Прва клапа!

По долгогодишно најавување и по големиот број човечки жртви на патиштата низ земјава, од вчера конечно почна тестирањето на системот „Безбеден град“ во три македонски града, Скопје, Тетово и Куманово, по што плановите се тој да се прошири и низ целата земја.
Овој месец системот ќе испраќа само опомени за направени прекршоци, без казнување, но веќе од 1 јануари 2026 година казните ќе почнат да пристигнуваат по СМС-порака, исто онака како што телекомуникациските оператори први ни ги честитаат родендените пред сите други.
Како и да е, еден месец е сосем доволен да се променат некои стари возачки навики, како возење брзо, непропуштање пешаци, блокирање лента за да се претрча да се купат цигари (веќе вчера видов како пајак за секунда крена автомобил со четири трепкачи оставен на крајната коловозна лента), нерегистрирано возило и слично прекршоци што во иднина само ќе се дополнуваат на листата за потенцијални казни.
Знаејќи го менталитетот на македонските граѓани, по две недели веројатно ќе почнат и првите поплаки на системот кога ќе сфатат дека нивното „рутинско“ возење е преполно со прекршоци. Ќе почнат да наоѓаат влакно во јајцето, ќе го напаѓаат системот, ќе бараат тој да не се вклучува додека не се отстранат некои аномалии, некои ќе вртат кај познати во МВР, стара навика на провлекување позната и како снајди се како можеш. Не дека и тоа нема да се случува, имајќи го предвид фактот дека вработен оператор ќе може да провери дали снимката е јасна, дали прекршокот е недвосмислен и дали нема техничка грешка пред да се потврди прекршочниот налог. Тука не може да не постои сомнеж дека можеби има некоја листа на „привилегирани“ кај кои операторите, без оглед на прекршокот, ќе подзамижат, ќе утврдат нејасна табличка, некаква техничка грешка, глич во системот или слично, само колку да ја избегнат казната. Не велам дека ќе биде така, ама цел живот ни се случува тоа, па затоа дуваме и на маштеницата. Министерот рече дека никому нема да му се прогледува низ прсти, па еве да му веруваме. Истото тоа важи и за непрописното паркирање и инвазијата врз тротоарите. Па, само пред влезовите на МВР има еден куп непрописно паркирани возила по тротоарите, така што добро е што системот „Безбеден град“ќе ги регистрира и нив, па граѓаните ќе можат нормално и безбедно да се движат. Да не зборуваме за населбите. Главните улици во секоја населба се блокирани со неправилно паркирани возила по тротоарите, пешаците нема каде да се движат, а протокот на сообраќајот е сведен на ниво на еднонасочна улица. Таму уште нема камери, ама редно е во иднина и таму да се удри „првата клапа“ за казнување.
Никој нема дилеми дека овој месец системот ќе покаже и некои мани, на пример кога на семафорот свети зеленото светло и без претходно трепкање на зеленото веднаш се пали жолтото, тогаш многу е тешко едно забрзано возило со некои 40 километри на час да може да запре веднаш без да пролизга уште некој метар во раскрсницата. Затоа треба да се вратат бројчаниците на сите семафори како што ги има во сите нормални градови во светот, да се знае колку трае зеленото, дали истекува наскоро, за да може возачот однапред да ја приспособи брзината при пристапување кон крстосницата. Посебно камерите треба да ги снимаат автопатиштата. Ако е регистрирано 120, ќе се вози максимум 120. Сѐ над тоа треба да повлекува дебела казна, па ако треба и одземање на возилото. Подобро да остане без возило, отколку да се отепа самиот или, пак, уште полошо, да убие некој друг ни крив ни должен. Како вели нашиот народ, сѐ може да се купи, само животот не.
Понатаму, на удар на „Безбеден град“ мора да се најдат и мотоциклистите. Тие буквално дивеат по улиците. Нивните слалом-авантури меѓу возилата треба да се санкционираат, особено оние што со моторите излегуваат надвор од колоната и возат со раширени нозе во спротивната коловозна лента, принудувајќи ги возачите што возат во нормален правец да бегаат во соседната лента за да не се судрат со нив. Истите тие скутерџии возат и преку пешачки премини, по велосипедски патеки, по тротоари, по пешачки патеки, буквално секаде каде што ќе проценат дека им е најкраток патот. Особено опасни станаа сега популарните дистрибутери на храна, кои со скутерите летаат низ улиците за некому да не му истине сендвичот или пицата.
