Уште не беше слегната прашината што ја кренаа високите суми пари излеани на конкретни приматели, магичната рака го крена превезот и на голем дел од целата стратегија осмислена и креирана од еден центар, а насочена да се наметне стриктно за Македонија. И притоа, да не заборавиме, наедно да се постават работите така за целата таа ситуација да се претстави како да е изворна македонска желба, односно дека е тоа волја на народот, иако се работело за строго одбрани ликови, добро платени, позиционирани на потребните места за да ја спроведат и да ја наметнат октроираната волја на народот, за што, се разбира, ги имале на располагање медиумите од првиот чин. И пукна пушката. Се поврзаа работите. Некои работи почнаа да се разбиструваат, да се гледаат појасно
Историјата е учителка на животот, ама Чехов му доаѓа како некој воспитувач за воншколски активности. Колку да нѐ научи на работи што добро ќе ни се најдат во животот, кога ќе се соочиме со ситуации што тој ги најави во неговите мудри мисли.
Па така, деновиве некој ја отвори Пандорината кутија во која беа спакувани тајните бројки и факти за тоа како се најдовме на ова дереџе како народ и како држава. Најпрво, од нигде-никаде се обелоденија сумите на евра и долари што од одредени центри на моќ безмилосно се слевале кон одредени групи луѓе позиционирани во одбрани овдешни медиуми за да ни ја полнат главата со наметнатата вистина што доаѓала од споменатиот извор. Убави бројки, пристојни, очигледно некој овде добро се офајдил за да заврши нечија порачка.
Првата помисла кога прочитав за оваа обемна операција, не знам од каде, но ми дојде на ум познатата пушка на Чехов. Едноставно, како во начелото што неколкупати го забележал Антон Чехов во своите совети за младите драматурзи, а кое вели дека секој дел во приказната мора да биде неопходен, а безначајните делови треба да се отстранат. Притоа, како пример наведува дека ако во првиот чин на драмата се појави пушка во приказната, мора да има причина за тоа, што ќе резултира со пукање на пушката подоцна во заплетот.
И уште не беше слегната прашината што ја кренаа високите суми пари излеани на конкретни приматели, магичната рака го крена превезот и на голем дел од целата стратегија осмислена и креирана од еден центар, а насочена да се наметне стриктно за Македонија. И притоа, да не заборавиме, наедно да се постават работите така за целата таа ситуација да се претстави како да е изворна македонска желба, односно дека е тоа волја на народот, иако се работело за строго одбрани ликови, добро платени, позиционирани на потребните места за да ја спроведат и да ја наметнат октроираната волја на народот, за што, се разбира, ги имале на располагање медиумите од првиот чин.
И пукна Пушката на Чехов. Се поврзаа работите. Некои работи почнаа да се разбиструваат, да се гледаат појасно.
И што е најинтересно, овие најнови податоци не ги „исфабрикува“ никој домашен извор или, пак, некој под влијание на оние што упорно ни се наметнуваат како „црни ѓаволи“, туку новиот заменик-директор на ФБИ, Ден Бонџино, лично. Тој дури оди дотаму што поименично потенцира дел од главните приматели на средства за своите активности со кои спроведуваа туѓа, наметната политика. Притоа разобличува и дел од конкретните постапки на оваа групација, кои беа претставувани како спонтани изливи на протест, а всушност биле дел од специјално подготвувано сценарио.
И што правиме сега? Стануваат ли работите малку појасни сега? Ако не се докрај јасни, тогаш како мало камче за комплетирање на мозаикот може да се протолкува неуспешниот обид за ново извртување на вистината пред некој ден во врска со тоа кој и кога го потпишал Договорот за стратегиско партнерство меѓу Македонија и САД. Ништо чудно, така функционираа работите. Барем досега. Но, очигледно, нема веќе „како досега“. Веднаш следуваа реакција и укажување со факти кој навистина го потпишал договорот.
Очигледно работите поврзани со крупни политички промени не можат да се скријат или да се прикажат во лажно светло. Веќе не е ова време на 19 век, кога информациите патувале со месеци од еден крај на Земјата до друг. Деновиве некаде прочитав дека денес секој тинејџер во својот телефон или таблет има повеќе информации од врвот на американските тајни служби во 50-тите години на минатиот век. Во таква ситуација да се манипулира со вистината и да се очекува дека некој ќе премолчи или нема да се обиде да го провери кажаното е вистинска храброст.
Колку и да изгледа далечен периодот од крајот на 19 и почетокот на 20 век, кога живеел Чехов, сепак, неговите зборови се актуелни и денес. Сето она што се работи на штета на сопствениот народ еден ден ќе го види светлото на денот.