Фингираните информации можат да бидат многу опасни во даден момент, особено ако се стават во некој несоодветен контекст. Токму затоа треба да бидат препознаени и жигосани. Секој од нас има одговорност пред аудиториумот пред кој се обраќа. Сѐ додека не го сфатиме ова, ќе продолжиме да се труеме со омраза, со нетрпеливост, со сомневање. Наместо да се бориме со таквата состојба, ние само ќе продолжиме да го сееме семето на недоверба
Македонските електронски медиуми буквално се преплавени од контактни емисии во кои најчесто гостуваат политичари, аналитичари, новинари, луѓе од јавната сфера, кои изнесуваат свои ставови за одредени прашања. Независно дали станува збор за интервју со гостинот, дали е организирана дебата со учество на повеќе гости или некоја друга форма, од малиот екран во јавноста се истураат како од кофа голем број информации, ставови, судови, кои неретко не кореспондираат со вистината, но сето тоа останува без никаква реакција во дадениот момент. А за последиците, како никој да не размислува.
Останува нејасно зошто медиумите на тој начин стануваат полигон за лансирање невистини, а оние што треба да бидат првата брана во таква ситуација не реагираат како што треба. Новинарите што се домаќини на тие емисии би требало да бидат таа тампон-зона, да ја препознаат невистината и да спречат, ако е можно, таа да дојде до гледачите. Но најчесто се случува домаќинот да си одмолчи во критичниот момент, што создава збунетост и конфузија кај гледачите.
Токму затоа, уште еднаш се актуализира прашањето за надградувањето, за усовршувањето на новинарите, за континуираното учење, како предуслов за да се биде во чекор со времето. Никој од нас не може индиферентно да се однесува кон брзите промени, кон новите информации што нѐ бомбардираат секојдневно, кон сето она што мора да го апсорбираме, затоа што никогаш не се знае кога и каде ќе треба да ги вкрстиме тие сознанија во нашата секојдневна пракса.
Но истовремено, не смееме да игнорираме некои од најбитните настани од поблиската историја, бидејќи честопати се случува фактите да се извртуваат, да се интерпретираат во согласност со некаква политичка агенда, а последиците од сето тоа можат да бидат непријатни.
Непосреден повод за сето ова е неодамнешната телевизиска дебата во која учествуваа Мерсел Биљали, универзитетски професор, аналитичар, но и советник на еден поранешен премиер, како и професорот Љубомир Цуцуловски. Во текот на дискусијата, во еден момент Биљали тврдеше дека „во 1991-92 година, Љубчо Георгиевски не беше во состојба да прифати во Владата Албанци“. На ова остро реагираше Цуцуловски со објаснување дека Георгиевски бил премиер, но подоцна, а во спомнатите години тој не можел да одлучува за составот на Владата. На крајот и самиот Биљали мораше да признае дека во владата на Георгиевски имало тројца Албанци, дека изреченото било во друг контекст…
Изненадува леснотијата со која се изнесуваат квалификации и наводни факти, кои можат да имаат посериозни последици, без некој малку да се загрижи околу тоа. Најмалку е важен во случајов Георгиевски и каков бил неговиот став.
Она што загрижува е фактот дека учесник во телевизиска дебата, кој се претставува како интелектуалец, толку лесно фрла лажни обвинувања кон кој било човек дека, ете, бил против Албанците. А не му е прв пат. Па, да не се правиме дека не сме од тука, добро знаеме што може да значи и да предизвика едно такво обвинување во оваа наша средина. И не само ова. Наместо како (поранешен) советник, можеби и нечиј сегашен, да советува со креативни идеи, насоки за одржлив општествен развој, за излези од ќор-сокаци на дневната политика, за економски политики што ќе генерираат економски раст, бидејќи, нели, форматот на интелектуалецот е поголем и затоа бил на такви функции, тој вербално произведува заблуди, лажни и погрешни информации, создавајќи во јавноста погрешни претстави и мислења (за нештата или за некого)! Па доста е веќе!
Од една страна се претставуваме како космополити, како луѓе со широки сфаќања, ама не пропуштаме прилика да фрлиме некоја отровна стрела кон точно определена цел. Зошто? Кому му служи сето тоа? Зошто да не бидеме повнимателни и попрецизни во искажувањето збор на јавна сцена? Професорот Биљали го гледаат негови студенти, разни луѓе што му веруваат на неговиот авторитет и кои нема да се сомневаат во неговите зборови. И така би требало да биде.
Но токму затоа и неговата одговорност, како и на секој друг што ќе се појави на јавна сцена, е дотолку поголема.
Такви фингирани информации можат да бидат многу опасни во даден момент, особено ако се стават во некој лош контекст. Токму затоа треба да бидат препознаени и жигосани.
Секој од нас има одговорност пред аудиториумот пред кој се обраќа. Сѐ додека не го сфатиме ова, ќе продолжиме да се труеме со омраза, со нетрпеливост, со сомневање. Наместо да се бориме со таквата состојба, ние само ќе продолжиме да го сееме семето на недоверба.
И после ќе ги бараме странците да ни помогнат да се разбереме. Или да ни го решат правосудството. Или здравството. Или образованието.