Први мај

Не случајно античката мудрост сѐ уште можеме да ја сретнеме на многу објекти од јавен карактер низ Западна Европа, како што е градското собрание во Ротердам или Лугано, каде што на очигледност на сите можеме да прочитаме: In legibus libertas. Quid leges sine moribus et fides sine operibus. Безвременското значење е всушност дека: Во законитоста се слободите! Без спроведување и придржување на законите, нема слобода. И понатаму дека, без моралност, законите се само празно слово, а без делата, нашите убедувања немаат суштина. А токму Први мај е денот кога треба да се направи годишна рекапитулација на нашите постигнати дела, низ работа, залагање,
посветеност и напорен труд. Затоа што без чесно умствено и физичко напрегање и создавање, нема напредок

И за денешниот број на весникот нашата редакција, тимски, посветено, со силна желба, енергија и страст за да даде нов и квалитетен исчекор во функција на јавноста и јавното мислење, се погрижи да подготви уникатна насловна страница, како што тоа впрочем го правиме веќе подолг период, по различни поводи.
Разбирливо, темата и овој пат е со повод, а станува збор за нешто што веќе подолго време го обработуваме на страниците на нашиот заеднички весник (со најдолга историска традиција – „Нова Македонија“), а токму празникот на трудот е убав повод уште еднаш да ѝ се навратиме, да ги потврдиме нашите ставови.
Имено, станува збор за почитување на правата на работниците и правата на граѓаните воопшто, на нашата слобода, на нашето битисување како човечки суштества, суштества на трудот, на работата, на продуктивните мислечки и физички ангажмани и на сѐ што нѐ прави нас луѓето реализирани како човечки битија. Но сето тоа општествено битисување, живеење, работа, остварувања треба да биде проследено со некаков ред, поредок, правила, норми што ќе ја одржуваат кондицијата на човечката конструктивност и напредок, а ќе ги ограничуваат (или запрат) деструктивноста и анархијата. Затоа, тука се законите и придржувањето до нив. Ете, токму затоа статуата на божицата на правдата Јустиција е во рацете на работниците, кои ја подигаат високо и метафорично ставаат до знаење дека трудот треба да се практикува, но правдата да се почитува! Затоа што таа го заштитува чесниот труд!
Правната држава е најсилната гаранција за почитување на правата и слободите на граѓаните, но од друга страна и за почитување на обврските и должностите што ги имаат граѓаните, а кои треба одговорно да ги спроведуваат, за лична добробит, но и за добробит на нацијата и државата. Станува збор за однос што е темел на секоја организирана и одговорна држава.
Преку изучувањето на минатото можеме да осознаеме многу искуства, искуства што можат да ни послужат како образец за надминување одредени тешкотии во општествениот, но и во секојдневниот живот. Не случајно се вели дека историјата е учителка на животот, во смисла дека преку проучувањето на минатото можеме да осознаеме многу поуки за иднината.

Оваа историската вредност многу добро ја осознаа основачите на Соединетите Американски Држави, како и нивните наследници, кои многу вешто го подражаваа старото, од антика државничко однесување. Тие поуки се бесценети и се особено важни и за западната европска цивилизација, која себеси се гледа како наследничка на старата античка државничка традиција.
Не случајно античката мудрост сѐ уште можеме да ја сретнеме на многу објекти од јавен карактер низ Западна Европа, како што е градското собрание во Ротердам или Лугано, каде што на очигледност на сите можеме да прочитаме: In legibus libertas. Quid leges sine moribus et fides sine operibus. Безвременското значење е всушност дека: Во законитоста се слободите! Без спроведување и придржување на законите, нема слобода. И понатаму дека, без моралност, законите се само празно слово, а без делата, нашите убедувања немаат суштина. А токму Први мај е денот кога треба да се направи годишна рекапитулација на нашите постигнати дела, низ работа, залагање, посветеност и напорен труд. Затоа што без чесно умствено и физичко напрегање и создавање, нема напредок.
Токму така. Со повикување на историјата, можеме да согледаме многу вистини за нашето секојдневие но и за иднината. Станува збор за универзални пораки до кои се држеле народите во минатото, но со иста почит им приоѓаат и денешните челници, кои со тоа им оддаваат признание на античките мислители.
Ако го преведеме тоа на уште поедноставен јазик, доаѓаме до заклучокот дека оние на кои им е дадена довербата за спроведување на законите носат апсолутна одговорност за своите постапки! Едно без друго не може: законитост-слободи-доверба-одговорност!

Токму затоа, на овој денешен ден, во предвечерјето на работничкиот празник, уште еднаш се навраќаме на овие ставови. Се разбира, тие не се единствените што можат да ни послужат како пример за добро управување со државата. Како општество, а и како личности, не треба да го ограничуваме нашиот видокруг, затоа што на тој начин ги стеснуваме можностите и сознанијата за да дојдеме до најсоодветни решенија за предизвиците со кои се соочуваме.
Се разбира, притоа треба да имаме во вид дека на секое општество му се потребни поредок, напорна работа, залагање, посветеност, но сето тоа проследено со одредени правила и прописи, односно од озаконети правила и прописи, кои треба сите да ги почитуваат. Божицата на правдата Јустиција да биде високо крената на пиедестал!
Доколку законите не се спроведуваат, државата и институциите го губат авторитетот, а губењето на авторитетот го доведува во прашање функционирањето на државата, односно суштината на институциите. Довербата на граѓаните во институциите е всушност прв предуслов за државата да има авторитет за нормално функционирање. Да живее Први мај, да живее трудот! Да живеат правдата и одговорноста кон правниот поредок!