Рамка за слика

Културата на разубавување е позитивна работа, но само доколку се базира на реални основи. Ајдe да бидеме конкретни, реално е на некоја девојка од 25 години да ѝ се понудат совети како да изгледа добро за нејзините 25 години, но нереално е на жена од 50 или 60 години да ѝ се нудат совети како да изгледа како да има 25 години. Сликата на овдешната естрада мошне веродостојно ги поткрепува овие констатации. Но јавните работи не се естрада и тука не важат естрадните правила. Иако, за жал, политичките гарнитури и во минатото и сега се обидуваат да пласираат само брендирани рамки за сликите на очајната реалност во државата во низа сегменти. За дел од нив посведочија и нашите соговорници во серијата патописи и репортажи што ги направивме низ Македонија

Рамката во која актуелната, исто како и сите претходни влади, упорно се обидува да ја стави сликата на Македонија е убава, но не е соодветна и веродостојна, како што сакаат да се изразат политичарите, со што автоматски се доведуваат во прашање не само намерите туку и способностите критички и зналечки да се согледа ситуацијата и потоа, на истиот тој начин, да се лоцираат слабостите во системот и да се најдат решенија за нив. Дебело се излажаа тие што, веројатно следејќи ги советите на ентериерните дизајнери, поверуваа дека на брз, евтин и едноставен начин ќе се освежи некој простор, на пример, така што старите слики и фотографии ќе се стават во нова рамка. И не е проблем доколку тие што ги креираат и спроведуваат јавните политики ги следат ваквите насоки при уредување на своите скапи вили, станови, па и кабинети. Проблем настанува кога тие на истиот тој начин ја уредуваат државата, кога ја задржуваат сликата и само ја менуваат рамката.
Сосема е јасно дека тоа е индустрија во залет. За разлика од повеќето други индустрии, кои потонуваат под товарот на повеќеслојните, последователни, долготрајни…, ајдe сега да не повторувам, какви сѐ уште не кризи, индустријата за производство на убави, па дури и брендирани рамки за сликите на очајната реалност, е во подем. Таа константно си остварува приходи и добивки. Почнувајќи од личните бенефиции, преку бенефициите што политичките партии и разните центри на моќ ги имаат со каква било инволвираност во јавните прашања, до таканаречените пиар-советници и компании, кои претходните ги учат како да ги врамат сликите, и до уште повеќе таканаречените консултанти, тие демек би требало да бидат од повисок ранг од советниците, кои, како од ракав, се нудат да ги заменат рамките.
Културата на разубавување е позитивна работа, но само доколку се базира на реални основи. Ајдe да бидеме конкретни, реално е на некоја девојка од 25 години да ѝ се понудат совети како да изгледа добро за нејзините 25 години, но нереално е на жена од 50 или 60 години да ѝ се нудат совети како да изгледа како да има 25 години. Сликата на овдешната естрада мошне веродостојно ги поткрепува овие констатации. Но јавните работи не се естрада и тука не важат естрадните правила. Дури ни доколку се валоризираат со некакви благодарници и лајкови, за кои ние што имаме проблем со зглобовите најдобро знаеме колку лесно можат да се „удираат“.

Потребно е само некој да ви ги намести. А компјутерџиите се покажуваат сѐ повешти во таа работа. Но тоа е тема за оние што многу подобро ги разбираат компјутерско-естрадните вештини.
Авторот на овој текст, како новинар(ка) изморен(а) (да бидеме, како што го нарекуваат тоа, некако коректни), од тоа во текот на целиот свој не баш мал професионален век, да ги повторува истите теми, со првите пролетни денови и олабавувањето на антиковид-мерките, како и со сите лични и професионални баласти насобрани во изминативе години, тргна низ Македонија. Делумно поради професионалната љубопитност, делумно поради потребата, конечно, да види каде, всушност, судбината го вклештила, вашиот раскажувач, вложувајќи голем напор тоа да бидат професионални и автентични слики, во неколку објавени репортажи веќе ви ја прикажа состојбата. А таа е црна, поцрна не може да биде. И не од вчера, завчера или од последните избори, како што сакаат да прикажат тие што сега се во опозиција.
Требаше многу време за да се создадат услови за толку апсурдни состојби и појави низ земјава, што тоа не може да ѝ се припише само на оваа или на онаа власт.
И овие и оние се тие што од земјата на чија територија се испреплетуваат два климатски појаси (континенталниот и медитеранскиот), која обилува со сончеви периоди, плодна почва и многу води, лежи на една од главните крстосници помеѓу истокот и западот, северот и југот, а потврда за тоа се и планираните, но сѐ уште во 21 век нереализирани коридори осум и десет, пребогатото но, под разните влијанија, потценетото, природно и културно наследство…, се еднакво заслужни за тоа што, за овдешната состојба, богатиот ерген од велешкото Мартолци не може ниту да сонува дека некој ден дома ќе си донесе жена или ќе има деца, што учителот во Ростуше, и покрај сиот ентузијазам дека своето знаење за македонскиот јазик ќе им го пренесе на идните поколенија, стравува оти за две или три години ќе нема кого да учи, што опеаниот Вардар го собира сето ѓубре, труејќи ги низводно и луѓето и природата, што властите лошо ги инвестираат државните пари, давајќи им субвенции на земјоделците на кои потоа не им пуштаат вода за наводнување на посевите и насадите, што огромните вложувања во грандиозните хидросистеми истекуваат низ одамна распаднатите водоводи и канали за наводнување…
Знаеме дека има и уште многу други „што?“, кои, со помош на граѓаните, најавтентичните и најверодостојни сведоци, презентери и промотори на нештата, се надевам, ќе ги претставиме. На прашањата „зошто“ и „како“, би требало да одговорат не само сегашните туку и поранешните власти и сите оние што претендираат во иднина да се занимаваат со јавните политики. Тоа веќе би било убаво усогласена рамка со сликата.

[email protected]