична поддршка од меѓународните центри на моќ и останаа предолго на власт, само колку да ја дозавршат работата. За нивна жал, не успеаја да ги вметнат Бугарите во Уставот онака како што беа замислиле.
И кога човек ќе се наврати на сите нивни активности, ќе заклучи дека фамозниот Охридски рамковен договор всушност нема рамка кога станува збор за желбите на интегративците, туку може да се преобликува кога тие ќе посакаат, особено ако конечно некој ги испрати во опозиција. Сега одново си играат со Охридскиот рамковен договор, но немаат храброст да отидат меѓу нивните гласачи бидејќи сигурно некој ќе праша од каде толку пари за трговски центри, за станбени комплекси, за бизниси и слично, кога во нивните населени места и натаму газат по правливи патишта, и натаму по секој пороен дожд има поплави, немаат вода на 40 степени, а за канализации воопшто и да не станува збор. Можеби некогаш тие националистички романтичарски идеи палеле кај обичниот народ, но повеќе не. Младите, без оглед на етничката припадност, масовно се селат, а одговорноста за тоа е кај оние што 20 и кусур години во името на рамковниот договор практикуваа власт, а не направија ништо за луѓето.
Она што сега е потребно, не е нов Охридски рамковен договор, туку семакедонски договор во кој сите, без оглед на етничката, верската, политичката или каква било друга припадност, ќе се договориме дека ќе ја градиме Македонија како заеднички европски дом. Без рамки, без стеги, без проценти, туку да им се даде шанса на најдобрите да покажат што знаат и да сработат за доброто на сите. На таквите луѓе, не 78 проценти, туку 178 проценти нека им се зголемат платите. Тој што работи заслужува, не заслужија оние што повеќе од две децении се затскриваа зад Охридскиот рамковен договор само за да си ги наполнат сопствените џебови.
Можеби тогаш на македонските бранители сите заеднички ќе им подигнеме достоинствен споменик и кај Карпалак, и кај Љуботенски бачила, и во Вејце, без страв дека следното утро тие ќе бидат уништени. А не ги уништуваат обичните луѓе бидејќи тие живеат и ја сакаат својата земја, туку ги кршат оние што никогаш ништо не изградиле и кои во 2000 година влегоа да уриваат и уништуваат во земја што несебично им пружи гостопримство во време кога нивната држава беше нападната. Тие и натаму сакаат да го менуваат рамковниот договор оти имаат поинаква цел, дестабилизација и растурање на македонската држава.