Заштитата на животната средина и грижата за екологијата се фрлени некаде на маргините на општеството, иако сите политички субјекти во државата токму овие важни поглавја ги имаат поставено во своите програми и ветувања кон граѓаните. Урбаната џунгла, од секој аспект, продолжува постојано да се шири, доведувајќи го животот во градовите веќе до неподносливи рамки. На крајот од краиштата, нечистата животна средина и загадениот воздух се штетни за сите и тука барем не би требало да има поделби меѓу политичарите, надлежните институции и органи и меѓу граѓаните. Кога секој од нив малку повеќе би се заложил за заштита на животната средина и би се фатил за метла, наместо само да се расфрла со празни зборови, верувам дека состојбите значително би се подобриле. И тогаш веројатно и многу повеќе би заличиле на Европа, кон која тежнееме
Сите кога ќе заминеме некаде во странските земји се обидуваме да се однесуваме пристојно и да ги почитуваме тамошните строги правила на игра. Многумина потоа кога се враќаат дома, полни се со импресии од местата и градовите што успеале да ги видат и да прошетаат. А секако прво што ни паѓа во очи и нѐ импресионира, кога сме во странство, се чистотата и среденоста на урбаните средини. Најчеста дестинација се европските градови што нудат неповторливи искуства за туристите, уникатни архитектури и природни убавини.
И речиси сите што прошетале надвор од Балканот, секогаш своето искуство го почнуваат со реченицата „Многу е чисто“, или, „на земјата немаше ниту едно ѓубре“…. Секако, муабетите задолжително продолжуваат со „да му е срам на човек ливче да фрли, срамота, ќе те видат“… И толку. Сѐ се завршува на импресиите, за тука, дома, потоа пак да се продолжи по старо, да се фрла ѓубре насекаде, да се уништуваат канти за отпадоци, да се палат контејнери, да се кршат клупи и друга опрема итн.
Дали сте се запрашале колку би ни било чисто Скопје, па и цела Македонија, доколку тој срам го имаме и го чувствуваме и кога ќе си дојдеме тука. Тогаш нема секоја втора информација на надлежните да биде поврзана со исчистени депонии и речиси секојдневно да се испраќаат апели до народот да не фрла ѓубре каде ќе стигне. За жал, до граѓаните или барем до оние на кои им е редовна практика да фрлаат ѓубре каде што ќе стигнат, не допира ништо. Скопје заедно со излетничките места ни тоне во ѓубре, кое неконтролирано, како епидемија, се шири на сите страни.
Ете, да го споменеме Кучково. Локалитет од непроценлива важност за целиот град, особено за ѓорчепетровци. Изминатиот викенд, затрупано со ѓубре. Брзата реакција на општинското комунално претпријатие успеа да го врати во првобитната положба и набрзо му се врати полниот сјај.
Втор пример е Водно. Тука, пак, возилата и издувните гасови се тие што оставаат трајни траги по екологијата и живиот свет. Секако, најголемите последици ќе ги имаме ние, но, исто како и за загадувањето, секогаш ќе гледаме прстот да го впериме во некој друг.
Аерозагадувањето не ни се случува само од себе. Да, можеби Скопје како котлина секогаш имало магла, но маглата од минатото што ја паметам не беше штетна и за неа немаше препораки да се носат заштитни маски или, пак, да не се излегува од дома. Некогашната магла што јас ја паметам не смрдеше на тешка хемија и не ги пржеше очите кога се обидуваш да гледаш низ неа.
Заштитата на животната средина и грижата за екологијата се фрлени некаде на маргините на општеството, иако сите политички субјекти во државата токму овие важни поглавја ги имаат поставено во своите програми и ветувања кон граѓаните. Урбаната џунгла, од секој аспект, продолжува постојано да се шири, доведувајќи го животот во градовите веќе до неподносливи рамки.
Замислете во ек на енормна загаденост, кога сме први на светските листи по отровни честички во воздухот, вие имате градежни зони што си ја бркаат работата 24/7. Што е важно тоа што воздухот е животозагрозувачки и хазарден и што не смее да се дише, работата мора да тече. Или, кажано со други зборови, профитот и парите се поважни од здравјето.Ете ,токму таа погрешна идеологија нѐ доведе и дотука – да се бориме за здив и да се задушуваме затрупани во отпад, насекаде околу нас.
Е, па, баш и не мора да е така. Кога веќе ќе покажеме солидарност едни кон други, милост кон хронично болните, кон децата на кои им го ускративме правото на чист воздух со нашето распашано однесување дека природата е бесконечна и дека ќе ни го прости секој грев кон неа? Во која Европа сакаме ние да одиме? Каде сме тргнале? Која Европа ќе нѐ прими нас со ваков степен на негрижа и (не)хигиена? Во таа Европа жителите не плукаат по улици, не ги тресат пепеларниците на семафори и не ги фрлаат пластичните чашки од испиеното кафе во парковите. Ниту, пак, го оставаат изметот од домашните миленичиња во зеленилата.
По сѐ изгледа имаме различни перцепции за поимот хигиена, штом до тој степен се разликуваме. Друго објаснување за овој феномен нема. Во мојата новинарска кариера, која не е историска, но не е ниту за потценување, а трае цела една декада, собрав толку многу изјави за однесувањето на нашиот народ кон екологијата и животната средина, напишав толку многу теми и анализи за загадувањето на воздухот и на природата, се консултирав со толку многу експерти со надеж дека ќе дојдам до клучот на проблемот, но засега не успевам. Повеќето ги знаат и посочуваат причините за загадувањето од секаков вид, но, за жал, никој не презема ништо тие да се отстранат и проблемот еднаш засекогаш да биде решен.
Остана енигмата и за менталниот склоп и нашата самодеструктивност. Кои се причините поради кои вака се однесуваме кон своето? Зошто сами си ја сечеме гранката на која седиме?
На крајот од краиштата, нечистата животна средина и загадениот воздух се штетни за сите и тука барем не би требало да има поделби меѓу политичарите, надлежните институции и органи и меѓу граѓаните. Кога секој од нив малку повеќе би се заложил за заштита на животната средина и би се фатил за метла, наместо само да се расфрла со празни зборови, верувам дека состојбите значително би се подобриле. И тогаш веројатно и многу повеќе би заличиле на Европа, кон која тежнееме.