Последната ескалација на воените дејства на Блискиот Исток, како и отворената поддршка што едни земји му ја даваат на Израел, други на Иран, јасно говори дека ѓаволот ја однел шегата и дека воените сојузи што се склучуваат низ светот не се само обично мерење на силата, туку зад тоа стои нешто подлабоко и многу поопасно.
Љубителите на теориите на заговор веднаш ќе потсетат на предвидувањата на еден од најпознатите ѝ најистакнати пророци, Нострадамус, кој предвидел дека третата светска војна ќе почне на Блискиот Исток. Во светло на најновите настани, неговите предвидувања звучат сосема логично. И Баба Ванѓа колапсот на светот го гледаше токму со почнувањето страшна војна на Блискиот Исток, гледајќи огнени молњи како ги погаѓаат блискоисточните градови, така што човек не знае дали сето ова што се случува е чиста случајност или однапред предодредена судбина на човештвото самото да се уништи.
И во едни вакви немирни времиња, Македонија ја води својата битка да остане видлива, да не ја избришат истите оние што пред сто и повеќе години ја имаа истата мисија, да збришат сѐ што е македонско. А сега, кога глобалните интереси се менуваат, ништо не е исклучено и затоа на ниту една работа што се бара од земјава не треба да се гледа рамнодушно, туку мудро да се анализираат сите чекори, без брзање, секогаш со излезна варијанта. Не треба да сме пророци за да го видиме она што ни се спрема. Оние што и натаму се убедени дека нема ништо страшно да се направат уставните измени, можеби треба подобро да размислат колку е тоа исправен чекор во услови на светска нестабилност, кога секој покажува отворени апетити кон некој друг и кога се покажа дека историјата циклично се повторува.
Македонските граѓани уште пред три и кусур децении се определија земјата да биде дел од Европската Унија и тоа беше мудра одлука, а оваа стратешка цел и натаму е најдоброто нешто за Македонија, никој да нема дилема. Проблем е само патот како ќе стигнеме до таа цел. А патот мора да си го трасираме сами, по ничиј налог и под ничии услови, најмалку кога условите ги диктира некој од соседството.
ЕУ за сите земји утврди Копенхашки критериуми по кои преговараа и станаа дел од Унијата, истите услови ги бараме и ние. Зошто да полемизираме кои биле нашите историски херои, зошто да полемизираме за самочувството, односно за нашиот идентитет, јазик, култура? Го има ли тоа во некој европски документ? Се барало ли од некого? Спорел ли некој нечиј идентитет претходно?
Деновиве унгарскиот шеф на дипломатијата во Скопје ни порача дека противниците на проширувањето на ЕУ биле мнозинство. Човекот е внатре, знае што се зборува низ европските кулоари и тоа отворено ни го кажува. Не дека и ние не знаевме дека Европа не е баш расположена за проширување со Македонија и остатокот од Западен Балкан, ама ај, си велиме, можеби војниве наоколу ќе ја опаметат и нема да ја повтори истата грешка како при распадот на Југославија. А тогаш можеше лесно да ја прими поранешната федерација, или сите шест републики одеднаш, па потоа внатре ќе ги притискаше да ги исполнат критериумите.
На тој начин ќе спречеше крвопролевање и страдања и денес ќе беше многу посилна и пообединета од кога било. Впрочем, ја прими и Грција кога земјата беше на работ на нова граѓанска војна и пред целосен финансиски колапс. Во слична состојба ја прими и Шпанија. Кипар го прими иако не е комплетен територијално, а Романија и Бугарија со политичка одлука, без оглед што овие земји и во 2007 година според реформите беа многу поназад од онаа Југославија во 1990 година. И тоа е факт.
Но, нејсе, муабетот ми е дека ако ЕУ вистински сака проширување, може лесно да го направи тоа, со политичка одлука и без никакви понатамошни билатерализации на пристапните процеси. Пред некој ден албанското собрание го ратификува договорот со Србија со кој двете земји ќе си ги признаваат работните стажови, социјалното осигурување, небаре се една земја. Сите земји од Западен Балкан имаат ваква соработка, си ги признаваат документите, граѓаните патуваат без пасоши, со други зборови Западен Балкан веќе функционира како мини ЕУ. Проблем е што членките на ЕУ одоколу не се однесуваат европски, туку многу повеќе балкански, ама од некои минати балкански времиња, кога секој гледаше да му наштети секому. Истите тие „Европејци“ наместо да бидат наши ментори на патот кон ЕУ, станаа главни блокатори. Името било проблем, знамето, па идентитетот, па јазикот, утре нешто друго ќе стане проблем, само да има некаква пречка. Не е проблем што наоколу фрштат проектили, што се ракетираат нуклеарни постројки, што светот е на работ на трета светска војна, туку проблем бил македонскиот народ? И тоа најмирниот на Балканот?
Крајно време е сите земји од овој дел на Европа да се обединат, да го остават зад себе минатото и да гледаат како заеднички да опстојат во неизвесноста што ја носи иднината.
Оние што веќе се дел во ЕУ да притискаат и нивните соседи да станат дел од европското семејство што поскоро, да се отворат границите, да се засили соработката на секое ниво. Пожари, земјотреси, поплави, сите нѐ погаѓаат истите непогоди, но кога ќе постои заеднички одговор, тогаш последиците ќе бидат многу поблаги. Се покажа дека обичните луѓе си помагаат, не гледаат на етникум, вера или која било друга поделба, туку ја покажуваат човечноста.
Затоа ЕУ, гледајќи што се случува во Украина, на Блискиот Исток, меѓу Пакистан и Индија, во Јемен, треба само да се потсети на грешките од пред нешто повеќе од три децении и брзо да ја затвори балканската приказна. Нека ги прими сите земји со политичка одлука, па потоа внатре нека ги достигнуваат потребните критериуми, нека заседаваат комисии, нека се разговара на различни теми, нека се пеглаат разлики… Верувам дека на ниту една земја кандидат од сегашниве ниту ќе ѝ недостига ветото, уште помалку комесарските места, а во Европскиот парламент одамна сме навикнати да бидеме само набљудувачи. Но самото членство на овие земји ќе им значи многу. Европски фондови, заеднички европски пазар, безвизен режим, со што ќе биде јасно дека ЕУ вистински го сакала проширувањето, а сѐ друго ќе дојде со вредна, чесна и напорна работа. Всушност, тоа може и да го означи почетокот на внатрешните реформи на ЕУ, при што по заокружениот процес на проширување ќе се добие нов импулс за реорганизација на внатрешниот систем на одлучување, на европските нови приоритети и за сите други работи важни за Стариот Континент. Таква обединета Европа повторно ќе стане силен фактор на секоја маса, особено во пресрет на предизвиците што доаѓаат, а кои никој не знае какви ќе бидат.