Милост не смее да има ниту за тротинетите. И нив треба да ги кадросуваат. Прво, секој тротинет што учествува во сообраќај мора да има регистерски таблички, него може да го управува полнолетно лице што има положено некаков испит за познавање на сообраќајните правила. Дополнително, возачите на тротинети да мора да поседуваат заштитна кацига, да не смеат да возат по тротоари, туку исклучиво по велосипедските патеки и притоа нивната брзина да се ограничи на 30 километри на час. Не може деца од 10 години што мислат дека ова е „Гран тиф ауто“, да јурат со тротинети по сообраќајниците, да одат на училиште со нив, башка и да се возат по двајца на еден тротинет. Нека штракаат камерите, безбедноста треба да важи за сите.
Исто е и за велосипедистите. И тие мора да возат по велосипедските патеки, и за нив да важат семафорите и да не шалтаат од патека на тротоар, од тротоар на коловоз, па потоа преку пешачки патеки.
Системот „Безбеден град“ треба да ги подзакачи со некоја „убава фотографија“ и пешаците. Колку што тие реагираат на несовесните возачи и бараат да се казнуваат, уште толку тие се недисциплинирани. Стојат пред пешачки премин со мобилниот в рака, не поминуваат туку си прават муабет, за одеднаш да им текне да поминат и да ги стават возачите во позиција нагло да сопираат или да мораат да поминат пред нив, со што камерата ќе ги слика и ќе им стигне казна иако не можеле да ја предвидат ситуацијата. Значи, нема дилема дека некои казни ќе бидат неправедни за некого бидејќи камерата нема да го улови контекстот во целата ситуација. Или оние пешаци што одат право по тротоарот без никакви индиции дека имаат намера да поминуваат улица, за одеднаш да им светне да завртат и без да погледнат ни лево ни десно да стапнат на коловозот само зошто во моментот нешто им светнало. Секој треба да е свесен дека пешачки премин не е корзо, па да го минува од бавно-побавно. Тука исклучок се постарите и изнемоштени лица кон кои секој возач би требало да има обзир.
И пензионерите ќе мора да бидат особено внимателни оти ако продолжат да ги минуваат улиците како што сега ги минуваат, нема ништо да им остане од покачувањето на пензиите. Еден добар дел од најстарата генерација гледаат да ги минуваат сообраќајниците на најопасното можно место, каде што е најмалку прегледно, да се протнуваат меѓу застанати автобуси, да стојат на двете полни линии на големите булевари со полни торби од пазар, чекајќи некој да застане среде улица, не сметајќи дека ако тој еден застане, можеби оној во втората лента нема да ги види и нема да застане, па потоа повторно дрвја и камења по возачите. Уште поопасни се оние што како нинџи изрипуваат од жардиниерите, кои возачите тешко може да ги забележат поради обраснатата вегетација.
Многу е веројатно дека казните од почетокот на следната година ќе демотивираат многу возачи или да го остават автомобилот и да почнат да користат јавен превоз или, пак, да ги променат возачките навики. Сите зборуваме како низ Европа имало ред во возењето, како сите биле примерни, како пешаците биле дисциплинирани, но тоа е затоа што кај нив системот „Безбеден град“ многу одамна проработел. Затоа се сите фини, за да не плаќаат казни, а не затоа што се нешто подобри од нас.
Едно е сигурно, во следниот период ќе има многу отпор, многу поплаки, притисоци, но надлежните не смеат да потклекнат пред таквите притисоци и да го пролонгираат рокот за стартување на проектот. Системот мора да почне да работи, независно, неселективно, да нема никакви интервенции, оти на сите ни е најважно да се чувствуваме ние, нашите блиски и сите други безбедно и заштитено. Сообраќајот е само еден сегмент каде што е потребна ваква длабока интервенција, слични „безбедни системи“ треба и за спречување манипулации во судството, да се снимаат и коруптивни активности, даночни затајувања, конечно да се воведе ред во оваа држава. Сите сакаме ред, па редно е од нешто и да се почне.

П.С. Камерите на „Безбеден град“ ќе го сликаат ликот на возачот и совозачот, кој, според најавите, ќе биде замаглен бидејќи италијанските искуства покажаа дека многу бракови се растуриле токму поради непознатиот совозач или совозачка. Затоа, памет во глава!