Во бугарските медиуми искажувањето на премиерот Христијан Мицкоски беше протолкувано како повторна интернационализација на прашањето за македонското малцинство во Република Бугарија на меѓународен план. На непринципиелните им пречат и конструктивна забелешка и критика што е насочена кон подобрување на односите помеѓу Македонија и Бугарија, како и односите помеѓу Скопје и Брисел. Да се биде добар пријател и да се има искрени намери за добрососедство, значи да се почитува другиот. Но во примерот со Софија и Брисел е очигледно дека има недостиг од емпатија, нешто што е суштинско за пријателските односи. Денес, како и во минатото, Софија и Брисел ги затвораат очите за негирањето на македонското малцинство и прекршувањето на човековите права, а да не говориме за негирањето на македонските национални особености
Луѓето се социјални суштества и пријателството е суштинска тема во филозофијата низ вековите. Не случајно Аристотел велел дека вистинското пријателство се заснова на меѓусебна добрина и е „една душа што живее во две тела“, а Марко Аврелиј (императорот филозоф) го сметаше пријателството за главна суштина на човековата природа, потсетувајќи нѐ дека „сме создадени еден за друг“. Но зошто е важно пријателството? Се вели дека пријателството е еден од најзначајните аспекти на животот, носи поддршка или радост, а честопати вистинските пријатели нѐ охрабруваат во тешки времиња. Покрај емоционалната поддршка, пријателството нѐ охрабрува да дадеме максимум од себеси, но нѐ учи и на емпатија, односно да сочувствуваме со другите.
Старите мудреци го вреднуваа пријателството како една од најскапоцените социјални врски што човекот може да ги има, бидејќи тоа е изградено на споделени искуства, разбирања и доверба, оттука добриот пријател секогаш нѐ прифаќа онакви какви што сме, а не какви што тој сака да бидеме. Но добриот пријател не секогаш треба да фали или поддржува туку, напротив, треба да упатува и критика, бидејќи конструктивната критика може да биде едно од највредните нешта во пријателството. Конструктивната критика не е понижување, туку насока и поттик за раст и развој. Доколку нашиот пријател прави грешка, укажувањето од наша страна е знак за грижа и за неговите одлуки или постапки. Пријателството може да трае целиот живот, но тоа треба да се гради со доверба и вистинска поврзаност, како и на споделени искуства, но и на доследност и меѓусебно разбирање. Вистинскиот пријател секогаш е отворен и искрен, тој е со нас во добри и лоши периоди, но пријателството бара време и труд.
Како што вистинското пријателство е условено од меѓусебно почитување и доверба, така и добрососедството зависи од љубезноста и меѓусебното почитување. Добриот сосед, како и добриот пријател, ни нуди помош кога е потребно и создава пријатна средина во која се чувствуваме поддржано. Со други зборови, добриот сосед ни подава рака и придонесува за топлината во меѓусебните односи. Совршен пример за тоа е кога му помагаме на соседот кога тој се мачи намирниците или кога проблемите ги решаваме на смирен и разбирлив начин, со избегнување ескалација на конфликтот.
Низ вековите мудреците го истражувале и концептот на добрососедство од различни етички, политички и социјални перспективи. Имануел Кант тврди дека луѓето имаат природна склоност кон конфликт, меѓутоа моралните принципи можат да ја ублажат таа тенденција и да поттикнат почитувачка коегзистенција. Со добрососедство се занимавал и Џон Лок, која ја нагласувал толеранцијата како клучен аспект на добрососедството. Тој верувал дека поединците имаат и право и должност да ги толерираат другите, негувајќи меѓусебна помош, добротворност и цивилизиран разговор за зајакнување на заедниците.
Пријателството и добрососедството се суштински за секојдневниот живот на обичниот човек, но се значајни и за односите помеѓу државите, нациите или општествата. Доколку помеѓу соседните држави или нации нема пријателство и добрососедство, односно има недостиг од почитување или разбирање, тогаш конфликтите се неизбежни и градат кинески ѕид од двете страни на оградата. Добрососедството и пријателството меѓу нациите и државите се условени и од искреноста, но и од укажувањето на грешките што се одразуваат негативно. Во таа насока беше и искажувањето на македонскиот премиер Христијан Мицкоски на средбата со Каја Калас дека на разговорите што ќе ги имаме со Бугарија би било добро властите на источниот сосед да слушнат и некои работи од минатото. Не случајно, Мицковски на оваа средба повторно го постави прашањето за македонското малцинство, нагласувајќи дека Македонија како држава е фактор на стабилност, но во регионот има земји што сакаат да рефлектираат нестабилност и добро би било да се слушне, да се седне на маса. Македонскиот премиер рече дека можеби од таа страна ќе чуеме аргументи што не сме ги знаеле, каде исчезнаа 200.000 Македонци во Западна Бугарија од 1956 до 1965 година.
Во бугарските медиуми искажувањето на премиерот Христијан Мицкоски беше протолкувано како повторно издигнување на прашањето за македонското малцинство во Република Бугарија на меѓународен план. Но изјавата на македонскиот премиер е конструктивна критика упатена кон Софија и Брисел, критика што е насочена кон подобрување на односите помеѓу Македонија и Бугарија, како и односите помеѓу Скопје и Брисел. Да се биде добар пријател и да се има искрени намери за добрососедство, значи да се почитува другиот. Но во примерот со Софија и Брисел очигледно е дека има недостиг од емпатија, нешто што е суштинско за пријателските односи. Денес, како и во минатото, Софија и Брисел ги затвораат очите за негирањето на македонското малцинство и прекршувањето на човековите права, а да не говориме за негирањето на македонските национални особености. Со други зборови, Софија и Брисел постојано нагласуваат дека им се пријатели на Македонија и македонскиот народ, но досега со ниеден гест не е потврдено тоа. Доколку Европската Унија ѝе пријател на Македонија, а Република Бугарија се залага за добрососедство со нас, тогаш треба да покажат меѓусебно почитување, а совршен пример за тоа ќе биде признавањето на македонското малцинство. Сѐ додека не се случи тоа, никогаш нема да има вистинско пријателство и добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија, како и со ЕУ. На крајот ќе завршиме со зборовите на Сенека (стоички филозоф), кој велеше дека пријателството треба да се заснова на доверба и меѓусебен бенефит, предупредувајќи на лажните пријатели.